1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преку Балканската рута не смее „пиле да прелета“

ЕМФ/ велт/афп
7 февруари 2017

Австрија во нова дипломатска офанзива за уште подобро затворање на Балканската рута. „Европските надворешни граници не се доволно заштитени“, оценува австрискиот министер Доскозил.

https://p.dw.com/p/2X60U
Idomeni Grenze Polizei Flüchtlinge
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

Балканската рута сѐ уште не е затворена како што би требало да биде, вели австрискиот министер за одбрана Ханс-Петер Доскозил. Во изјава за весникот „Велт“ Доскозил денеска најавува дека Австрија стреми кон нова балканска офанзива за заштита на границите „заедно со 15 други земји долж Балканската рута и држави од Вишеградската група“. Меѓу нив е и Македонија.

Според Доскозил, на Балканот и натаму има „голема активност на криминални шверцери и сигнификантен број на мигранти“. Во моментов, како што вели тој за „Велт“, во Австрија неделно доаѓаат по околу 500 до 1000 бегалци, меѓутоа, ситуацијата би можела да се влоши во секое време. Нагласувајќи дека „Ердоган не е партнер од доверба на ЕУ“ и оценувајќи дека Унијата не може многу да се потпре на договорот со Турција за бегалците, австрискиот министер соопштува дека владата во Виена во моментов работи на законски измени кои би требало да овозможат „распоредување на војници во странство не само од хуманитарни причини“, туку и „за заштита на границите на тие земји, доколку тоа биде побарано од нивна страна и доколку ние имаме доволно капацитети“.

Во случај на нов „масовен прилив“ на бегалци, државите кои би биле дел од „иницијативата за заштита на границите“ би можеле да дејствуваат брзо, тврди Доскозил. „Во случај на криза би требало да има заедничка слика на состојбата, јасно определени партнери за разговор и редовна размена на информации меѓу полицијата и армиските команданти на земјите учеснички“, наведува австрискиот министер за одбрана во денешен „Велт“.