1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прекин поради вода со силна радијација

25 март 2011

Во Јапонија расте загриженоста за ситуацијата во атомската централа Фукушима 1. Властите не исклучуваат дека јадрото во еден од реакторите би можело да биде оштетено. Силно контаминирана вода изгоре тројца работници.

https://p.dw.com/p/10hCb
Контролната соба на реакторот 1 во Фукушима ДаичиФотографија: AP

„Нешто во реакторот број 3 би можело да е оштетено“, изјави денеска Хидехико Нишијама портпарол на Јапонската агенција за нуклеарна безбедност. Тој притоа укажа дека оштетувањето би можело да е во јадрото на реакторот, но дека засега е ограничено. Со тоа се зголемува веројатноста за поголема радиоактивна контаминација на опкружувањето на атомската централа Фукушима 1, која беше тешко погодена од земјотресот и цунамито на 11 март. Во меѓувреме, новинската агенција Кјодо извести дека поради истекување на вода со силна радијација прекината е и работата за повторно вклучување на системите за ладење во реакторите 1 и 2.

Зоната за евакуација не се проширува

При поставувањето кабли во зградата каде што се наоѓаат турбините на реакторот 3, вчера тројца техничари дошле во контакт со вода, чија радиоактивност изнесувала 3,9 милиони бекерели на кубен сантиметар, што е 10 илјади пати зголемена радијација. Со оглед на тоа дека претходно таму не била најдена вода со зголемена радиоактивност, работниците не носеле заштитни чизми и радиоактивната вода им навлегла во чевлите. Двајца од тројцата техничари со тешки изгореници морале да бидат пренесени во специјална клиника.

Japan Fukushima Arbeiten am Reaktor wieder aufgenommen
Двајца работници добија тешки изгореници поради контаминираната водаФотографија: AP

Во Јапонија и натаму расте стравот од засилено радиоактивно зрачење. Експертите измериле 400 пати зголемена радиоактивност на 40 километри североисточно од нуклеарката Фукушима Даичи. Јапонската влада, меѓутоа, не планира натамошно проширување на зоната за евакуација околу централата. Портпаролот Јукио Едано соопшти дека на жителите во регионот на оддалеченост од 20 до 30 километри од нуклеарката им се препорачува доброволно да заминат во пооддалечени области. Едано подвлече дека ваквата препорака не е поради безбедносни причини.

Автор: СН/ЕМФ/дпа/ртр/ап

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска