1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговорите за Јамајка коалиција во криза?

Леа Фаут
8 ноември 2017

Патот до нова влада во Германија е тежок. Сондирачките разговори бавно напредуваат, а шефот на Либералите, Линднер, првпат спомена нови избори. Унијата и Зелените пак не се откажуваат од пеглање на разликите.

https://p.dw.com/p/2nAKU
Deutschland Fortsetzung der Sondierungsverhandlungen
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Сондирачките разговори меѓу партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ), Либералите (ФДП) и Зелените во Берлин продолжуваат, иако досега патот кон проектот идна влада на т.н. Јамајка-коалиција се покажа послан со бројни пречки. Разлики постојат во бројни теми: од заштита на климата до земјоделството, од ЕУ-политиката до домувањето и безбедноста.

И, што сега? Ко-шефицата на Зелените Катрин Геринг-Екард деновиве прогнозираше дека сондирачките разговори можат да бидат привршени дури кон крајот на идната недела, а канцеларката Ангела Меркел, за секоја сигурност, си даде уште подолг рок - средината на ноември. Но, уште сега е јасно: по жилавите преговори без вистински решенија, доаѓа фаза на вистински тест - во прашање е дали е Јамајка-коалицијата воопшто можна. Втората фаза од сондирачките преговори се најде во сенка на последната изјава на шефот на Либералите, Кристијан Линднер: „Не се плашиме од нови избори“, рече тој на викендот. Дали е во прашање чиста провокација?

Fortsetzung der Sondierungsgespräche
Чист блеф на Линднер? Фотографија: picture alliance/dpa/M. Kappeler

Подготвеност на бурни негативни реакции

Можеби и не е само провокација. Зашто, доколку постои партија која на нови избори не би имала ништо да загуби, тогаш тоа е Партијата на слободните демократи - Либералите. Таа има можност да влезе во владата, но и да се профилира во бескомпромисна опозициска партија, што би ѝ ги зголемило шансите на следните избори. Линднер заигра токму на таа карта - „Подготвени сме на секакви бурни реакции“, свесен дека бескомпромисноста добро проаѓа кај гласачите. 

Но, внесувањето на темата за нови избори во игра, може да е и дел од преговарачката стратегија на ФДП. На Либералите им е добро познато -   Зелените и Унијата по секоја цена сакаат опстојување на Јамајка - коалицијата,  без оглед на сите дисонантности. Заднината на заканата на Линднер со окончување на преговорите, можно е да е калкулација - да се предизвикаат дополнителни отстапки од страна на Зелените.

Ко-шефот на Зелените Џем Ездемир упати отворени критики на адреса на Линднер. „Брборењата“ за нови избори се неодговорни, изјави тој во Берлин: „Нас не нѐ избраа за на гласачите да им речеме - изборниот резултат не ни е по волја“. Избори и пак избори сѐ додека резултатот не им биде по мерка на политичарите, не е никаква опција, смета Ездемир, кој го обвини Линднер дека во преговорите не покажува доволна заинтересираност.

Deutschland Sondierungsgespräche Seehofer
Јамајка по секоја цена - ЦДУ и ЦСУ без вистински изборФотографија: Reuters/F. Bensch

Нестрпливост од стратешки причини

Во суштина, привидно толку одолговлечените сондирачки преговори и не траат толку долго. За споредба, за ковање на црно-жолтата коалиција (ЦДУ/ЦСУ и Либералите) во 2009. година беше потребно повеќе од еден месец. Сегашните сондирачки преговори траат нешто повеќе од две недели. Во овој контекст, зад притисокот на Линднер, со нота на нестрпливост, се проѕира стратешка намера.   

Интерес и на Унијата и на Зелените е сондирачките разговори да вродат плод.  Посебно на Христијанско-социјалната унија, која во Баварија има разнишана позиција и со 38,8 проценти на последните избори го оствари својот досега најлош резултат на сојузно ниво, губејќи бројни гласачи, кои преминаа кон АфД. Од неуспех на сондирачките преговори посебно треба да стравува шефот на ЦСУ, Хорст Зехофер, подложен на критичка внатрепартиска канонада во толкав степен, што во случај на нови избори веројатно ќе треба да се повлече од челната партиска функција. Младата Унија на ЦСУ уште сега бара негова оставка во пресрет на покраинските избори во 2018. година. Релативно добриот изборен резултат на АфД би можел да охрабри  бројни гласачи на ЦДУ и ЦСУ, на нови избори својот глас да им го дадат на десничарските популисти.