1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Превирања на врвот на спортскиот Олимп

Марк Кох / Александар Методијев10 септември 2013

Германецот Томас Бах важи за фаворит на денешниот (10.09.2013 година) избор на новиот претседател на Меѓународниот олимписки комитет. Но, тајните врски внатре во Комитетот би можеле да му ги расипат плановите на Бах.

https://p.dw.com/p/19eMC
Фотографија: picture-alliance/dpa

За многумина изборот на новиот претседател на Меѓународниот олимписки комитет веќе со месеци е готова работа. По силните подготовки, ветувања и визии, на што Томас Бах практично работи со децении, поранешниот германски репрезентативец во мечување би требало да стане деветтиот по ред претседател на Меѓународниот олимписки комитет.

Избори без предизборна кампања

Во изборот има шест кандидати – тројца од нив немаат никакви шанси за избор, двајца имаат мали, а еден е фаворит. Најжестоките ривали на Бах се Ричард Карион од Порторико и Нг Сер Мианг од Сингапур. Едниот е банкар од Јужна Америка, а другиот е дипломат од Азија. Двајцата, за разлика од Бах, во „предизборната кампања“ вложија многу мал труд. Вистинска предизборна кампања, како во политичкиот свет, овде е забранета.

Но, и покрај тоа зад кулисите се водат разговори и различни мали акции, се’ со цел придобивање на „гласачко тело“. Лобирање зад затворени врати. Затоа можеби најинтересното место овие денови, кога станува збор за високата спортска политика, е предворјето на хотелот Хилтон во Буенос Аирес. Стаклената зграда на хотелот овие денови е претворена во вистинска мала тврдина, во која можат да се повлечат кандидатите и оние кои ги гласаат, односно членовите на Меѓународниот олимписки комитет.

Без експерименти!

Кандидатите ретко зборуваат со јасен јазик и претставувајќи им се на гласачите се служат со заматени флоскули за единство преку различност, за повисоки вредности на спортот, страст кон олимписката идеја. Томас Бах во едно интервју направи мал исчекор и побара вистинска мала револуција во херметички затворениот свет на спортскиот Олимп.

Eröffnungsfeier Olympiade London 2012
Бах на отворањето на минатогодишната Олимпијада во Лондон, фотографиран со британската кралицаФотографија: Reuters

Тој сака да ги намали пречките за градовите да се кандидираат за Олимпијадата, а во работата на Комитетот сака да вклучи повеќе научници и уметници. Значи, малку свеж ветер за Меѓународниот олимписки комитет. Но, овие зборови ги нема во речникот на членовите на Комитетот. Шеици, принцови и поранешни дипломати и олимпијци, кои по правило го составуваат главното тело од 115 членови на Комитетот, не негуваат одбивност само кон транспарентноста, туку не се ни љубители на медиумите и промените. Во царството на олимписките прстени експериментите не се посакувани.

Тоа стана особено јасно по актуелниот избор на местото за одржување на Олимписките игри во 2020. година. Тоа што Олимпијадата ќе се одржува во Токио, на само 250 километри од атомската централа во урнатини– Фукушима, не е толку важно. Поважен е фактот дека во Јапонија владее поголема економска стабилност отколку во останатите земји-кандидатки, кои останаа со празни раце. Олимпискиот караван оди таму каде што може најдобро да се заработи. Парите управуваат со светот, па така и со Олимпискиот комитет.

Банкар или визионер

Кога тој факт ќе се земе во предвид, тогаш ниту изборот на Томас Бах веќе не е толку сигурен. Неговиот конкурент, Ричрд Карион, не се занимава со визии, но како искусен банкар добро се разбира во една работа – пари. Тој тоа го докажа како шеф на финансискиот оддел во Олимпискиот комитет, кога успеа имотот на Комитетот да го зголеми на 1,2 милијарди долари, во добар дел поради успешно завршените преговори околу ТВ правата. А тоа на членовите на Комитетот многу им се допадна.

На Бах, пак, му се забележува за блискоста со претставниците на режимите кои во светот не важат за љубители на демократијата и човековите права. Негов пријател, на пример, е кувајтскиот шеик Ахмед ал Сабах. До самиот избор Бах важи за еден од кандидатите со најголеми шанси. Но, „во отвореното море на Меѓународниот олимписки комитет се’ е можно“, забележува Валтер Трегер, член на Комитетот.