1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Првпат регистрирана мозочна активност на човек на умирање

Александер Фројнд
12 март 2022

Во трагични околности, случајно, научниците успеаја да регистрираат што се случува со човечкиот мозок кога човек умира: снимките наликуваат на сон, на последно сеќавање.

https://p.dw.com/p/47YaH
Symbolbild Klinischer Tod
Што се случува со нашиот мозок во моментите пред смртта? Фотографија: Andrés Cónema/Zoonar/picture alliance

Се работеше за коинциденција во една трагедија: по пад, 87-годишен маж во многу тешка состојба бил донесен во ургентен центар многу брзо по несреќата. Поради тоа што човекот имал епилептични напади и грчење, невролозите го приклучиле на ЕЕГ-апарат. Со овој апарат на одредени делови на главата се прикачуваат електроди кои може да мерат мозочни активности. За време на прегледот човекот доживеал срцев удар и починал.

Но, благодарение на овие трагични околности за првпат е снимена мозочна активност на човек на умирање, велат невролозите кои ги анализираа податоците.

Според студијата објавена во медицински журнал, тие веројатно се приближиле до одговорот на прашањето што ни се случува во моментот на умирање.

Сон или сеќавања?

При анализата на снимката од 15 минути мозочна активност околу времето на умирање, тимот се концентрирал пред сѐ на последните 30 секунди пред да настапи смртта и 30 секунди кога срцето престанало да чука.

Тимот открил зголемена активност кај одредена форма на мозочни бранови, таканаречените гама-осцилации. Моделите на ритмички мозочни бранови снимени за време на смртта на мажот биле слични на оние што се случуваат за време на сонување, враќање на меморијата и медитација.

Symbolbild Kardiogramm
Кога срцето престанува да чука: Во моментите на срцев удар лекарите непланирано ги снимиле мозочните бранови во моментот на смрттаФотографија: Yann Tang/Zoonar/picture alliance

Специфичниот тип на мозочни бранови снимени во мозокот на умирање - наречени нервни осцилации - исто така сугерираат дека човекот веројатно го гледал својот живот како се одвива пред неговите очи преку „потсетување“, вели организаторот на студијата д-р Ајмал Земар, неврохирург на Универзитетот во Луисвил, во американската сојузна држава Кентаки. Според Земар, резултатите укажуваат дека нашиот мозок може да остане активен и координиран за време, па дури и по преодот кон смртта.

„Генерирајќи осцилации поврзани со враќање на меморијата, мозокот веројатно игра улога како последен потсетник за важни животни настани непосредно пред смртта, слично на искуствата на луѓе во кома или кои биле блиску до смртта“, вели д-р Земар.

Споредливо со искуствата што ги имаат клинички мртви луѓе

Научно, ваквите искуства се случуваат во времето помеѓу клиничката смрт и реанимација. Дел од лицата кои го доживеале ова пријавуваат блиц-спомени кои им се вртат како на филм, „одвојување“ од телото (автоскопски искуства или искуства на напуштање на телото), пејзажи или силна светлина на крај од тунел. Некои пријавиле дека почувствувале голема среќа, други доживеале вознемиреност или паника.

Очигледно, таквите искуства се јавуваат почесто кога реанимацијата траела особено долго и кога снабдувањето со кислород во мозокот е нарушено подолг временски период. Ова недоволно снабдување на мозокот првенствено влијае на темпоралниот дел и париеталниот лобус на мозокот, како и на клучната точка Gyrus Angularis. Сè уште е нејасно дали таму се случуваат овие блиски до смртта искуства.

Нова надеж во медицината: Детален поглед во мозокот

Се отвораат други важни прашања

Генерално, не може да се извлечат општоважечки заклучоци од случајното снимање на активностите на еден единствен човечки мозок на умирање. Студијата се заснова на тој еден случај, а пациентот боледувал и од епилепсија.

Но, „овие резултати го доведуваат во прашање нашето поимање за тоа кога точно завршува животот и покренуваат важни дополнителни прашања, на пример во врска со моментот за донирање органи“, вели неврологот Земар. Тој верува дека „резултатите им даваат надеж на невролозите подобро да го разберат феноменот на „потсетување на животот“, кој често го пријавуваат луѓе кои имале искуства блиску до смртта.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема