1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прво ветување од КОП26: Спас на шумите на планетата

СН/агенции
2 ноември 2021

На светскиот самит за климата во Глазгов, повеќе од 100 земји се обврзаа дека ќе го запрат уништувањето на шумските површини. Проектот треба да се финансира со десетици милијарди и првично ќе трае до 2030 година.

https://p.dw.com/p/42Sef
Шумите ширум светот исчезнуваат со драматично темпо, а овој тренд сега треба да биде променет
Шумите ширум светот исчезнуваат со драматично темпо, а овој тренд сега треба да биде променетФотографија: WILDLIFE/I.R.Lloyd/picture alliance

Повеќе од 100 светски лидери доцна вечерта во понеделникот ветија дека до крајот на деценијава ќе ги запрат и ќе ги променат трендовите за уништување на шумите и деградација на почвата, а тоа ќе биде поддржано и со 19 милијарди долари јавни и приватни средства.

Декларацијата за користење на шумите и земјиштето ќе покрива шуми со вкупна површина од околу 20 милиони квадратни километри, а заедничката изјава на конференцијата за климатските промени на ОН (КОП26) која се одржува во Глазгов, меѓу останатите ја поддржаа и Бразил, Индонезија и Демократска Република Конго, на чии територии се наоѓаат големи пространства тропски дождовни шуми.

Во име на лидерите на земјите за декларацијата извести канцеларијата на британскиот премиер Борис Џонсон, кој утврди дека ова е договор без преседан. „Ќе имаме можност да ја запреме долгата историја на човештвото како освојувач на природата и наместо тоа ќе стане нејзин чувар“, изјави Џонсон.

Според непрофитната организација Светски институт за ресурси (СИР), шумите апсорбираат околу 30 отсто од емисиите на јаглерод диоксид.

Повеќе: За климата треба да се зборува уште во основно училиште

Сепак, овој „природен климатски тампон“ брзо исчезнува, а според податоците на СИР, светот во 2020 година загубил 258 илјади квадратни километри шума, што е подрачје поголемо од Обединетото Кралство.

Договорот од понеделникот во голема мера ја проширува сличната заложба претходно преземена од 40 земји во рамки на Декларацијата за шуми во Њујорк во 2014 година и оди подалеку од кога било во одредување на ресурсите за постигнување на таа цел, пишува агенцијата Ројтерс.

Според договорот 12 земји, вклучувајќи ја и Британија, се обврзаа да обезбедат 12 милијарди американски долари јавно финансирање меѓу 2021 и 2025 година за помош на земјите во развој, вклучувајќи напори за обнова на деградираната почва и сузбивање на пожари.

Најмалку дополнителни 6 милијарди долари би обезбедиле над 30 вложувачи од приватниот сектор, вклучувајќи ги копаниите Авива, Шродерс и АХА.

Вложувачите, кои вкупно управуваат со имот во вредност од околу 8,7 милиони долари, исто така, се обврзаа дека до 2025 година ќе запрат со вложување во активности поврзани со уништување на шумите, што се однесува и на производството на говедско, масло од палма, соја и пулпа.

До кога ќе шумат шумите?

Пет земји, вклучувајќи ги и Велика Британија и САД, и група добротворни организации, се обврзаа дека ќе обезбедат и 1,7 милијарди долари за да ги поддржат домородните жители во зачувување на шумите и зајакнувањето на нивните права на земјиште.

Најважна цел на конференцијата во Глазгов е да се донесат одлуки со кои растот на температурата би се задржал на максимално 1,5 степени во однос на прединдустрискиот период, при што научниците велат оти шумите и таканаречените „решенија темелени на природата“ ќе бидат од витално значење за постигнување на целта.