1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прва награда за истражувачка сторија за новинар на ДВ

DW27 мај 2016

Новинарот на ДВ, Борис Георгиевски ја освои првата награда на конкурсот на ЕУ за најдобра истражувачка сторија во Македонија за 2015 година, за серијата истражувања „Досие Телеком“

https://p.dw.com/p/1IvpL

Новинарот на Македонската редакција на Дојче Веле, Борис Георгиевски ја освои првата награда на конкурсот на ЕУ за најдобра истражувачка сторија во Македонија за 2015 година, за серијата истражувања „Досие Телеком“ објавени на порталот Призма. Второнаградено е истражувањето „Скопје 2014 под лупа“ на БИРН/Призма, додека третонаградена е новинарката на ТВ Телма Билјана Николовска, за серијалот „Од невработени до затвореници“.
Во образложението на одлуката за доделување на првата награда на Георгиевски жири-комисијата го наведува следното:

„Сторијата ги обелоденува случувањата поврзани со корупциската афера „Телеком“ и бројните контроверзи кои ги следат работењето на компанијата и односите со македонскиот политички врв од 2001 година наваму. Жири - комисијата смета дека авторот обработил многу значајна тема поврзана со големиот
корупциски скандал во кој се вмешани личности од највисоките врвови на македонската политика, кој со години е мистериозно заглавен во домашните органи на прогонот и чека институционална разрешница.
Преку длабинска обработка на голем број релевантни документи и разговори со дел од непосредните актери во случувањата, авторот открива нови моменти во процесот на лобирање, преговори и склучување на фиктивни договори меѓу клучните играчи во аферата. Сторијата е исклучително квалитетно
и професионално подготвена и раскажана на начин кој им овозможува на читателите јасен преглед на случувањата и на презентираните факти и сведоштва. Иако на прв поглед може да се чини дека во оваа афера нема нешто спектакуларно ново да се каже, особено по сведочењето на поранешниот разузнавач Слободан Богоески, начинот на којшто е обработена оваа сторија и новите детали што се презентирани, фрлаат ново светло во оваа корупциска шема која сите сакаат да ја скријат и никогаш веќе да не се споменува.
Она што е особено квалитетно во оваа сторија во повеќе продолженија е квалитетот на новинарското изразување, новинарската техника со која е напишана, што е убав знак дека во македонското новинарство не е се така занаетски црно или површно. Жири-комисијата му честита на авторот на неговиот труд и верува дека оваа сторија, заедно со десетината други напишани во други медиуми за истава тема ќе придонесе да помрдне истрагата во оваа голема корупциска афера.“

Георгиевски не беше во можност да присуствува на доделувањето на наградата, па својата благодарност ја изрази преку видео-порака.

Прва награда за истражувачка сторија за новинар на ДВ