1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Празни рафтови - диригирана криза во северно Косово?

Милица Андриќ-Ракиќ
2 јули 2019

Затворени продавници и празни рафтови во северно Косово. На косовските царини и стопирањето на шверцерски рути, локалните Срби одговараат со бојкот на косовски производи. Дали е тоа организирана криза?

https://p.dw.com/p/3LS8J
Lebensmittelknappheit in Nordkosovo
Оркестриран недостиг на производи во северно Косово? (Фото: М. Андриќ-Ракиќ)Фотографија: DW/M. Andric-Rakic

„Ова е катастрофа“, ни вели една жена од Северна Митровица. Во рафтовите на продавниците таа веќе не наоѓа некои млечни производи, лебот побрзо го снемува, потребно е да се обиколат повеќе продавници за да се најдат пелени, брашно и други продукти. „Постојано нешто се префрла на грбот на народот, некој мора нешто да направи“, додава жената.

Најавата за недостиг во српските средини во северно Косово овојпат стигна од Приштина. Премиерот Рамуш Харадинај неодамна ја предупреди јавноста дека група српски претприемачи ќе се обиде да прикаже „лажна хуманитарна криза“, по што ќе следи наезда на приштински новинари во Митровица и главно потврдување на изјавата на Харадинај – дека станува збор за лажна криза. Иако е уште претерано да се зборува за „хуманитарна“, жителите во северно Косово секако ќе се согласат дека криза веќе постои.

„Солидарен“ бојкот

Трговците од северно Косово пред десетина денови, по апсењето десетици лица осомничени за криумчарење, престанаа да користат „алтернативни патишта“ за донесување стока од централна Србија. Преку тие патишта српската заедница со години нелегално се снабдува со лекови и школски учебници, што тука се смета за „оправдан шверц“.

„Моравме да се снаоѓаме“, неволно одговара еден трговец на прашањето како досега немало недостиг. Во последните месеци, според пишувањето на медумите, се запленети неколку камиони полни со стока. Шверцот процвета по одлуката на косовската влада од минатиот ноември да воведе драконски царини за производите од Србија и БиХ.

Lebensmittelknappheit in Nordkosovo
Празни рафтови и гајби во МитровицаФотографија: DW/M. Andric-Rakic

Фрижидерите со млечни производи ретко се полни, на пазарите има сѐ повеќе празни гајби и тезги, довршуваат и минералната вода и пивото.

Како одговор на царините, српските трговци решија замена за српската стока да не бараат јужно од Ибар, односно да не ја набавуваат од албански доставувачи. „Ајде ве молам, какви косовски производи, што прават тие? Овде никогаш не ни имало такво нешто“, ни вели еден трговец на пазарот во Северна Митровица. Тој додава дека од албански дистрибутери купувал овошје и зеленчук кое потекнува од Македонија и од Грција.

Додека српските трговци во јужно Косово се прилагодени, тие од северот воглавно велат дека се „солидаризирале“ во намерата да не набавуваат косовски производи. Има и такви кои кратко одговараат дека им е „така речено“, но не сакаат да откријат дали трпеле притисоци за да се „солидаризираат“.

Бојкотот на трговците ескалира оваа недела. Во општините во северно Косово вчера и денеска се затворени сите продавници, аптеки, ресторани и кафулиња.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги негираше обвинувањата на Харадинај дека намерно инсценирал криза. „Ќе правиме она што можеме, а што е тоа, нема да ви зборувам. Нема да дозволиме нашиот народ да умре од глад, иако многумина тоа би го сакале“, изјави Вучиќ.

Оркестрирана криза?

Миодраг Маринковиќ, политички аналитичар од Северна Митровица, смета дека бојкотот на косовска стока нема економско оправдување, туку е политички мотивиран, но донекаде и оправдан. На граѓаните од северно Косово не им е оставен избор меѓу два или повеќе производи, туку им се наметнува еден пазар и производите на него“, вели Маринковиќ за Дојче веле.

Слично размислуваат и граѓаните или барем така им велат на новинарите. Мнозинството од граѓани одлучно одговараат дека во случај на хронична криза, нема да одат во јужна Митровица да купуваат, иако порано оделе и во трговските центри „од онаа страна на мостот“.

Kosovo Serbien l Alltag in Mitrovica - Ibar-Brücke
Само малкумина Срби ќе го преминат мостот за да одат да купуваат во јужна МитровицаФотографија: DW/J. Djukic-Pejic

Некои тоа го прават од пркос, но има и такви за кои е економски неисплатливо секојдевно да конвертираат динари во евра. Во северно Косово речиси целиот промет се врши во динари, додека јужно од реката Ибар, со исклучок на српските енклави, единствена валидна валута е еврото.

Сепак, се стекнува впечаток дека граѓаните, навикнати на зачестени кризи,  сметаат оти ни оваа ситуација нема долго да потрае и дека „нешто ќе се реши“.

Повеќе: 

САД се повторно клучен играч во дијалогот Србија-Косово?

Србија и Косово- Недовршени држави

Видео: Драматичен раст на тензиите на северот на Косово

Ни Маринковиќ не смета дека времето во кое настана најновата криза е случајност. „Тоа е позиционирање пред продолжувањето на преговорите и постигнување сѐопфатен договор за нормализација на односите. Иста заднина има и основната причина на оваа криза, наметнатите такси на производите од Србија и БиХ.“

Нашиот соговорник сепак верува дека бојкотот на косовски производи е резултат на притисок. „Ако на семејствата од северно Косово им е потребно млеко за децата, би го купиле во јужно Косово. Во тоа може да ги спречи само организирано заплашување, јавен или скриен притисок. Таков притисок моментно е видлив“, заклучува Маринковиќ. Ако локалните продавници подолго останат празни, мнозински дел Срби од север ќе одат во поголеми набавки во Рашка или Нови Пазар. Веќе сега купувањето во пресрет на слави и празници се врши во овие градови, а има и такви кои одат таму за да подигнат лекови на рецепт.