1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Почнаа турско-руските патроли во северна Сирија

СН/агенции
1 ноември 2019

Патролите се резултат на договорот на Турција со Русија од 22 октомври- околу две недели по почетокот на турската воена офанзива против курдските милиции во северна Сирија, која наиде на меѓународни критики.

https://p.dw.com/p/3SKi8
Nordsyrien  Sanjak Saadoun Abzug YPG Einheiten
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Souleiman

Турција и Русија денеска почнаа заедно да патролираат во североисточна Сирија во рамки на договорот со кој е завршена турската офанзива против сириските Курди.

Турското Министерство за одбрана денеска на Твитер објави дека е почнато патролирање во областа ал-Дарбаси, со руски и со турски војници, со оклопни возила и со дронови.

Патролите ќе покриваат два сектора западно и источно од труската зона на дејствија, со длабочина од 10 километри, и нема да го покрива градот Камишли, се наведува во вчерашното соопштение на турското министерство.

Министерството за одбрана во Москва потврди дека првата патрола започнала на пладне по локално време. Таа се движи во насока на запад по должина на сириско-турската граница. Севкупно девет единици, безбедносни возила и транспортери на руската воена полиција се во движење на рута од повеќе од 110 километри, соопшти министерството.

Повеќе:

-Ќе ја исфрлат ли Турција од НАТО?

-Не успеа во Сребреница и во Руанда, дали може да успее во Сирија?

-Победниците и губитниците во северна Сирија

Курдските борци врз основа на руско-турскиот договор се приморани да се повлечат на 30 километри од турската граница, а Русија наведе дека тоа повлекување е завршено.

Nordsyrien  Sanjak Saadoun Abzug YPG Einheiten
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Souleiman

Турција сака да воспостави безбедносна зона од 30 километри од својата граница кон Сирија за да се оддели од сириските курдски борци, кои ги смета за терористи, а кои се сојузници на запад во борба против екстремистите од Исламска држава.

Договорот со Русија постигнат на 22 октомври и договорот со САД постигнат неколку дена претходно овозможи завршување на турската офанизва која започна на 9 октомври против курдските сили на североистокот на Сирија. Русија вчера потврди оти повлекувањето на курдските сили од овие области е завршено.

Турскиот претседател Реџеп таип Ердоган пред два дена  изјави дека Турција може да провери дали навистина е завршено повлекувањето по започнувањето на заедничките патроли со Русија.

Тој рече оти руската страна им пренела дека 34.000 припадници на „терористичката организација“ ја напуштиле зоната 30 километри од границата со 3.260 парчиња тешко вооружување, и оти Турција ќе даде соодветен одговр кога ќе констатира на теренот дека тоа навистина е сторено.

„Си земаме за право да ја продолжиме нашата операција ако видиме дека терористите не се повлекле од зоната од 30 километри или ако продолжат нападите без разлика од каде доаѓаат“, изјави Ердоган