1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Почина кино-дивата Жана Моро

ЖА
31 јули 2017

Со својата сензуална убавина и уникатниот рапав глас, Моро ги фасцинираше подеднакво режисерите и публиката. Француската филмска легенда почина на возраст од 89 години во Париз.

https://p.dw.com/p/2hRhE
Jeanne Moreau französische Schauspielerin
Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Tejido

Во текот на долгата кариера, Жана Моро сними преку 130 филмови, меѓу кои и оние кои се вбројуваат во класика - „Лифт до губилиште“ и „Жил и Жим“. Соработуваше со режисери-великани како Орсон Велс, Франсоа Трифо, Луј Мал, Вим Вендерс и Рајнер Вернер Фасбендер, и самата режираше и како пејачка сними повеќе плочи.

„Одбив многу понуди, не правев кариера, туку пред сѐ живеев“, изјави таа во интервју по повод својот 80-ти роденден. Самата себе си се сметала за „мрзлива и нерешителна“, но „наеднаш сфатив дека и покрај ваквата привидна немарност, сум постигнала многу работи“, рече таа во 2008. година.

Тоа е всушност скромно претставување на беспримерната кино-кариера на Жана Моро. Таа играше во дел од најзначајните француски филмови, ја доби француската киноматографска награда Цезар, на Канскиот фестивал го освои признанието за најдобра актерка, а во 1998 година Оскар за животно дело. Орсон Велс своевремено ја нарече „најдобрата актерка во светот“.

Жана Моро е родена во 1928 година во Париз. Татко ѝ бил гастроном, а мајка ѝ британска танчерка. Против волјата на таткото го посетувала Парискиот конзерваториум и учела глума. Во филмовите таа често играше улоги на бунтовни, либерални карактери и фатална жена. 

Моро до крајот на животот остана активна актерка. Таа денеска била пронајдена мртва во својот стан во Париз.