1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потрага по причината за мега-помрачувањето

СН/ агенции
17 јуни 2019

По целосниот прекин во снабдувањето со електрична енергија во Аргентина и Уругвај, експертите и натаму се во недоумица околу причината. Во меѓувреме, речиси сите светилки повторно светат во двете јужноамерикански земји.

https://p.dw.com/p/3KZTj
Blackout im Südwinter - Argentinien und Uruguay ohne Strom
Фотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS/R. A. Aveledo

Десетици милиони луѓе останаа без струја во Уругвај и во Аргентина по неразјаснетиот прекин во поврзаната електроенергетска мрежа во двете земји. Благодарение на големите напори на властите да овозможат снабдување со струја во меѓувреме околу 40 милиони Аргентинци и три милиони Уругвајци добија електрична енергија.

Инаку на вчерашните регионални избори во Аргентина избирачите гласаа со помош на светлата на нивните мобилни телефони. Јавниот превоз не функционираше, а беа затворени и продавниците во двете земји. Познато е дека електроенергетската мрежа на Аргентина и на Уругвај е во многу лоша состојба, но досега никогаш се нема случено целосен прекин во снабдувањето на електрична енергија. Делумни прекини се случуваат релативно често и тоа на лето во декември, кога температурите се искачуваат преку 40 Целзиусови степени.

Blackout im Südwinter - Argentinien und Uruguay ohne Strom
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/T. F. Cuesta

Причината за колапсот на системот кој се случи вчера во 7 часот наутро по локално време сѐ уште не е утврдена, истакна аргентинскиот претседател Маурицио Макри. Секретарот за енергија Густаво Лопатеги пак објасни дека системот автоматски се исклучил, бидејќи била забележана дестабилизација на напонот. Во една недела без екстремни температури мрежата располага со резерви на електрична енергија од 20 проценти, и затоа целосното исклучување не било нормално. Лопатеги притоа не ја исклучи можноста за хакерски напад, но додаде дека смета дека таа е малку веројатна. Тој очекува резултатите од истрагата на бидат познати во рок од седум до десет денови.