1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Потрага по исчезнатите и истрага за експлозијата

СН/агенции
28 јули 2021

По експлозијата во постројка за согорување отпад во Леверкузен, полицијата од утре ќе започне истражна постапка на местото на несреќата. Во преден план во моментов, меѓутоа, е потрагата по исчезнатите лица.

https://p.dw.com/p/3yAwN
Explosionen Chempark Leverkusen
Фотографија: Oliver Berg/dpa/picture alliance

Во експлозијата во Леверкузен, според досегашните сознанија, загинале две лица, а повредени се 31. Во моментов се трага по уште пет лица, но надежите дека ја преживеале несреќата се сѐ помали.

Еден портпарол на „Хемпарк“, во обраќањето за медиумите рече дека детонацијата била многу силна и оти уништувањето е големо. Според неговите зборови, причината за експлозијата не се знае и ќе биде потребно уште извесно време да се дојде до првите сознанија за тоа. „Хемпарк“ е една од најголемите фабрики за обработка на хемиски отпад во Европа.

Во меѓувреме полицијата во Леверкузен најави дека утре ќе започне истражна постапка на лице место. Според нејзиниот портпарол, планиран е увид на местото на несреќата, заедно со судски вештак и одговорните лица на „Хемпарк“.

Последиците од страотната експлозија во Леверкузен

Експлозијата се случи вчера (27.7.) во 9 часот и 30 минути, а експлодирал еден од резервоарите со опасни материи во „Хемпарк“, градска депонија со печки за согорување за сите видови отровен отпад. Детонацијата била толку силна што се слушнала и во 17 километри одалечениот град Золинген. Во овој град се чувствувал и мирис на согорени хемикалии, бидејќи облакот од чад од Леверкузен продолжил во насока на североисток.

Повеќе:

-Eксплозијата во Леверкузен регистрирана на 40 километри оддалеченост

-Експлозија во хемиска компанија во Леверкузен

Непосредно по експлозијата, полицијата ги предупреди граѓаните, ако можат, да го напуштат отворениот простор, а сите кои биле во своите домови се советувани да ги затворат прозорците и вратите поради „екстремна опасност“. Пожарот прво почнале да го гаснат пожарникарите од пожарникарната единица на самиот „Хемпарк“, а потоа им се придружиле и пожарникари од Леверкузен и од Келн.

Infografki Map Explosion Chempark EN

Трите блиски автопати беа затворени за сообраќај, а повторно беа отворени во попладневните часови. Жителите на Леверкузен и местата преку кои поминал отровниот облак се предупредени да не ги јадат плодовите од своите градини поради можност дека се контаминирани со прашина опасна по живот. Службата за вонредни ситуации наведе оти оваа прашина и во текот на наредните денови би можела да паѓа во загрозените подрачја.

Покраинскиот завод за животна средина, природа и заштита на потрошувачите, ЛАНУВ, во покраината Северна Рајна-Вестфалија соопшти дека во близината на „Хемпарк“ се затворени детските игралишта поради опасност од диоксински „паѓања“. Граѓаните се упатени да пријават во Заводот ако забележат дека на земјиштето околу нив слегнале прашина и остатоци од палеж, и да не ги допираат поради опасност од труење. Квалитетот на воздухот во Леверкузен и во околината е во континуиран надзор. Во моментов, не е регистрирано зголемено ниво на опасни честички во воздухот. Според ЛАНУВ, првична проценка за тоа дали може да се најдат релевантни супстанции во врнежите по пожарот, е можна само дури кон крајот на неделата.