1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потписите од 61 пратеник - клуч за собраниска седница

17 март 2017

По примањето на иницијативата за собраниска седница, Вељаноски треба да свика координација за да се договори составот на Комисијата за избори и именувања и дневниот ред. Партиите од мнозинство тоа го очекуваат денеска.

https://p.dw.com/p/2ZMVA
Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

Oдност кон иницијативата за закажување на продолжение на конститутивната седница на парламентот, брзината со која претседавачот Трајко Вељаноски ќе ја закаже седницата, како и атмосферата што ќе се гради во пресрет на нејзиното одржување, ќе бидат лакмус за однесувањето на политичките лидери во земјата: дали се искрено заинтересирани за дебокирање на демократските процеси или некои од нив имаат други агенди.

Според политички и дипломатски извори, ова е линијата од која ќе се набљудуваат неопходните чекори за поместување од сегашното статус-кво и за ефектуирање на волјата на мнозинството преку демократски и функционални институции.

Од иницијаторите вчера било побарано да дадат доказ дека имаат поддршка од најмалку 61 пратеник за продолжување на седницата, па иницијативата поткрепена со 67 пратенички потписи утрово ќе биде доставена до претседавачот Трајко Вељаноски. Од Собранието вчера потенцираа дека нема рокови кога Вељаноски треба да ја закаже седницата. Според правни експерти, ваквото „потсетување“ е непотребно, освен ако нема некоја друга тенденција, бидејќи се подразбира дека седницата треба да се закаже во најбрз можен рок, како што сведочи и досегашната собраниска практика. 

По примањето на иницијативата, Вељаноски треба да свика координација за да се договори составот на Комисијата за избори и именувања, која треба да го предложи новиот собраниски претседател, и да се одреди дневниот ред на седницата. Според партиски информации, ВМРО-ДПМНЕ инсистирала на мнозинство и на претседател во Комисијата, односно да има 6 члена, СДСМ - 5, а ДУИ и Беса по еден. Предлогот на СДСМ бил тие и ВМРО-ДПМНЕ да имаат по 5 членови, ДУИ два и Беса еден.

Trajko Veljanoski
Трајко Вељаноски треба да свика координација за да се договори составот на Комисијата за избори и именувањаФотографија: MIA

Двојни аршини за судството и медиумите

Но, засега тоа е најмалиот проблем. Од ВМРО-ДПМНЕ претходно најавија дека немаат намера да го блокираат одржувањето на седницата и изборот на претседател, но последните соопштенија оставаат неизвесност за натмошните чекори на партијата. Поводот за поинакво дејствување беше навестен во реакцијата по изречената мерка притвор за бизнисменот и сопственик на ТВ „Нова“, Сеад Кочан, кој е осомничен од СЈО во преметот „Труст“.      

„Доколку се подлегне на притисокот и на политичките влијанија од СДСМ и незаконски се потврди притвор, сѐ додека тој трае, ВМРО-ДПМНЕ во знак на протест против обидот за загушување на овој медиум и на демократијата и слободата на медиумите, и истовремено закана кон останатите медиуми во кои во некои од нив веќе се врши тортура од СЈО, ќе ги преземе сите расположливи политички и демократски мерки и чекори во правец на спречување на недемократско однесување на СДСМ, која е на власт во СЈО и целосно управува со него и го контролира. Незаконското одредување притвор под притисок на СЈО, СДСМ и Заев, на сопственикот на овој медиум дополнително и многу сериозно ќе ја продлабочи политичката криза во земјата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ, и покрај декларативните заложби за независно судство во кое партиите нема да се мешаат, со ова изврши најдиректен притисок врз судот“, коментираат судии. Според нив, „аргументацијата“ за наводна одбрана на слободата на медиумите е лицемерна, бидејќи токму ВМРО-ДПМНЕ во случајот со Велија Рамковски и ТВ „А1“ тврдеше дека „нема никакви обиди за загушување на кој било медиум, ако неговиот сопственик е осомничен за незаконски активности“. Одлуката на скопскиот Апелациски суд, кој вчера одлучуваше по жалбата и го потврди притворот за Кочан, според партиски извори, сега може да биде искористена како изговор за „преземање други мерки“ од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а кои може да се одразат и на процесите во парламентот.

Mazedonien das Parlament stimmt für die Selbstauflösung
Договор за претседател на Собранието наводно сѐ уште не е постигнатФотографија: MIA

Капацитетна личност

Од партиите во мнозинството велат дека не очекуваат одолговлекување на овој процес и дека сѐ ќе се реализира во согласност со законите и добрите практики. Но, доколку Вељаноски реши да тактизира со закажување на седницата, таа може да биде свикана и од најстариот пратеник во новиот состав - Бранко Манојловски од ДУИ.

Договор за претседател наводно сѐ уште не е постигнат, а предлози за спикерското столче имале сите партии. Неофицијално, за еден од најсериозните кандидати за таа функција се смета Талат Џафери од ДУИ.

Одговарајќи на новинарско прашање дали е договорено претседател на Собранието да биде Албанец, минатата недела Заев потенцираше дека нема предрасуди за етничката припадност ни на претседателот на Собранието, ниту на која било друга институција.

„Она што го очекувам е капацитетност, личност која ќе отвора дебати, ќе разговара со опозицијата и ќе консолидира идеи“, рече лидерот на СДСМ.