Поскап паркинг за големи автомобили
27 септември 2021Шест пати повисока цена за паркирање на големите возила ќе плаќаат во иднина граѓаните на германскиот град Тибинген. Општинскиот совет одлучи наместо досегашните 30 евра годишно, газдите на големите автомобили како популарните СУВ во иднина да плаќаат по 180 евра годишно. Се работи за паркирање за резиденти кое досега во Германија беше законски ограничено на 30,70 евра годишно. Со измената на законот за сообраќај, сега таа надлежност им е префрлена на покраините, а тие пак имаат право да им ја префрлат на општините.
Па така, во Тибинген веќе одлучија да ја зголемат цената за годишното паркирање за „нормалните“ возила на 120 евра годишно, а сопствениците на поголемите ќе плаќаат и повеќе. Поскапувањето не ги опфаќа само социјалните категории граѓани кои ќе добиваат попуст од 50%.
Градоначалникот на Тибинген, Борис Палмер од партијата на Зелените, вели дека досегашната цена не била пазарна досега, а нема да биде ни во иднина затоа што изградбата и одржувањето на паркинг местата чинело далеку повеќе од сега предвидените 50 евроценти на ден.
Градските власти во Фрајбург воведоа уште повисока цена- 360 евра годишно- за паркирање за резиденти. Таква ставка, Палмер сакаше да им наметне на сопствениците на СУВ возилата, но општинскиот совет го одби неговото барање.