1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Порно филмови во контролната соба?

Андреас Бекер / З. Јордановски21 мај 2016

Кога индустриските машини се поврзани со интернет, фирмите се изложени на опасност од вируси, шпионажа и саботажа. Бизнисот со безбедноста стана битен и околу него се бие голема битка.

https://p.dw.com/p/1IpER
Фотографија: Daimler und Benz Stiftung/Oestergaard

Пред 25 години компјутерите во германските канцеларии или воопшто не беа вмрежени, или пак само во рамките на фирмата. Денес е тешко замислив компјутер без пристап кон интернет. Мрежното поврзување го зголеми значењето на безбедноста во информатичката технологија (ИТ) - денес насекаде се стандардна работа антивирусни скенери, права на користење и лозунг за пристап.

Ваквиот развој е сѐ уште на самиот почеток кај она што се нарекува индустрија 4.0: машини кои меѓусебно комуницираат, на пример, во зависност од задачата да се промени алатот или пак да се соопшти наредниот термин за редовното одржување.

Ако тоа се случува глобално, значи преку интернет, тогаш се испречуваат истите безбедносни прашања како и кај компјутерот. „Но, не можете да најдете ниеден скенер за вируси за некоја машина, такво нешто сѐ уште нема“, вели Гордон Мил, шеф за Германија на индиската ИТ-фирма „Инфосис“, каде како потпретседател е задолжен и за индустријата 4.0.

За разлика од канцелариските компјутери, кои на секои неколку години се заменуваат со нови, индустриските постројки или роботите се користат многу подолго. Соодветно се застарени и системите со кои машините пренесуваат информации. „Постоечките системи се делумно стари и по 20 години или и уште повеќе“, вели Мил. „При нивниот развој не се мислело на интернет и на тоа дека се потребни и мерки за безбедност на податоците“.

Многу индустриски постројки и роботи сѐ уште се базираат врз Виндоус 2000, вели Ханс-Петер Бауер, потпретседател на „Интел Секјурити“, фирма која нуди ИТ-безбедносни софтвери. „Виндоус веќе подолго од 10 години не го одржува тој систем, па мораме да правиме специјални софтвери за да ги штитиме тие системи“.

Насекаде има безбедносни празнини

За раководствата на фирмите тоа отвора дилема: од една страна мами порастот на продуктивноста со светски вмрежени машини и соработници, но од друга се закануваат дупки во безбедноста низ кои можат да навлезат вируси, крадци на податоци или саботери. Со тоа се закануват и забележителни трошоци за затвоорање на тие дупки.

Од една репрезентативна анкета што ја објави во април здружението на ИТ-браншата Битком, две третини од сите индустриски претпријатија во Германија минатата година беа жртви на кражба на податоци, стопанска шпионажа и саботажа.

Според анкетата, 16 проценти од случаите се должеле на конкурентите, 14 проценти на организирани банди, а за шест проценти биле одговорни странски тајни служби. Но, најголемата опасност сепак произлегува од сопствените соработници - во речиси 65 проценти од случаите одговорноста, според анкетата, паѓа врз актуелни или поранешни соработници на засегнатите фирми.

Честопати тоа се случува без лоша намера. Доволно е и само толку, некој соработник за го заборави во такси својот мобилен телефон, на кој се меморирани сите важни лозунзи за влез во системот. Или, ако на пример во контролниот центар на некоја индустриска постројка на компјутерот гледаат порно. „Порно-порталите се најголем извор на штетни софтвери“, вели Алексеј Полјаков од рускиот понудувач на ИТ-безбедносни софтвери „Касперски Лаб“.

Island plant Verbot von Internet-Pornografie
Човекот е често поголем фактор на ризик од машинитеФотографија: picture-alliance/dpa

Човекот - слаба точка

Оттука претпријатијата добро би постапиле ако во безбедносните прашања не го испуштат од пред очи човекот. „Луѓето се извор на опасност за секоја мрежа“, вели Шолјаков. „Не само сопствените вработени, туку и надворешните соработници - дистрибуцијата, ангажиран субпретприемач, фирма за одржување на хард- и софтверите“.

Дури и кај целните напади за кражба на деловни тајни или за саботажа, луѓето честопати се поголема слаба точка отколку техниката, вели Гордон Мил од „Инфосис“. „Поради тоа е многу важно претпријатијата да ги школуваат своите соработници и да ги просветат за тоа што и кому смеат да му пренесат“.

Токму тука, според студијата на Битком, постои голема потреба да се поправат работите, оти одвај секое четврто индустриско претпријатие соодветно ги школува своите соработници. Штетите се енормни. „Во Кина се појавија развојни податоци на еден германски производител на автомобили, со вредност од неколку стотици години работа на инженер“, укажува Ханс-Патар Бауер од „Интел Секјурити“. Здружението Биткомги проценува штетите од безбедносните слабости само за германската индустрија на 22 милијарди евра годишно.

Остра конкуренција

За догледно време останува енормен предизвик ограничувањето на ризиците. Ситуацијата дополнително се компликува со тоа што сѐ повеќе податоци и примени се префрлуваат на чување во облак („клауд“) и растечкото значење на мобилните апликации, за да можат соработниците да работат со мобилен телефон или таблет.

Со оглед на „крпеницата“ од најразлични платформи, апарати и системи на функционирање, ИТ-фирмите сѐ почесто се рекламираат нудејќи „интегрални решенија“. Нивниот аргумент е дека опасностите и трошоците се помали ако безбедносниот систем е од „една рака“ и ги поврзува сите апарати - од службените мобилни телефони, преку канцелариските компјутери, па сѐ до индустриските постројки.

За да можат да го постигнат тоа, ИТ-фирмите мора да имаат одредена големина. Поради тоа веројатно ќе биде сѐ поостра борбата за истиснување на конкурентите во браншата. Клаус-Петер Бауер очекува дека ќе преживее само еден мал дел од сегашните околу 100 понудувачи на безбедносни решенија. Фирмата во која работи тој настана откако американскиот производител на чипови „Интел“ во 2010. година го купи специјалистот за антивируси „МекАфи“ за речиси осум милијарди долари.

„Очекувам дека тој тренд ќе продолжи“, вели Бауер. Браншата за ИТ-безбедност можеби ќе се развива слично како и онаа за софтвери за претпријатија. Порано таму имаше многубројни конкуренти. „Денес има само два познати понудувача: Оракл и САП, нагласува Бауер.