1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поранешниот израелски премиер Олмерт осуден за корупција

АТ/ дпа/ арп/ апе/ миа31 март 2014

Ова не беше прв процес против поранешниот премиер на Израел Ехуд Олмерт, но и овојпат е прогласен за виновен поради корупција во еден градежен проект во Ерусалим.

https://p.dw.com/p/1BYt6
Фотографија: Reuters

Поранешниот премиер на Израел Ехуд Олмерт е прогласен за виновен за примање поткуп, пресуди судот во Тел Авив, пренесуваат израелските медиуми. Според истрагата, за периодот 1994-2007 година градежна компанија им плаќала на вработени во Градското собрание на Ерусалим поткуп за проект и внесување измени во него. За Олмерт постоеше сомневање дека како градоначалник на Ерусалим, а подоцна и како министер за трговија, примил огромна сума пари за поддршка на градежниот проект. Имено, градежниот проект на југозападот на Ерусалим беше одобрен и покрај тоа што имаше стотици поплаки. Критичарите сметаа дека тој е архитектонска срамна дамка и не хармонира со градежниот стил на Еурсалим.

Пресудата сега значително би можела да го отежне враќањето на 68-годишниот Олмерт во политичкиот живот на земјата. Според проценките на правници, Олмерт ќе биде првиот поранешен премиер на Израел кој ќе мора да смета на повеќегодишна затворска казна. Казнената мерка ќе биде соопштена подоцна.

Олмерт беше градоначалник на Ерусалим од 1993 до 2000 година и премиер од 2006 до 2009 година. Истрагата против Олмер почна во 2007 година и во 2008 година тој беше првиот израелски премиер кој поднесе оставка заради обвиненија за корупција. Во февруари 2009 година се одржаа нови избори и оттогаш во Израел на власт е десноориентираната влада под раководство на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Ехуд Олмерт во 2012 година веќе беше осуден од суд во Тел Авив за проневера на пари за друг градежен проект од 2002 година. Тој мораше да плати парична казна и доби една година условна затворска казна.