1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помпео доби пармезан во Рим и опомена во Вашингтон

БГ
2 октомври 2019

Американскиот државен секретар ја започна европската турнеја, додека во САД зоврива кризата со барањето за отповикување на претседателот Доналд Трамп во која и тој е актер. Во Италија се случи и мал скандал.

https://p.dw.com/p/3Qdk0
VAE Abu Dhabi US-Außenminister Pompeo
Фотографија: picture-alliance/AP/M. Ngan

Мајк Помпео пристигна на средба со италијанскиот државен врв само неколку часа откако американски претставници потврдија дека и тој бил сведок на разговорот на претседателот Трамп со неговиот украински колега Володимир Зеленски.

Помпео успеа да го избегне новинарското прашање на таа тема за време на средбата со италијанскиот претседател, а подоцна, за време на средбата со италијанскиот премиер го спаси скандалот кој го предизвика една Италијанка која му пристапи и му даде сирење во знак на протест поради царините кои ги воведе Трамп.

Во меѓувреме, Помпео ги критикуваше Демократите поради иницијативата за отповикување на Трамп, одбивајќи да им дозволи на петмина поранешни и актуелни дипломати во Украина да сведочат пред комисијата на Конгресот.

Помпео го обвини Конгресот дека се обидува да „ги заплаши, принуди и неправилно да ги третира“ дипломатите во обидот да пронајде докази за обидот на Трамп да влијае врз владата во Украина да отвори истрага против синот на поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден.
Фактот што Помпео присуствувал на разговорот на Трамп и Зеленски укажува дека обидите да се наруши репутацијата на Бајден го надминувал приватното лобирање на американскиот претседател кој го водел неговиот адвокат Руди Џулијани.

Помпео сепак вети дека до крајот на неделава ќе одговори на барањата на три парламентарни комисии да достави документи во врска со украинскиот случај.

Додека Помпео се подготвуваше за фотографирање со италијанскиот премиер Ѓузепе Конте, една млада жена со новинарска акредитација предизвика конфузија откако ја прескокна бариерата и му подари на американскиот политичар сирење „Пармезан“ од нејзиниот роден град.

Помпео делуваше збунет, веројатно мислејќи дека жената е дел од некаква официјална церемонија, но Конте делуваше налутен кога ја слушна жената како бара од Помпео да му го однесе сирењето на Трамп за да му покаже дека неговите царини ги уништуваат локалните италијански бизниси.

„Имам подарок“, рече таа. „Премиерот знае за што зборувам. Ова најдобро се прави во Италија, се прави од срце, па се надевам ќе ни помогнете да му го однесете на г. Трамп, ве молам“, рече жената.
Конте нареди жената да се исфрли од просторијата.
Од Италија, Помпео продожува кон Црна Гора и Северна Македонија, а европската турнеја ќе ја заврши в сабота во Грција.