1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полсон кова меѓународен план за излез од финансиската криза

Албрехт Циглер22 септември 2008

Американската влада има намера да вклучи повеќе држави во финансискиот план за надминување на актуелната криза. Министерот за финансии Хенри Полсон вчера изјави дека повеќе земји сигнализирале готовност за учество.

https://p.dw.com/p/FMe2
Американскиот Министер за финансии Хенри Полсон. Ќе му појде ли од рака да ги вклучи и другите влади?Фотографија: AP

Планот на американскиот Министер за финансии предвидува пакет од 700 милијарди долари, со кој САД и другите заинтересирани држави со буџетски пари ќе ги откупуваат трулите кредитни зделки на банките и со тоа ќе ги спасат од банкрот. Финансиската бранша дејствува преку државните граници, затоа и помошта во времето на длабока криза треба да биде од меѓународен карактер, ова е основата идеја зад планот на американскиот Министер за финансии Хенри Полсон.

„Нашиот систем го опфаќа целиот свет и затоа ќе извршам притисок врз моите колеги од сите земји да подготват слични програми за нивните банки и претпријатија, ако е тоа потребно.“

Агресивна кампања на Американците

Полсон изјави за американската телевизија дека во кампањата за барање помош од другите земји настапува многу агресивно. САД нудат помош и за странските фирми кои работат на нивна територија, но затоа бараат и од странските влади да им помогнат на американските за возврат:

„Ако некој финансиски институт работи во САД, овде вработува луѓе и ако стане неликвиден поради зделки што не може да ги продаде понатаму, тоа се одразува исто така врз американскииот народ, како да станува збор за домашно претпријатие“ – појасни Полсон.

Опозиционите Демократи поставуваат услови

Sen. Christopher Dodd
Влијателниот сенатор од Демократската партија, Крис Дод во бирото на Капитол ХилФотографија: AP

За да може да тргне најавената програма за помош на банките, на актуелната американска администрација и’ е неопходна поддршка од опозиционата Демократска партија. Таа пак нема намера на владеачките Републиканци да им издаде бланко чек:

„Правиме голема грешка доколку едноставно и’ дадеме на владата чек на 700 милијарди долари без да мора да поднесе отчет за тоа каде ги потрошила и без да ја натераме да води сметка за обичните граѓани кои поседуваат куќи и без да го изразиме нашето негодување поради големото зголемување на даноците“ – порача влијателниот сенатор од редовите на Демократите, Крис Дод.

Тој изјави и дека неговата партија сака изнаоѓање брзо решение и проценува дека пакетот мерки би можел да биде одобрен веќе до крајот на неделата.