1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Полицијата ќе ја соопштува националноста на деликвентите

Ралф Бозен
29 август 2019

Треба ли полицијата да ја соопштува државната припадност на извршител на кривично дело? Покраината Северна Рајна Вестфалија во иднина ќе го наведува државјанството на сите осомничени извршители. Пример за цела Германија?

https://p.dw.com/p/3Og9X
Symbolbild | Festnahme | Verhaftung | Polizei in Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Simon

Министерот за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија, Херберт Ројл, соопшти дека полицијата во  оваа германска покраина во соопштенијата во иднина редовно ќе ја наведува државната припадност на деликвентите. Досега полицијата немаше обврска да го споменува државјанството на прекршителите.

Промената, како што истакна Ројл, се врши заради спречување ширење лажни информации, со отвореност и транспарентност треба да се парира на шпекулациите и популистичките извртувања. Новите правила ќе важат и за осомничените Германци. Во политичките кругови и во јавноста сега започна дебата околу оправданоста на офанзивата на транспарентност на Северна Рајна Вестфалија и дали таа треба да биде пример за другите покраини.

Обврски кои произлегуваат од новинарскиот кодекс

Реакциите на планот се поделени. Одделни покраини потсетуваат на германскиот новинарски кодекс, кон кој се чувствуваат обврзани. Во него стои: по правило, припадноста кон етнички, верски и други малцинства не треба да се споменува, освен ако за тоа постои основан јавен интерес. Тоа е случај кај посебно тешки злосторства, како убиство или тероризам.

Во Берлин, Бремен, Рајнланд Пфалц или Баден Виртемберг полицијата и натаму ќе се придржува токму кон овие принципи во својата работа со медиумите и јавноста. Потреба од промена не гледаат ниту во Долна Саксонија.

Новинарите чувствуваат одговорност

Баварската покраинска влада прво сака да ги сочека искуствата од праксата во Северна Рајна Вестфалија. И полицискиот синдикат ГдП реагираше воздржано. Државјанството на осомничените сторители секогаш игра улога во полициската истрага, но резултатите од истрагата во јавноста одат само ограничено, изјави неговиот претседател, Оливер Малхов.

Одлуката на покраината Северна Рајна Вестфалија, напротив, доби поддршка од Германскиот новинарски совет. Новинарската организација во основа го поздравува планот, но укажува и на новинарската самостојност: „Дали е државната припадност релевантна за известувањето, мора да одлучи секоја редакција самата, придржувајќи се кон етичките принципи, одлука за тоа не може да донесе ниедна служба“, изјави портпаролот Фолкер Штенаи. И Новинарскиот сојуз на Германија ја истакнува новинарската одговорност во самостојното носење одлука. Значи, за натамошното постапување со информациите од полицијата, медиумите треба да решаваат од случај до случај.

Ескалација на насилство која предизвика големи промени

Факт е дека потребата од информации за националноста на извршителите кај јавноста расте со тежината на делото. Од ескалацијата на сексуално насилство во Новогодишната ноќ во Келн 2015 година, интересот е драстично пораснат. Зашто, оваа ноќ го промени гледањето во Германија во односот кон потеклото и државјанството на одделни деликвенти и во однос на полициските безбедносни мерки. Тогаш преку 600 жени беа жртви на сексуални напади. Полицијата само колебливо го објави северноафриканското потекло на осомничените и наиде на бура револт.

Deutschland Köln - Domplatte zur Silvesternacht
По нападите во Новогодишната ноќ во Келн 2015 година, полицијата покажува масовно присуствоФотографија: DW/D. Regev

Многу граѓани беа шокирани или реагираа со неразбирање. Видно потресената канцеларка Ангела Меркел се изјасни за казнување на извршителите со целата сила на правната држава. Оттогаш полицијата постапува поофанзивно во врска со информациите за осомничените сторители. Меѓу другото, затоа што и информациите побрзо се шират преку социјалните мрежи. Соодветно на тоа расте и притисокот врз полицијата за откривање на сторителите, како и подготвеноста на правната држава арсеналот на потрагата да го прошири со нови истражни методи.

Бојата на кожата и косата како фактор за успешна истрага

Во ваквиот развој се вклопува и тоа што на почетокот на август беше објавено дека во Министерството за правда постои предлог закон со кој во иднина полицијата ќе смее врз основа на ДНК-траги да ги утврдува бојата на кожата, косата и очите, како и староста на злосторник во бегство. Досегашната законска основа дозволуваше преку ДНК-тест да се констатира само полот на деликвентот. Освен тоа, истрагата ќе може да врши и т.н. споредување на ДНК. Доколку полицијата на местото на еден кривичен престап наиде на ДНК-траги, на пример коса, кожни клетки или капки крв, тие можат да бидат споредувани со веќе регистрираните извршители во полициската датотека.

Но, според законскиот предлог, вреднувањето на „биогеографското потекло“ на одреден престапник и натаму ќе остане забрането. Преку ДНК-тест е можно да се дознае „географското потекло“ на непозната личност, но овој метод е спорен и често непрецизен. Шефот на полицискиот синдикат Малхов смета дека полицијата се однесува одговорно со податоците и не соопштува непотребно детали во јавноста.

Потеклото - само камче во мозаикот во вкупната слика

Настрана од криминалистичко техничките истражни методи, полицискиот социолог Рафаел Бер од полициската академија во Хамбург смета дека се преувеличува значењето на информација во јавноста за потеклото и државната припадност на некој осомничен. Тој предупредува од стигматизирање и стереотипи. Националноста и етничкото потекло се слаби фактори во областа на вкупниот криминалитет. Од нив не може многу да се објасни, вели тој во разговор со Дојче веле.

Deutschland | DNA Analyse
Со ДНК анализа полесно откривање на деликвентитеФотографија: picture-alliance/dpa/Bildfunk/M. Brandt

„Најголем дел од деликтите, кои се извршени од т.н. мигранти, се направени најмалку шест месеци откако тие дошле овде“, објаснува Бер. Најчесто може да се претпостави дека извршителите кои имаат мигрантско потекло, веќе толку долго живееле во Германија за да ги познаваат германските норми. „И тогаш мигрантското потекло или етничката заднина најчесто се само едно мало камче во мозаикот на вкупната слика“, вели Бер.

Покажување мускули поради АфД

Но, покраинските влади и партиите од германската сојузна владејачка коалиција, составена од Унијата и СПД, можеби се чувствуваат принудени да покажат мускули, за од нивен аспект да докажат функционирање на правната држава. Зашто, на 1. септември се одржуваат покраински избори во источна Германија, во Бранденбург и во Саксонија. На 27. октомври се гласа во Тирингија. Во сите три покраини партијата Алтернатива за Германија, АфД, е во подем. Десничарските популисти поентираат кај гласачите посебно со своите постојани предупредувања за „криминалните мигранти.“