1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Политичко самоубиство“ за Израел

31 мај 2010

Нападот на Израел врз конвојот бродови, што носеа хуманитарна помош за појасот Газа, наиде на остри реакции, како во арапскиот, така и во останатиот дел на светот. Турција дури зборува за „непоправливи последици“.

https://p.dw.com/p/Ndvr
Во нападот загинаа активисти на повеќе хуманитарни организацииФотографија: AP

Во арапскиот свет нападот врз конвојот бродови е оценет како доказ за недостатокот на волја кај Израел за мировни преговори. „Ова покажува дека нема смисла со Израел да се преговара за мир“, истакна денеска генералниот секретар на Арапската лига, Амр Муса, на прес-конференција во Катар. Тој за утре (01.06.2010) најави итна седница на Лигата во Каиро. Целта е да се договори начинот на кој ќе се реагира на најновиот израелски напад.

„Ќе имаме сериозна дискусија и тоа не само околу самиот инцидент, туку и за неговото значење и каква порака треба да извлечеме од него и што треба да правиме. Не само во однос на овој криминален чин како таков, туку за ставот што Израел го промовира, а тоа е дека не се интересира за мир“, истакна генералниот секретар на Арапската лига, Амр Муса.

Турско-израелските односи трајно нарушени

Слични реакции дојдоа и од Турција, каде вознемиреноста од денешниот напад врз конвојот бродови, кој носеше хуманитарна помош за појасот Газа, е особено голема. Имено, од шесте бродови кои го сочинуваа конвојот, нападнатиот брод е турски. Во изјава на турскиот министер за надворешни работи се вели дека овој сериозен инцидент ќе има непоправливи последици за турско-израелските односи.

„Да ја изведеше Израел оваа акција во сопствените води, можеби донекаде и ќе беше некако разбирливо. Меѓутоа, Израел го изврши нападот во меѓународни води, што може да значи политичко самоубиство за еврејската држава“, истакна Мерчан, лидерот на комисијата за надворешни работи во турскиот парламент.

Aktivisten der Hilfsflotte in Gaza Flash-Galerie
Според Израел, на бродовите имало и оружје, наменето за жителите на појасот ГазаФотографија: AP

Десетици илјади демонстранти уште утрото се собраа пред зградата на израелскиот конзулат во Истанбул и се обидоа да го нападнат.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас, пак, акцијата ја нарече „масакр“ и „одвратно злосторство“.

Темелна и опширна истрага

Загрижност за инцидентот и за можните последици од него изрази и германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле. Тој, по телефонскиот разговор со неговиот израелски колега Авигдор Либерман, истакна: „Нагласив дека мора да има опширна, транспарентна и неутрална истрага околу сите аспекти на инцидентот.“

Координаторот на европската надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон изрази длабоко жалење за жртвите во инцидентот. Нејзиниот портпарол додаде дека Ештон исто така бара Израел без одлагање и без условување да ја прекине блокадата на појасот Газа, кога се во прашање хуманитарни, како и нормални трговски пратки.

Автор: Штефан Вурцел/Неле Харинг/дв/Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска