1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Позитивни „бомби“ на Груевски-фискален Дедо мраз!?

Костадин Делимитов17 март 2015

Повисоки пензии, плати, двојно зголемување на социјалната помош-економска реалност или популистичко ветување? Власта самоуверена, експертите скептични!

https://p.dw.com/p/1ErtT
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Економски успеси, реализирани ветувања, подобар живот, уште повеќе пари за граѓаните -премиерот Никола Груевски повторно го искористи нему омилениот вокабулар за одбрана или контра удар во кризни моменти. По серијата „бомбашки“ напади на опозицијата, која обелодени снимени телефонски разговори со скандалозна содржина, наместо одговори за обвинувањата Груевски со нови ветувања до народот.

Повисоки пензии, плати, двојно поголемa социјална помош, нови работни места, повеќе бенефиции за ранливите категории, пензионерите:

„Следното покачување на социјалната помош е во јуни, но денеска сакам да објавам дека тоа нема да биде за 5 отсто како што ветивме, туку дупло од тоа, за 10 отсто. Над 9000 деца од социјално ранливи семејства отидоа на бесплатен одмор. Платите во јавниот сектор се покачени за 27% и пак ќе растат. Пензиите во просек се зголемени за 62%, а најниските пензии се зголемени за 76%. Следно покачување е во октомври согласно ветеното. Покрај ова за пензионерите се обезбедија многу други бенефиции меѓу кои и тоа што 25.000 пензионери отидоа на бесплатна бања, а оваа година уште 5.000 ќе одат. Социјалната парична помош е зголемена за 47%, а постојаната парична помош за 46%. Над 600 милиони евра се дадени како субвенции за македонскиот земјоделец“, рече меѓу другото Груевски во својот говор на таканаречениот народен собир во Скопје.

Има ли доволно во буџетот за ветувањата?

Експертската јавност не е изненадена од ваквиот настап на премиерот но е скептичнa и со дилеми колку навистина она што сега дополнително се ветува реално може да се оствари. Може ли буџетот да си дозволи вакво луксузирање? Колку реално има простор за зголемување на социјалните надоместоци и плати? Дали е реално и економско оправдана ваквата економска политика, или станува збор за популистичко, можеби предизборно ветување како одговор на „бомбите“?

Abdulmenaf Bedzeti Akademiker Mazedonien
Абдулменаф БеџетиФотографија: Sveto Toevski

„Сите овие најави, желби што ги најавува премиерот во делот на економијата личат повеќе на фискален Дедо мраз отколку на реален исход. Од проста причина што во вакви политички кризи е многу тешко да се оствари она што е предвидено во нормални услови во делот на буџетската политика, а камоли нешто да се зајакне. Така што било кое зајакнување на социјалната компонента во буџетот од типот на овие зголемување на социјална помош, реалокации, повеќе се прави од политичка причина за да се дефокусира јавноста и да се привлекува внимание дека, еве ние работиме. Додуша ние и видовме една серија во делот на тоа што значат можностите во буџетот при една од ’бомбите’ кои што ги огласи лидерот на опозицијата, така што многу е тешко тоа да се направи“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети.

Дел од експертите пак сметаат дека не треба да се има големи дилеми околу остварливоста на овие ветувања со оглед дека и досега платите, пензиите,социјалната помош на неколкупати се зголемуваа: „Сепак би се воздржал од каков било коментар околу ова прашање, се‘ додека не бидеме во можност или не ни биде презентирана детална пресметка на средствата, односно начинот на кој ќе се обезбедат пари за да се реализираат овие ветувања. Вака, не би сакал да коментирам ништо повеќе“, изјави за Дојче веле универзитетски професор.

Во вакви услови според Беџети нема голем простор за маневар во буџетот:

„Ако нешто се реалоцира во делот на социјалната димензија на буџетот тоа ќе се прави за сметка на капиталните инвестиции, бидејќи другите се на некој начин фиксни трошоци. Не можете да кратите во пензии, плати и друго, туку едноставно ќе кратите онаму каде што реално претставуваат економска димензија или економска компонента. А за да од друга страна велите дека тоа ќе го направите, мора да најдете извор од каде, а во ваква состојба тешко се очекува да се остварува динамиката на приходите која е поставена, а камоли да имате зголемени приходи за да може да имате зголемена расходна страна на буџетот“, смета Беџети.

Mazedonien Skopje Statue von Alexander dem Großen
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Потребна е претпазлива фискална политика

Со сличен став е и универзитетскиот професор Зоран Ивановски според кого во вакви услови клучна е тековната економска состојба и остварливоста, реализацијата на параметрите во буџетот за годинава:

„Доколку сакаме реализација на растот во 2015 кој е зацртан на 3,5%, во првиот квартал би требало да имаме раст од 3,2% што ќе ги направи остварливи параметрите во буџетот. Ова е важно зашто од тоа ќе зависи исполнувањето на програмските цели на власта за задоволување на потрошувачката, односно јавните расходи кои се наменети во делот на населението. Се разбира, ова се плански претпоставки и остварувањето на вака планираните цели ќе зависи од динамиката на полнење односно ликвидноста на буџетот, освен ако евентуално не се прибегне кон дополнително ново задолжување. Сепак за задолжувањето сметам дека нивото на јавен долг е такво кое бара претпазлива фискална политика и постепено консолидирање на јавните финансии и намалување на јавниот долг. Во спротивно можни се проблеми околу редовното финансирање на обврските“, коментира Ивановски.

Рекордно тешката државна каса за годинава од безмалку три милијарди во структурата не отстапува многу од претходните. Капиталните инвестиции минимално треба да се зголемат, наспроти порастот на платите, пензиите, социјалната помош што според дел од експертската јавност повторно го прават буџетот социјален, а не развоен.