1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ходникот ги спасил пациентите од поголема катастрофа

ДТЗ
14 септември 2021

Објектот нема „противпожарни бариери“ за да го спречат ширењето на огнот. Доколку била цврста градба, немаше да се случи ваква трагедија, вели пожарникарот Бобан Трпкоски.

https://p.dw.com/p/40GC8
Nordmazedonien Feuer im Krankenhaus in Tetovo
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

„Доколку модуларната болница била од цврста градба немаше да се случи трагедија како во ковид-центарот во Тетово“, вели Бобан Трпкоски, противпожарен инструктор од Тетово, кој по 31-годишно искуство во пожарникарството, обуки во Велика Британија и над 10 илјади интервенции на огнени стихии во земјава, вели дека и неколку дена по трагедијата го мачат бројни дилеми, прашања, претпоставки дали можеше да се избегне ваков исход, доколу биле почитувани сите правила и препораки за заштита на објектите од пожари. 

Предзнаци 

Монтажните објекти се градат брзо, се користат материјали кои се лесни за пренесување и монтирање, но не секогаш се води сметка дали тие ќе бидат безбедни. Изолација со пир или пур пена во ѕидовите е дилемата којашто се отвори во јавноста по информацијата дека монтажната барака горела како картон и буквално ја проголтал огнот за само неколку минути. Трпкоски вели дека пир пената го спречува ширењето на огнот. Доколку ѕидовите биле направени со пир пена, ќе чадело, ама немало да се запали објектот. Ѕидовите од преголемата топлина ќе се стопеле, но голема е веројатноста дека ќе немало човечки жртви. Пур пената, пак, на 100 степени се топи. Таа не може да го спречи смртоносниот поход на огнот. 

Nordmazedonien Brand im Krankenhaus in Tetovo
Пожарникари уште при првиот влез во просторијата ги забележале предзнаците – блед чад и задимена просторија – тоа јасно укажало дека во објектот има голема концентрација на повеќе гасови од нафтени деривати.Фотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

„Она што се случуваше во Тетово е флешовер - скоро истовремено палење на најголемиот дел од директно изложениот запалив материјал во затворена област. Кога одредени органски материјали се загреваат, тие се подложени на термичко распаѓање и ослободуваат запаливи гасови. Концентрацијата на кислород којшто го имало во просториите, каде пациентите се лекувале на кислородна поддршка, за пет пати може да ја зголеми  јачината на огнот. Токму тоа е она што се слушнало како детонација при пожарот“, објаснува Трпкоски. 

Пожарникари уште при првиот влез во просторијата ги забележале предзнаците – блед чад и задимена просторија – тоа јасно укажало дека во објектот има голема концентрација на повеќе гасови од нафтени деривати. Црнилата на чадот којшто се извиваше од болницата и можеше да се види и на снимките коишто беа објавени во јавноста, укажува на тоа дека огнот достигнал температура над 800 степени, вели Трпкоски, според кој, материјалите од кои се направени модуларните болници за пациенти заболени од Ковид-19 се од нафтени деривати и за брзо време развиваат високи температури. 

Ковид-центарот во Тетово по катастрофалниот пожар

Пожарникарите ја проценуваат температурата во објектот според бојата на чадот. Ако е бела тоа значи дека само што почнал пожарот и е околу 100 степени целзиусови. Како што постепено се затемнува чадот така расте и температурата. 

„Пожарникарите буквално беа немоќни да сторат нешто повеќе. Благодарение на нивната брза интервенција еден дел од модуларната болница е зачуван да не изгори. Ходникот е тој кој што ги спасил дел од пациентите од страотниот пожар“, вели нашиот соговорник. 

Објект без противпожарна бариера 

Објектот во кој изгореа 14 лица во Тетово, според пожарникарите,  немал ниту една таканаречена „противпожарна бариера“ која треба да го запре брзото напредување на пожарот. Објектот кој има околу 200 квадрати, на средината има ходник. 

Nordmazedonien Brand im Krankenhaus in Tetovo
Во пожарот загинаа 14 лица, а 12 беа повредени.Фотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

Според Трпкоски, ходникот во модуларната болница направил барикада и така ги спасил луѓето од огнот кој се движел со молскавична брзина. Тоа, според него, покажува колку малку треба да се вложи за да се направи соодветна заштита на ѕидовите во секој објект за да се спречат вакви катастрофални последици и да се заштитат луѓето. 

-повеќе на темата: Сведоштво: Во тетовскиот ковид-центар немаше ни апарат за гаснење пожар

„Во мојата долгогодишна работа досега не сум видел пожар да се шири со волкава брзина. А, сум видел и сум гаснел многу пожари“, сведочи Трпкоски, кој по повик пристигнал на местото на пожарот, кога биле извлекувани дел од жртвите. 

Многу причини за пожар

Има многу причини за пожар, но и многу степени на заштита коишто треба да бидат преземени за да се спречи појава на огнена стихија. Системот за заштита и за рано откривање на пожари е еден од стандардите кои мора да се почитуваат, особено во вакви објекти. Трпкоски вели дека неговите колеги при гаснењето на огнот забележиле искрење, што може да укажува на електричен спој. 

Nordmazedonien Feuer im Krankenhaus in Tetovo
Има многу причини за пожар, но и многу степени на заштита коишто треба да бидат преземени за да се спречи појава на огнена стихија. Фотографија: Arbnora Memeti/DW

„И на снимките можеше да се види дека додека пожарникарите од Тетово гаснат во еден момент кога ја погодуваат спратната табла доаѓа до искрење. Дилемите се зошто немало заштитна фид склопка, зошто не се поставени детектори за рано откривање на пожар, зошто не се поставени спринклер системи за автоматско гаснење на пожар, или ако имало зошто не се вклучиле? Исто така, зошто немало гас детектори во собите, коишто не се скапи, а во секој момент можат да ја мерат концентрацијата на кислород во собите“, прашува нашиот соговорник.