Поетско „рандеву“ на Маџиров со Берлинчани
13 јули 2011Втора година по ред хотелот „Блајбтрој“ во срцето на Берлин е домакин на многу поети од светот кои студиски престојуваат во престолнината во рамките на „Литературното катче“ - заеднички проект со Меѓународниот литературен фестивал. Тука во изминативе шест недели гостин беше и македонскиот автор Никола Маџиров кој синоќа имаше целовечерно претставување.Тој читаше делови од творештвото и говореше за своите патешествија, со посебен осврт на последниот фестивал во Колумбија од каде се врати во понеделникот.
„Фасцинантен поет и писател, со лични, длабоки и нежни слики за времето, минатото, просторот, опкружувањето...“ Вака на поетското рандеву со берлинската публика беше претставен Никола Маџиров од неговиот преведувач Александeр Зицман, кој на германски ја препеа збирката „Преместен камен“ која во издание на „Ханса ферлаг“ ќе биде објавена во септември. Берлинската пред-промоција на првиот германски превод, беше и простување на Маџиров од престолнината по шестенеделниот студиски престој и прилика да се види кадар од неговото секојдневие.
Автор: Силвера Падори-Кленке
Редактор: Борис Георгиевски