1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поддршка на секоја иницијатива до вистината

Aceska, Zana26 ноември 2007

Македонската влада го поздравува извештајот на европратеникот Андреас Грос,кој бара нова истрага за авионската несреќа во која загина екс македонскиот претседател Борис Трајковски.

https://p.dw.com/p/CTLw
Авионот во кој загина Трајковски кај МостарФотографија: AP

Секоја иницијатива што води кон вистината е прифатлива и ќе биде поддржана од властите во Скопје,изјави македонскиот министер за правда Михајло Маневски во Скопје.Треба да бидат разгледани сите околности на несреќата во која животот го загуби Трајковски,истакнува Маневски.

Советот на Европа во заклучокот на пратеникот Грос преку Комитетот за правни работи и за човекови права бара Македонија што поскоро да формира анкетна Комисија што ќе ги расчисти сите околности под кои се случи несреќата.Во првичните реакции македонските парламентарци се согласуваат со предлогот на Грос.Во име на пратениците од власта,поддршка изразија Силвана Бонева од ВМРО ДПМНЕ и Тито Петковски од НСДП.

Силвана Бонева изјави дека по координацијата што ќе биде направена во пратеничката група,ќе биде даден дефинитивен одговор,но смета дека нема ништо лошо во тоа да се направи анкетна комисија.

Петковски истакна дека во принцип поддржува секоја иницијатива која се однесува на формирање анкетна комисија,давање можност на релевантни фактори да се произнесат по определен настан,а по тоа ако биде така утврдено,следи политичка одговорност.

Нова истрага за несреќата што се случи близу Мостар во февруари 2004 година поддржува и опозицијата.Јани Макрадули од СДСМ вели дека искуството со анкетни комисии во македонското собрание не е баш позитивно,затоа предлага ако се формира,тоа да биде од Советот на Европа,од каде што потекнува иницијативата,а тука да учествува и Македонија.

Рафи Салити од ДУИ е убеден дека е во интерес на сите да се објават сите детали за падот на авионот.

По околу четири години од несреќата,извештајот на Андреас Грос отвора многу прашања за смртта на екс македонскиот претседател Борис Трајковски и осумте соработници и членови на екипажот.Досието беше затворено како несреќен случај во кој превид направиле двајцата пилоти.

Пратеникот во Советот на Европа се сомнева дека за падот на авионот се виновни само пилотите,како што заклучија македонските и босанските власти.Бара да се испитаат техничките, но и политичките аспекти на несреќата.