1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поголем, помодерен и побучен - Берлин го гради новиот аеродром

27 јуни 2011

Новиот голем аеродром на јужната периферија на Берлин е во моментов најголемиот инфраструктурен проект во источниот дел на Германија. Тој треба да биде пуштен во употреба во јуни 2012 година.

https://p.dw.com/p/11h5X
Фотографија: Berliner Flughäfen

Новиот аеродром би требало да ги замени досегашните аеродроми Тегел и Шенефелд, како и историскиот аеродром Темпелхоф, кој е затворен уште од 2008 година. Проектот се` уште предизвикува контроверзи. Застапниците велат - тој е исплатлив, функционален, модерен и отворен кон светот. Противниците, пак, сметаат оти е преголем и прегласен.

Површина со големина како две илјади фудбалски игралишта - тоа се размерите на идниот аеродром „Берлин-Бранденбург Вили Брант“. Ако се сака да се разгледа површината на која има две писти за полетување и слетување паралелно и зградата во форма на потковица, со вкупно 25 мостови за патниците, најдобро е да се отиде во кулата за информации на маргините на градилиштето. Во кулата, на 32 метри височина, се добива впечаток колкав е, всушност, мамутскиот проект.

Вака би требало да изгледа аеродромот кога ќе биде готов
Вака би требало да изгледа аеродромот кога ќе биде готовФотографија: Berliner Flughäfen

Ерих Вурт, вработен во службата за односи со јавност на Берлинските аеродроми, од почетокот ја следи изградбата и се` уште е фасциниран. Вели дека тука се гради најмодерниот аеродром во Европа, кој според големината, по франкфуртскиот и минхенскиот, ќе биде трет по големина во Германија. „Онака како што сега е конципиран терминалот, тој може да опслужи околу 27 милиони патници годишно. Аеродромот може и да се проширува и да стигне до капацитет од 45 милиони патници, со што би се приближиле речиси до капацитетот на аеродромот во Франкфурт.“

Аеродромот чини 2,5 милијарди евра

На големото градилиште сега работат четири илјади работници, повеќе од кога било порано. Ако се дојде во теснец со времето, со оглед на тоа што отворањето на аеродромот е закажано за трети јуни 2012 година, тогаш, како што се вели, ќе се работи во три смени, нон-стоп. Досега се ископани 12 милиони кубни метри земја, вградени се 160.000 кубни метри бетон и 40.000 тони челик. Додека во главната хала веќе се работи на внатрешниот дизајн и се прави проба на лентите за транспорт на багажот, останатите згради се се‘ уште во фаза на карабина. На местото каде што треба да има хотел, се гради деноноќно. Речиси готови се двокатните мостови за патниците, кои ќе овозможуваат влез и излез. Еден од нив е поставен така да може да се прилагоди за огромниот Ербас А380.

Планираните рути на летање
Планираните рути на летање

Но, дали во догледно време таков џин ќе слета во Берлин, се‘ уште не се знае. Ерих Вурт нагласува: „Авионската линија се поставува во зависност од ефикасноста. Кај еден А380 тоа би морало да бидат 600 до 800 патници. Ако нема резервации, тогаш нема ни да има авионска линија за ваков тип на авиони.“

Доволно резервации ќе има само ако аеродромот Берлин-Бранденбург, кој чини 2,5 милијарди евра, стане меѓународна раскрсница со што е можно повеќе авионски линии и можности за прекачување. Само така аеродромот би можел да ја покаже својата вистинска стопанска сила и да ги понуди прогнозираните 40.000 нови работни места во регионот.

Протести со ефект

Но, околу раскрсницата во моментов се полемизира, исто како што се спори и околу тоа колку часа ќе трае паузата во текот на ноќта и се дебатира околу бучавата. Жителите во регионот се спротивставуваат огорчено, откако во септември 2010 година беше обелоденето дека рутите на летање нема да се наоѓаат онаму каде што било првично планирано. На големи демонстрации, на почетокот на годинава, на улица излегоа 12.000 граѓани.

Laser-Attacken gegen Piloten häufen sich
Фотографија: dpa

„Некои политичари во текот на изминатите недели се надеваа дека нашиот протест против рутите за полетување и слетување ќе стивне и дека ќе се задоволиме со неколку непрецизни предлози за решение на проблемот. Но, ние нема да запреме со протести пред да бидеме стопроцентно сигурни дека над нашите глави и над главите на нашите деца нема да грмат авиони.“

Протестите имаат ефект - на почетокот на јуни Комисија за проверка на бучавата го приложи својот завршен извештај, во кој препорачува авионските рути, доколку е можно, да водат околу Берлин и Бранденбург. Последниот збор, сепак, го има Германската служба за безбедност на летање и Надзорниот одбор за безбедност на летање. Одлуката треба да биде донесена на почетокот на 2012 година.

Автор: Сабине Кинкарц / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска