1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повредени и ранети во судирите на северот на Косово

БГ /АФП
13 октомври 2021

Неколку косовски полицајци и етнички Срби се повредени во судирите кои избувнаа по рациите против шверцери со српска стока на северот на државата.

https://p.dw.com/p/41cyu
Митровица | Косово | Полиција
Косовската полиција во МитровицаФотографија: Bojan Slavkovic/AP Photo/picture alliance

Еден цивил од српска националност е ранет од огнено оружје, додека повеќе други се здобиле со полесни повреди во судирите кои избувнаа во средата, потврди директорот на болницата во Митровица, Златан Елек.
Полицијата соопшти дека се повредени шест службеници во судирите, а осум лица биле уапсени. 

Рациите биле спроведени во четири косовски региони, вклучително и во Митровица, во рамки на „борба против шверцерите“, соопшти полицијата. Тие биле спроведени на „различни локации како куќи, фирми и складишта“. 

Операцијата предизвика без кај локалните Срби. Стотици луѓе веднаш поставија блокади на патиштата во етнички поделениот град Митровица, како и кај Звечан. Полицијата користела солзавец и шок-бомби за да ги разбие блокадите. Во српскиот дел на градот, демонстрантите запалиле две возила и фрлале со камења кон полицијата. Етнички Србин од Звечан се здобил со сериозни повреди од огнегно оружје и е на операција, соопшти Елек. 

Косово Протести
Протести на локалните Срби во МитровицаФотографија: Milica Andric/DW

Тензиите се намалија по завршувањето на операцијата, а полицијата се повлече од Звечан и од северна Митровица, иако неколку стотици етнички Срби останаа на улиците во Звечан. 

ЕУ повикува на дијалог 

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел повика на итен прекин на насилството и обнова на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на Брисел. Српската премиерка Ана Брнабиќ го повика НАТО, кој има 3.000 мировници во Косово, да го сопре насилството. Косовскиот премиер Албин Курти, пак, рече дека нема да престане битката против шверцот.
„Криминалот и криминалните групи нема да се толерираат и ќе им се спротивставиме. Ќе се бориме и ќе го сопреме шверцот“, порача Курти. 

Kosovo Mitrovica | Sichergestellte Schmugglerware
Запленета шверцувана стока од косовската полицијаФотографија: Kosovo Police

Минатиот месец, во истиот регион дојде до блокади и судири поради одлуката на владата во Приштина да воведе реципроцитетни мерки и да наложи покривање на регистерските таблички на српските возила во земјата. Локалните Срби протестираа против одлуката и ги блокираа патиштата и граничните премини. Спорот беше надминат со одлука косовските власти да ги прекриваат српските регистерски таблички со лепенки.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема