1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повици за смена на режимот во Иран се контрапродуктивни

Матијас фон Хајн
5 јануари 2018

Протестите во Иран влегуваат во втора недела. Откако и власта организираше демонстрации, состојбата е збунувачка. Меѓутоа, повиците за смена на режимот се контрапродуктивни, смета Матијас фон Хајн.

https://p.dw.com/p/2qNKb
Proteste im Iran
Фотографија: picture-alliance/dpa/Mek Network Inside Iran

Ова е зима на незадоволство и бес во Иран. Младите се спротивставуваат. Доста им е од ветувања од кои не можат да се хранат, доволно од празните религиозни и политички пароли. Неолибералната економска политика која во сиромаштија втурна милиони луѓе, раширената корупција, земјотресот на кој државата не реагираше како што треба, еколошките катастрофи и големото исчезнување на резервите на вода подготвија почва за протести, кои на крајот се потпалија поради цената на јајцата, која многу се зголеми по масовното колење кокошки поради птичји грип. Тоа го прелеа и онака до горе полното буре со разочараувања. Локалните протести се претворија во немири ширум земјата.

Нема водство, нема агенда

Но, дали тоа е револуција? Револуција која на крајот ќе заврши со пад на теократскиот систем? Тешко е да се верува во тоа. Она што движењето го прави силно, е истовремено и негова слабост. Кога нема препознатливи лидерски фигури и кога протестите избиваат децентрализирано и спонтано, режимот не може едноставно да ги уапси осомничените водачи и со тоа на протестите да им го украде „мозокот“. Но, исто така, мора да се каже дека вакви какви што се, протестите, освен повикот за подобрување на социјалната положба, немаат јасна агенда, туку само спротивставени барања.

Matthias von Hein
Матијас фон ХајнФотографија: DW/M. von Hein

Освен тоа, режимот во меѓувреме исто така ги мобилизираше своите приврзаници и тоа во впечатлив број. Она што е најважно, меѓутоа, е дека режимот има милиции, војска, полиција, тајни служби кои би загубиле премногу доколку им се приклучат на протестите. И, тие во минатото докажаа дека имаат волја за крваво задушување на протести. За потсетување: во речиси четиридецениската историја на иранската теократија, секои десет години се случуваше по едно големо протестно движење. Последно беше „зеленото движење“ од 2009 година, кое беше многу  поглемо од актуелното, со милиони луѓе на улиците, со јасна агенда и јасно раководство. Но и тоа беше крваво задушено, што можеби делумно ја објаснува воздржаноста на ветераните од 2009 во текот на актуелните протести.

Пукнатини во естаблишментот

Протестите денес јасно ги покажуваат пукнатините во естаблишментот. Хардлајнерите и поумерените сили - вистински умерени и реформски ориентирани сили во техеранските кругови на моќ нема - се борат за моќ и влијание. Тие се обидуваат да ги инструментализираат протестите за да ги ослабнат своите противници. Но, и за да се позиционираат за наследници на остарениот врховен лидер Али Хамнеи.

Како треба да реагира светот на протестите во Иран? Јасно е дека демонстрантите ја заслужија нашата неограничена солидарност. Да се демонстрира, мислењето да се изрази слободно е основно право насекаде, па и во Иран. Неопходен е притисок врз Техеран за владата да се држи до правилата кои сама ги има создадено. Тој притиок би можел да се создаде по економски пат. Поради лошата економска состојба на Иран му се неопходни инвестиции од странство. Освен тоа, интернет концерните треба да бидат инструирани да отвораат и да одржуваат платфроми за слободна размена на мислења.

Отворени повици за промена на режимот, како оние од САД, се контрапродуктивни. Тие на конзервативците им даваат аргументи да тврдат дека протестите се управувани од странство. Покрај тоа, откривањето на симпатијата за Иранците од страна на Доналд Трамп не се зема сериозно од страна на самите Иранци. Доволно е да се види само забраната за влез во САД, донесена на инсистирање на американскиот претседател. Таа е насочена, покрај другите, и против Иранците, па дури и против политичките бегалци од Иран.