1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

По пет века од смртта ќе се испитува што бил Колумбо

БГ /АП
20 мај 2021

Научници од неколку Универзитети одлучија повторно да започнат ДНК анализи на остатоците на славниот морепловец Кристофер Колумбо за да откријат што бил тој по националност.

https://p.dw.com/p/3tdE7
Spanien Kolumbussäule auf der Placa del Portal de la Pau, Barcelona, Katalonien
Фотографија: picture alliance/dpa/akg-images/D. Borland

Дали Кристофер Колумбо потекнувал од италијанскиот приморски град Ѓенова, како што веруваат повеќето историчари? Или можеби бил Португалец или Шпанец? Има повеќе теории.

Пет века по неговата смрт во 1506 година, една нова студија треба конечно да и стави крај на дебатата за географското потекло на морепловецот и истражувач, чии патувања финансирани од шпанскиот монарх меѓу 1492 и 1504 година ги отворија вратите за европската колонизација на двете Америки.

Резултатите од „пионерската студија“ се очекуваат во октомври, вели Хозе Антонио Лоренте, професор по форензичка медицина во Гранада и предводник на истражувањето. Освен неговиот, во студијата учествуваат и Универзитетот од Фиренца, Италија како и Универзитетот Северен Тексас од САД.

Christoph Kolumbus
Коските на Колумбо треба да докажат што бил тој по националност. Фотографија: picture alliance/akg-images

Студијата започна во 2003 година, кога преку ДНК тестови беше откриено дека коските во еден гроб во Севилја му припаѓаат на Колумбо. Но истражувањето беше сопрено во 2005 затоа што научниците сметаа оти ДНК технологијата која им беше достапна во тој период не е доволна, и дека ќе им биде потребен голем примерок од коските на морепловецот „за да добијат многу малку информации“. Научниците тогаш одлучија да ги сочуваат коските додека не се развие подобра технологија која ќе користи помали парчиња од коските, како што е случај денес, вели Лоренте.

Овојпат, планот на научниците е да ја споредат ДНК од коските на Колумбо со онаа на луѓе кои се сметаат за неговите семејни наследници. Дополнително, ќе се споредуваат и податоци со лица ширум светот кои го носат истото презиме.

Лоренте е уверен дека резултатите ќе бидат „целосно убедливи“, но научниците сепак не се сигурни дека ќе успеат да добијат доволно генетски примероци „во квалитет и квантитет“ за да дојдат до заклучок.

„Целта е да им дадеме што повеќе информации на историчарите и експертите за интерпретација“, вели тој.