1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По извештајот на Марти - истрага

25 јануари 2011

Извештајот на швајцарскиот парламентарец Дик Марти во кој се посочува на недозволена трговија со човечки органи на Косово, предизвика голем интерес на денешната пленарна расправа на ПС на СЕ.

https://p.dw.com/p/102ix
Дик МартиФотографија: AP

Предлог резолуцијата со која меѓународната заедница и властите во Белград, Приштина и Тирана се повикуваат да преземат мерки за да се расветли наводното нехумано однесување и трговија со човечки органи на Косово, денеска (25.01) беше усвоена од страна на ПС на Советот на Европа со 169 гласови „за“, 8 „против“ и 14 воздржани.

„Нема вистинска правда без вистина“, нагласи швајцарскиот парламентарец Дик Марти образложувајќи го извештајот за недозволена трговија со човечки органи на Косово. Тој предупреди, дека Парламентарното Собрание на Советот на Европа е „чувар на вредностите“ претставени со Европската конвенција за човекови права, и затоа тоа треба да биде претпазливо, овие вредности да не бидат само декларативни, туку да бидат спроведени на дело.

„Ние знаеме дека откривањето на вистината и осудата на неправдата често болат, вознемируваат и тоа им пречи на стратезите на политичарите. Во ова Собрание секогаш мислиме дека човековите права не треба никогаш да бидат жртвувани, за нив не се преговарало и не се преговара. Демократската иднина на Европа ќе биде компромитирана ако се толерираат слични односи меѓу политиката и организираниот криминал.“

Марти потсети дека извештајот е подготвен по откритијата на поранешната обвинителка на Меѓународниот суд за поранешна Југославија Карла Дел Понте. Таа, според Марти, зборуваше исто така за клима на застрашувања, дека материјалните докази собрани во Жолтата куќа беа уништени. Овој извештај, според Марти, не е извештај за политичкиот статусот на Косово, за односите на Косово со Србија.

„Извештајот не е против косовскиот народ, ниту против албанскиот народ, ниту залагање во корист на Србија. Тој е извештај против кршењето на човековите и фундаменталните права утврдени со Европската конвенција за човекови права.“

NO FLASH Europarat Strassburg Gebäude
Советот на Европа во СтразбурФотографија: picture-alliance/landov

Имињата, кои се наведени во извештајот, како што вели Марти, биле наведувани со години од полицијата, од тајни служби, од новинари, од студии.

„Познато е, дека стотина и стотина лица, косовари со српско и албанско потекло исчезнаа во периодот 1999-2000 и дека нивната трага целосно е изгубена, тоа не може сериозно да се оспорува, исто како и постоењето на тајни затвори на ОВК во северна Албанија. Жртвите беа Срби и косовски Албанци, за нас тие се човечки суштества“, нагласи Марти.

На тие кои денес бараат докази, Марти им порача: „Зошто извештајот на Марти денес предизвикува скандал, а истовремено го примивме со општа рамнодушност убиството на сведок, кој сведочеше против политичар обвинет за тешки злосторства и зошто не се побара одговорност и објаснување од сопствените национални власти, кои имаа голема одговорност во регионот?“

Широка поддршка

Најголемиот број од учесниците во расправата го поддржа извештајот. Претставникот на групата на социјалистите, Клас де Врис, нагласи дека извештајот „го документира еден од најмрачните периоди“ на блиската историја, и дека тој не е пресуда туку потсетник на должноста да се трага по вистината.

За Амбер Руд, претставничката на групата на европски демократи, Марти „направил храбар изештај“ и дека таа група ќе се залага за расветлување на организираниот криминал, кој се случувал за време на војната.

Hauptquartier der UNMIK, United Nation Mission in Kosovo, in Pristina
ПриштинаФотографија: picture-alliance/ dpa

Единствено пратеникот од Албанија, Шпетим Идризи во неговиот говор пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, го отфрли извештајот на Дик Марти. „Извештај, инициран од страна на Русија, поддржан од страна на Србија, со цел напаѓање на ЕУ, САД, ОВК и Хашим Тачи. Вашиот извештај не можеше да ги најде телата на загинатите, кои беа преземени. Ве повикувам да ги објавите интервјуата кои се направени“, рече Идризи. Според него извршувањето на криминалните активности, кои се наведени во извештајот на Дик Марти се невозможни, затоа што Косово веќе една деценија е под меѓународен надзор. „Да, ние најдовме сведоци, тие се кредибилни, тие ни дозволија да бидеме прецизни и затоа тоа ги плаши, тие не се ни со Србите, тие сведоци го сакаат Косово, тие се плашат, бидејќи немаат доверба во нивното и меѓународното судство, кое не знае да ги заштити сведоците“, истакна претходно Марти порачувајќи да го прочитаат извештајот на Гардето посветен на заштитата на сведоците.

„Пораката која ја носи овој извештај е дека потрагата на вистината е неопходна за правдата и потрагата по правдата треба да оди до крај без разлика кои личности се вмешани. Тоа е неопходно за процесот на помирување во регионот“, истакна Жан-Шарл Гардето, пратеник од Монако. Од неговиот извештај, за кој ќе се расправа утре (26.01.11), добро се гледа по каков притисок се наоѓаат сведоците кои се подготвени да сведочат.

Според многу парламентраци од 47 земји членки на СЕ, мисијата Еулекс е најсоодветна да ја води истрагата. Ермира Мехмети Деваја, која беше единствената која говореше од македонската делегација, смета дека некои формулации од извештајот звучат „прејудицирачки“.

„Мислам дека имаше потреба да се оспорат некои тврдења, кои со право се протолкуваа и доживеаа како тенденциозни, кои се однесуваат на улогата и мисијата на меѓународната заедница во постконфликтно Косово. Тоа мора да се промени барем во насловот на резолуцијата.“

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска