И ерупција на вулкан на Сулавеси
3 октомври 2018Вулканот Сопутан на островот Сулавеси во Индонезија почна денес да исфрла пепел до 6.000 метри височина
Властите издадоа предупредување дека треба да се избегнува подрачјето во радиус од 4 километри околу вулканот. Предупредување е издадено и за авионските компании. Засега меѓутоа, порачаа властите, не е неопходна евакуација на населението,
Сопутан се наоѓа на северот на островот Сулавеси на околу 1000 километри одалеченост од градот Палу, во централниот дел на Сулавеси, кој беше најтешко погоден од разорниот земјотрес и цунамито пред неколку дена. Индонезија има околу 120 вулкани и се наоѓа во таканаречениот Огнен појас во Пацификот, каде има чести земјотреси и голема вулканска активност.
Во меѓувреме, бројот на жртви во земјотресот и цунамито во централниот дел од островот Сулавеси, се зголеми на 1.407, соопштија утрината индонезиските власти.
Повеќе:
-Бројот на загинати на Сулавеси не е конечен
-Преку 800 жртви во Индонезија
-Стотици жртви на чудовишното цунами во Индонезија
ОН апелираа дека е потребно да се обезбеди хуманитарна помош за околу 200.000 загрозени лица, меѓу кои има голем број деца.
Околу 66.000 домови се уништени во земјотресот со магнитуда од 7,5 во градот Палу и во околината.
Претходниот број на мртви изнесуваше 1.374. Властите стравуваат оти бројот на настрадани може да биде поголем.