1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СПЦ и МПЦ ќе држат заедничка литургија во Белград

ДТЗ
17 мај 2022

МПЦ-ОА утре ќе одржи седница и ќе бара дообјаснување од СПЦ. Владиката Пимен не сака да се впушта во непотребни толкувања за да не долева масло на огнот. За четврток најавена заедничка богослужба во Белград.

https://p.dw.com/p/4BPbc
Mazedonien | Der Bischof der Mazedonisch-orthodoxen Kirche | Pimen
Владиката на МПЦ-ОА, ПименФотографија: Petr Stojanovski

Синодот на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија утре ќе одржи координативна седница на која се очекува да се разгледа одлуката на Српската православна црква да го обнови канонското единство со македонската црква. На седницата се очекува да се споделат сите информации, а за сите нејаснотии коишто произлегоа по последното соопштение од Ниш, ќе се побараат појаснувања од страна на СПЦ. Но, во меѓувреме од Белград веќе беше соопштено дека српскиот патријарх Порфириј и македонскиот архиепископ Стефан в четврток на 19 мај ќе одржат заедничка литургија во храмот „Свети Сава“ во Белград. На литургијата ќе сослужуваат сите архијереји од двете цркви. 

Дел од владиците членови на Синодот на МПЦ-ОА, пак, се уште чекаат на дискусија и заедничко толкување на одлуката на СПЦ. 

„Засега имаме само официјално соопштение од страна на СПЦ, и мал милион толкувања на истото од стручни и нестручни лица. Има многу пристрасност во толкувањата. Дел од политички, дел од национален и секаков друг аспект. Има и судир на суети, на лични интереси. Затоа и ја имаме оваа какофонија во јавноста“, вели отец Пимен, митрополит на Европската епархија на МПЦ-ОА за Дојче веле.

Вестите коишто вчера пристигнаа од Ниш, каде што заседаваше Соборот на Српската православна црква за статусот на МПЦ-ОА, предизвикаа дилеми и загриженост во Скопје. Отец Пимен вели дека не би сакал да се впушти во непотребни толкувања кои би долеале масло на огнот.

„Деновиве секако не ни се дадени за меѓусебни обвинувања, лов на вештерки и непотребни кавги, туку за благодарење на Бога за враќањето во канонското единство со православниот свет и молење на Бога Света Троица за омудрување пред донесувањето на одлука за следните чекори“, дециден е митрополитот Пимен. 

Петар: Позитивен развој  

Тој повикува на воздржаност до утрешната координативна седница на Синодот на МПЦ-ОА. „На неа ќе се споделат сите нам достапни информации и ќе се појаснат, а за она што и нам не ни е јасно, комисиски ќе се побараат појаснувања од страна на СПЦ“, вели митрополитот Пимен. 

-повеќе на темата: Владиката Петар за ДВ: Одлуката на СПЦ е позитивен чекор во односите со МПЦ-ОА

Претходно, владиката Петар во изјава за Дојче веле оцени дека вестите коишто во понеделникот (16.05) пристигнаа од Ниш се позитивни и покажуваат дека „работите за МПЦ-ОА не одат наназад, туку нанапред“.  „Одлуката на СПЦ да го обнови канонското единство со Македонската православна црква – Охридска архиепископија е чекор напред во односите меѓу двете цркви“, вели митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиски и новозеландски г. Петар. 

„Вселенската патријаршија нѐ упати на Српската православна црква да ги уредиме управните прашања меѓу двете цркви во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание. Штом српската црква прифатила да ги решаваме овие прашања, не гледам што би можело да биде негативно во овој процес“, оцени владиката Петар за ДВ, коментирајќи ја минатонеделната одлука на Цариград.