1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петар Богојески: Доста ни е од бандити од сите партии!

5 декември 2019

„Македонски концепт“ нуди нов пристап во политиката, вели Петар Богојески пред денешната промоција на новата граѓанска платформа

https://p.dw.com/p/3UFlm
Petar Bogojevski VMRO DPMNE Reformpolitiker aus Mazedonien
Фотографија: Privat

Вечерва во 19 часот во City Hall Center во МКЦ преку „Визуализација на ‘Македонски Концепт'“ ќе бидат промовирани логото и идеите на oваа нова граѓанска платформа. Најавена е како иницијатива за иновативни идеи и одговор на актуелните состојби, проблеми и очекувања на граѓаните. За платформата во која се добредојдени сите - без разлика на етничка, верска или политичка припадност, разговаравме со еден од нејзините иницијатори,

Петар Богојески, кој идејата за „Македонски концепт“ ја обелодени за ДВ во септември годинава.

Што е различно во понудата на вашата иницијатива од она што го нудат партиите? 

-Круцијалната разлика на политичката понуда во моментов во земјава е помеѓу три програми: „Обнова за Македонија” која нуди реставрирање на минатото, „На прав пат” која што нуди да продолжиме на денешниот начин, и „Македонски Концепт” - која нуди длабоки реформи во секој поглед. Секој почеток е тежок, но за нас е предизвик. Започнуваме на база на граѓански активизам, со предкампања.

Ако ги прашате партиите, и тие тврдат дека се залагаат за реформи.

- Генерален заклучок е дека политичките партии се досадни. Особено тоа е присутно кај помладите генерации. Од друга страна, искуството на создавање на опортуни политички партии е исклучително непријатно. Единствено граѓанскиот активизам и зголемувањето на граѓанската будност е она што може да даде подобро решение. Поинаков пристап во политиката - тоа е нашиот императив, она кон што целиме. ‘Македонски концепт' е всушност платформа за промоција на иновативни идеи, без амбиција да биде политичка партија. Тоа би било чекор назад. Понудена е идеја, кој тековно се надградува и прилагодува на реалните потреби на граѓаните. А тие потреби се подложни на дневни промени. Значи нашата идеја се менува, се адаптира на дневната актуелност. Такви својства не може да покаже ниту една политичка партија. Таква мобилност може да има само ваков иновативен пристап во политиката во земјава. 

Што симболизира името „Македонски концепт"?

-Македонско е се она што доаѓа од Македонија. Без разлика дали е производ, услуга или самите ние граѓаните. Крајната цел, сите граѓани да се идентификуваме со терминот ‘македонски', е всушност предуслов за да се идентификуваме со државата. Тоа ни е потребно за да ги надминеме проблемите од минатото и да зачекориме кон иднината. 

Во еден период бевте дел од иницијативата за внатрешни реформи во ВМРО-ДПМНЕ. Дали досегашните промени во партијата ги сметате за доволни?

-Што е со ВМРО ДПМНЕ, веќе никој нормален не знае.  Едноставно членството е заробено од шака бандити, кои партијата ја користат за спроведување на лични агенди. Таму не остана ништо од политика или од идеологија. Носечка кауза е клинтелизмот, без трошка срам. Но, да не зборуваме само за минатото. Каде е иднината на партијата? Веројатно во нејзино подлабоко реформирање во форма на унија, подлабоко од сето она кое последниве три години го пропагиравме преку иницијативата за реформи. Во моментов имаме 4 блокови. Тоа се проевропски, советски, бандитски (не ги интересира политика, само профит) и надворешен блок (вмровци кои не се идентификуваат со ВМРО-ДПМНЕ). Не постои друг начин за нивно спојување и организирање, освен промовирање на сосема нова организациска поставеност во форма на Унија, во која ќе кохабитираат сите блокови. Во спротивно, партијата ќе се распадне следните години.  Во овој момент советскиот блок, поддржан од бандитскиот, ја управува партијата.  Сите надежи за нормализирање на состојбата и европеизација се пропаднати. За тоа зборува и фактот што подршката за ЕУ кај членовите на партијата опаднала на историски минимум од 38%. Никогаш како денес, не биле толку моќни бандитите во партијата. Тоа е резултат токму на таа нивна моќ и спој со неприродната советска кауза за вмровска средина.

Но, реформите каскаат и на институционален план. Владее разочараност од состојбите во правосудството, и веќе е извесно дека времето и вниманието до изборите ќе се потрошат на судењето за „Рекет“...

-Во поглед на владеењето на правото, за нас уништувањето на СЈО беше проект, а не случајност.  Проект во кој се вмешани сите политичари конектирани со бандитите во земјава, без разлика од која партија доаѓаат. Пропаста на СЈО дојде одвнатре, од самата институција. Зошто било оставено работите да се случуваат без суперконтрола, без мониторинг, не е јасно, но тоа е она што е клучно за бандитите да успеат да се наметнат во играта и да ја преземат иницијативата. Сега тоа е завршено. Одложувањето на донесувањето на новиот закон за Јавното обвинителство е исто проект на бандитите од сите партии. Тоа е нашиот мотив да се организираме во ‘Македонски Концепт' и да се спротиставиме на тие бандити.

Веќе е извесно и дека некои поведени постапки на Уставниот суд може дополнително да ја искомпликуваат состојбата...

-Уставниот суд во Македонија е репрезент на минатото, не на сегашноста или иднината. Погледнете го само неговиот состав и се` ќе ви стане јасно. Едно добро организирано друштво, кое личните интереси ги има ставено далеку пред јавниот интерес. Нема граѓанин кој не е вознемирен од тоа што се го прават во овој момент. Одлoжувањето на одлуки за ‘поблагопријатни' моменти не е решение. Тоа одложување на одлуките на Уставниот суд зборува за нивната намера да донесат скандалозни одлуки. Единствено што останува е да се преиспита неговиот состав. Време е за професионализација и департизација на Уставниот суд.

Во ваква хаотична ситуација на правен терен, што може да донесат предвремени парламентарни избори?

-Стоиме на ставот дека брзи избори во несозреани услови за тоа, се добри за политичките пратии, но не и за државата. Се` додека не се валоризира жртвата направена со Преспанскиот договор, а тоа е  влез во НАТО  и  отворање на преговори со ЕУ,  избори не ни се потребни. Не треба да дозволиме партиските интереси да го засенат процесот за НАТО - интеграција. Прво државниот, па партиските интереси. Најдобро е изборите да се одложат за мај/јуни или септември/октомври 2020 година. Чесно е овој парламентарен состав да го ратификува договорот за НАТО.