1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Пет факти за смртта

Александер Фројнд
19 април 2019

Дали за табу темата смрт може да се разговара со факти? Кога настапува таа? Што велат искуствата на луѓе кои се очи в очи со смртта? Имаме ли душа? Пет аспекти за смртта од областа на биологијата, медицината и физиката.

https://p.dw.com/p/3H4aA
Herz Herzschlag Symbolbild
Фотографија: Fotolia

„Смртта многу веројатно е најдобриот изум на животот. Таа е моторот на промените на животот. Таа го отстранува старото и прави простор за новото!" Прошталниот говор на коосновачот на Епл, Стив Џобс, допре многумина. На крајот на неговиот живот не му помогнаа ниту неговото богатство, ни круцијалните успеси, ниту врските што ги имаше. На само 56 години пионерот во техниката почина по долгогодишно боледување од рак.

Зошто биолошката смрт е неизбежна?

Смртта прави простор за нешто ново. Така е и во човечкото тело кое е составено од милиони и милиони клетки кои дневно се делат и на тој начин се грижат за растот. Живите организми имаат многу успешен метод да уништуваат вишок или штетни клетки, како што се вируси или клетки на рак. Тоа е програмираната смрт на клетките. Старите клетки се заменуваат со нови, идентични. Но, таквата делба на клетките се забавува и некогаш целосно сопира. За тоа се одговорни веројатно теломерите кои се наоѓаат на краевите на хромозомите. Кога тие заштитни врвови се скратуваат во процесот на постојаната делба на клетките, тогаш делбата престанува. Прво нема веќе нови клетки, потоа старите изумираат. Ензимот теломераза може да помогне повторно да дојде до делба на клетките, но теломеразата може да го забрза и ракот и затоа од биолошка гледна точка има смисла што ензимот е активен само во неколку клетки. Пореметување на процесот, на пример во нашите митохондрии, има страшни последици за секој организам. Биолошки телото функционира максимално 120 години. Круцијално е сепак животното очекување кое се продолжило со текот на еволуцијата благодарение на подобрените животни и хигиенски услови. Во Германија на пример секоја година очекуваната старост се зголемува за 3 месеци.

112-годишен Јапонец официјално е најстариот маж во светот

Како се дефинира смртта?

Symbolbild Gehirn Nervenzellen Synapsen
Фотографија: Adimas/Fotolia.com

Процесот на стареење на телото често завршува со откажувањето на функцијата на повеќе органи, кардиоваскуларниот систем, белите дробови и мозокот. Настапува смрт. Медицински гледано има различни видови смрт, „клиничка“, во која откажува кардиоваскуларниот систем, пулсот и дишењето, а органите веќе не се снабдуваат со кислород и хранливи состојки. Во случај на „клиничка смрт" е можна реанимација со вештачко дишење и масажа на срцето и чест пати таа е успешна. Тоа пак е невозможно во случај на откажување на мозочните функции, кога престанува работата на големиот и малиот мозок. И во овој случај постои можноста некои мозочни ќелии да се активни во подлабоките слоеви, но „свеста" е веќе изгубена. Сепак таквите „мртви” може уште долго време да се држат вештачки во живот, па дури е возможно такви бремени пациентки да износат бебе сѐ до неговото раѓање. Некои од нив реагираат и на надворешни дразби, на пример при операции. Но, од медицинска гледна точка тоа се само рефлекси, а не и чувство на болка. И покрај најстроги правила, на пример од Сојузната лекарска комора, дефиницијата за смрт заради откажување на мозочните функции и натаму е многу спорна.

Што се случува со нашето тело?

Нашите органи може да издржат еден период без кислород и хранливи материи. Делбата на клетките постепено престанува и потоа клетките изумираат. Ако изумрат премногу клетки, органите не може да се регенерираат. Најбрзо реагира мозокот, каде клетките изумираат веќе по 3 до 5 минути. Срцето може да издржи и до половина час. Кога крвта веќе не циркулира, настануваат мртовечки дамки, кои на судската медицина може да ѝ дадат индиции за причината и местото на смртта. По два часа телото се здрвува, бидејќи веќе не се синтетизира аденозинтрифосфат, кој е витален транспортер на енергија во организмот. По неколку дена здрвеноста се повлекува. Желудникот и цревата умираат дури по 2 до 3 дена, а бактериите во нив го забрзуваат распадот на телото. Патогени бактерии во телото уште долго време остануваат опасни и заразни. Причинителите на хепатитис живеат уште неколку дена, бактериите на туберкулозата со години. Процесот на распадот на телото трае околу 30 години.

Повеќе: 

Колку ќе живееш зависи од тоа каде живееш

Тајната на долгиот живот

Што научивме од искуствата блиску до смртта?

Научно погледнато, „искуство блиску до смртта" настапува во времето помеѓу клиничка смрт и реанимација. Не само науката, туку и религиите и езотеричарите интензивно се занимаваат со анализа на опишаните искуства, кои во зависност од културниот или религискиот карактер на лицата може екстремно да варираат. Многумина кои го доживеале ова искуство не се сеќаваат на ништо. Други пак раскажуваат дека имале чувство оти им се одвојува душата од телото, некои гледале широки предели природа, а некои пак силна светлина (на крајот од тунелот). Други раскажуваат дека доживеале огромно чувство на среќа, а има и такви кои биле во состојба на екстремен страв и паника.

Се чини дека искуство блиску до смртта се случува кога реанимацијата трае подолго и мозокот долго време не се снабдува со кислород. Овој недостиг од кислород има особено влијание врз темпоралната и париеталната мозочна регија. Дали искуството блиску до смртта настанува таму, засега е непознато. Научниците исто така испитуваат како ова искуство може да се поврзе со слични искуства кај живите луѓе. Има случаи и на пациенти болни од мигрена кои гледаат светлина, додека некои пациенти болни од епилепсија исто така тврдат дека доживеале искуства „надвор од телото".

Licht am Ende Tunnel
Фотографија: Fotolia/GVS

Каква врска има квантната физика со душата?

Не само теолозите и езотеричарите, туку и физичарите активно се занимаваат со истражување на енигматскиот феномен на искуства блиску до смртта. Основа за терминот „физички опислива душа" е феноменот на квантната физика - испреплетеноста. И Алберт Ајнштајн наишол на овој чуден ефект, но го отфрлил како „привид на долго растојание", според кој две честички се однесуваат како близнаци без разлика на нивното растојание. Ако својството на честичката се утврдува со мерење тогаш веднаш се утврдува и квантната состојба на партнерската честичка. Голем број квантни физичари денес веруваат дека овој ефект всушност постои. Исто како кај честичките, постои дуализам меѓу телото и душата.