1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пет години без Стив Џобс, „и уште нешто...“

Харди Граупнер
5 октомври 2016

Дали беше преценета улогата на Стив Џобс во Епл, имајќи ги предвид солидните резултати на компанијата под водство на неговиот наследник Тим Кук?

https://p.dw.com/p/2Qtkm
Steve Jobs mit Apple iPad ohne Logo
Фотографија: cc-by William Avery/Matt Buchanan

Да разјасниме: Никој никогаш не рекол дека Стив Џобс беше сакан од сите. Некои дури и го мразеа поради неговиот животен стил, неговите ексцентрични идеи и поради начинот на кој успеваше да го избегне публицитетот вон промотивните церемонии за новите производи на Епл.

Кон крајот на тие церемонии, речиси секогаш, Џобс тивко ќе го изговореше неговото легендарно „и уште нешто...". Присутните веднаш знаеја дека најважниот дел на шоуто штотуку почнува, значејќи дека Џобс само што не отркил уште еден вчудоневидувачки производ за верните потрошувачи на Епл кој што, речиси без исклучок, ќе се претвори во следната машина за правење на пари.

Потрошувачите низ целиот свет почувствуваа дека човекот со огромна визија ја напушти сцената на животот пред пет години. На комеморативната интернет страница, корисникот Сидхарт ги опиша емоциите на многумина негови современици.

„Стив го промени светот, не еднаш или два пати, туку повеќе пати“ напиша тој. „Неговата генијалност го подигна нивото на важноста и фокусираноста кон корисниците и ни даде нешто на што можеме да се радуваме. Тој креираше магија и речиси самостојно го одржуваше во живот факторот на изненадување".

„Без разлика што мислите за личноста на Стив Џобс, мора да го признаете неговото силно лидерствно", вели Иан Фог, аналитичар во ИХС Маркит, компанија за анализа на податоци.

„Лидерството треба да влијае врз другите и да ги мотивира да остваруваат големи нешта“ изјави Фог за ДВ. „Тоа е исклучително лидерство, да се направи институција како Епл, со сите тие принципи втемелени во неа“.

Die US-Amerikaner Steve Wozniak und Steve Jobs sitzen an einem Computer 1978
Стив Возниак и Стив Џобс во младите деновиФотографија: picture-alliance/dpa/Apple

Важна е едноставноста

За големиот број достигнувања на Џобс се напишани многу книги, а во 2015 година беше издаден и филм. Во основа, неговиот најдобар квалитет беше неговата способност да ги гледа работите низ очите на обичниот потрошувач. Тој ја разбираше таквата потребата на потрошувачите и ја спојуваше со можноста за правење бизнис, произведувајќи уреди кои се едноставни за употребување.

Мајкл Калор од Wired.com истакнува дека Џобс „успеал во својата мисија да го хуманизира начинот на употребувањето на личните компјутери, одново пишувајќи ги правила за дизајн на корисничкиот интерфејс и искуство, дизајнот на хардверот и софтверот“.

Тој го имаше тоа во себе уште од самиот почеток, кога заедно со Стив Возниак, другиот ко-основач на Епл, Џобс настојуваше да ја оствари идејата за производство на персонални компјутери кои може да се продаваат на широкиот пазар. Да, имаше персонални компјутери и претходно, но Мек, персоналниот компјутер од Епл, стана првиот успешен компјутер кој имаше глувче и графички интерфејс, правејќи го многу полесен за употреба во однос на командиот интерфејс на конкурентите.

Експертите од пазарот со право укажуваат на тоа дека Епл не станал толку голем поради технолошките напредоци кои ги постигнале во однос на ривалите. Тие тоа никогаш не го ни имале. Но, фокусот кон корисниците и едноставноста на користење на нивните производи е тоа што придонесе компанијата да биде толку успешна. Леснотијата на употреба беше јадрото на долгорочната стратегија на Џобс.

Погледнете го ајподот со неговиот симплифициран кориснички интерфејс, кој на пазарот за прв пат се појави во 2001 година и „го промени начинот на купување и слушање на музика“, коментираше Ерик Екел за Techrepublic.

Визијата на Џобс за ајфонот беше уште поимпресивна. И порано имаше мобилни телефони, а исто така и електронски календар, електронска пошта и програми за музика. Она што го направи ајфонот хит од самиот момент кога беше претставен во 2007 година беше интеграцијата на сите тие апликации во една единствена, лесна за корисење направа. Ајфонот доживеа огромен успех и покрај неговата доста висока продажна цена. Големата популарност, покрај големата цена, му дозволи на Епл да оствари неверојатна профитна маржа од 40% на секој продаден ајфон.

San Francisco Apple 3G iPhone Präsentation Steve Jobs
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Mabanglo

Незаменлив?

Стив Џобс го направи Епл голем, не еднаш, туку два пати. Кога мораше да ја напушти компанијата поради несогласувањата со управниот борд, неколку години Епл се соочуваше со потешкотии. Но, кога конечно се врати во 1997 година, тој успеа да го врати поранешниот сјај на компанијата.

Долго време, животот на Стив Џобс беше незамислив без компанијата која ја основаше. Но дали и Епл е незамислив без Стив Џобс? Приходите на Епл велат поинаку, на изненадување на многумина кои пред пет години мислеа дека компанијата ја чека пропаст без Џобс на кормилото.

Џобс му кажа на Тим Кук „Не сакам никогаш да прашуваш што јас би направал, направи го тоа што е исправно!“. И Кук го прифати овој совет, не гледајќи многу во минатото.

Според компанијата за технолошки консалтинг Џекдоу рисрч, четирите квартали пред Тим Кук да го преземе кормилото, приходите на компанијата изнесувале околу 100 милијарди долари. Пет години подоцна, оваа бројка е двојно зголемена. Исто така, и оперативниот профит во последната година е речиси удвоен во споредба со пет години претходно.

Некои велат дека и ова делумно е заслуга на Стив Џобс. „Успехот на Епл по неговата смрт е можеби најголемото достигнување на Стив Џобс затоа што покажува дека тој креираше култура на создавање на нови производи кои се докажаа како долготрајни“ додава Иан Фог.

Менување на курсот

Раководството на Кук доведе до промена на корпоративната култура со поголеми инвестиции во истражување и развивање на нови производи, до 4% од вкупните приходи, наместо 2% во времето на Џобс. И тоа ќе се исплати на среден рок. Има доволно пари за инвестирање и покрај значителната промена во политиката на Епл: Кук го направи она што Џобс тврдоглаво одбиваше да го направи до самиот крај. Тој исплати дивиденди на акционерите и откупи дел од акциите назад.

Досега единствениот, навистина нов производ на Епл под водството на Кук е Епл воч. Не се покажа како најголем хит, но 15 милиони продадени копии во првата година не се ниту неуспех.