1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Малкумина се убедени дека правдата пристигна

ЕМФ
18 декември 2019

Претседателот Пендаровски во Собранието оцени дека влезот во НАТО е историски успех, повика на соработка во преговорите со ЕУ и од следната власт побара да спроведе прочистување кај политичарите, судиите и обвинителите!

https://p.dw.com/p/3V1Az
Nord-Mazedonien Stevo Pendarovski hält Rede im Parlament
Фотографија: Cabinet of the President of North Macedonia

Преземени се храбри политички чекори за да се затворат политичките спорови со историска димензија со Бугарија и со Грција, влезот во НАТО е историски успех, а според истиот модел на државно единство ќе мора да се работи и во преговорите со ЕУ, рече денеска во своето обраќање во македонскиот парламент претседателот Стево Пендаровски, кој веднаш на почетокот потенцираше дека негова „главна политичка цел беше и останува, да бидам независен, да бидам претседател на сите, а не партиски послушник или апологет на некој транзициски олигарх“.

Пендаровски оцени дека старите поделби по етничка и партиска линија не се надминати, „а на дневна основа веќе ги гледаме новите поделби, дали во врска со лицата со попреченост, дали во однос на различната сексуална ориентација и родовиот идентитет на некои од нас“.

„Драги пријатели, сè додека се делиме по различни основи и ги дискриминираме поинаквите од нас, не можеме да зборуваме за напредок и да се дефинираме како прогресивно општество. Притоа, ниту една промена на подобро не се случила затоа што јавноста или средината биле подготвени за тоа, туку, затоа што некој активно работел за тие промени да се случат. Против предрасудите и стереотипите треба да се бориме сите, но, да не се лажеме, одговорноста да се биде во првите редови на таа борба лежи, пред сè, врз нас, избраните политичари“, рече Претседателот.

Закон за јазици

Пендаровски во своето обраќање се задржа на Законот за јазици и рече дека тој е прочитан „исклучиво преку политичка и етничка диоптрија“:

„Венецијанската комисија не вели дека Законот е спротивен на нашиот Устав, бидејќи за тоа воопшто не е надлежна. Исто така, комисијата не вели дека на Албанците им се дадени премногу права, напротив, нè истакнува како пример на држава која оди и подалеку од, инаку, високите европски стандарди во оваа област. Меѓутоа, врвните европски правници со право забележуваат дека нашата држава, во овој момент, не поседува капацитет и ресурси да ги имплементира тие стандарди во судските и управните постапки. Со други зборови, какво фајде од Законот ако неговите одредби останат само на хартија. Да бидам уште појасен околу мојот личен став: пред две години, тогаш како пратеник, во Комисијата за европски прашања, аргументирав дека ниту една држава не се распаднала затоа што на своите граѓани им дала премногу права во областа на јазикот. Законот за јазици сигурно нема потенцијал да ја дестабилизира земјата, меѓутоа, ако велиме дека законите ги носиме заради граѓаните, чесно е да ги направиме сите неопходни корекции за тие навистина да заживеат.“ 

Со ветинг да се почне од политичарите

Навраќајќи се на настаните во Собранието од 2017 година, до кои довела т.н. „заробена држава“, Претседателот оцени дека „за само две и пол години успеавме да ја вратиме државата во нормала и да ја донесеме на прагот на членството во НАТО и на отворањето на преговори со ЕУ, што е најбрза забележана обнова на државните институции во повоена Европа“.

Интервју на Пендаровски за ДВ

„Клучните демократски индикатори – слободата на медиуми, економските слободи, отстранувањето на политичката контрола од правосудството и администрацијата, се придвижија во позитивна насока и тоа го покажуваат сите објективни анализи направени во меѓувреме и кај нас и во странство. Меѓутоа, генералната перцепција на нашите граѓани е дека тој прогрес не е доволен затоа што нивните очекувања по десет години автократски режим, со право, беа поголеми. Широкото граѓанско движење на отпорот кое беше генератор на демократските промени настапуваше под мотото 'Нема правда, нема мир', но, за жал, по три и пол години од единствената, наша, демократска револуција во посткомунизмот, малкумина се убедени дека правдата пристигна. Во редица судски процеси не видовме завршница, некои од најголемите правни случаи застареа на очиглед на сите нас, а, креаторот на режимот избега и од правдата и од државата и притоа, ниту една институција не кажа јавно како такво нешто, воопшто, беше возможно. Врв на лошите состојби во правосудниот систем беше т.н. афера 'Рекет', во која меѓу обвинетите за тешки кривични дела се најде и првата личност на институцијата која беше имено формирана со една единствена цел ‒ да ги гони криминалците.“

За македонскиот правосуден систем, според Пендаровски, не зборува добро, што „безмалку три децении сме независна држава, а, ниту еден висок политичар или преку ноќ збогатен бизнисмен нема завршено зад решетки, а таму требаше да завршат многу повеќе од еден“

„Општа е перцепцијата кај граѓаните дека само сиромашните и луѓето на маргини, без релација со некоја од властите, одговараат дури и за багателни кривични дела. Затоа и не треба да нè чуди што голем дел од младите луѓе ги воспитуваат т.н. реални шоуа, а нивните идоли не се чесните луѓе ‒ домаќини, со образ и личен интегритет, туку типови од криминалниот полусвет. Тука, без намера да навлегувам во нечии политички програми и идеи, сакам уште од сега јавно да ѝ порачам на следната власт: веднаш по изборите спроведете прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но, прво, кај нас ‒ политичарите. И за секого за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, треба веднаш да следи не оставка, туку кривична постапка.“

Иселувањето е закана за иднината

Македонскиот претседател во својот говор во Собранието побара и сериозно зафаќање со проблемите на загадувањето и заштитата на животната средина и предлага натпартиска стратегија за ублажување на негативните ефекти од промените на климата, а натпартиска стратегија бара и во справувањето со проблемот на иселувањето од државата:

Иселувањетое една од најголемите закани за безбедноста и иднината на земјата затоа што го намалува биолошкиот супстрат на нацијата од која директно зависи нашиот опстанок и просперитет во сите витални сектори на општеството. Не можам да видам како некој мисли, ако мисли, дека би добил политички поени кога вели дека во 'ваше време' се иселија 300.000 граѓани, а во 'наше време' само 150.000.?!... Да донесеме натпартиска стратегија, барем за ублажување на последиците од оваа голгота на нашиот народ. Во ситуација кога 15 години чекаме да почнеме преговори со ЕУ, во ситуација кога влегуваме во НАТО после цели 20 години откако го добивме статусот на земја-кандидат, а стандардот пер-капита е на 80% од некогашниот наш југословенски просек, со просечна плата од 400 или 500  евра, иселувањето може да бележи само нови поразувачки рекорди. Притоа, не како политичари, туку како обични луѓе, ние мора да се согласиме дека ако макар само еден единствен млад човек ја напушти државата, заради нашите политики, тоа не е трагедија само за неговото семејство, туку, објективно и за сите нас“, рече Пендаровски.

Претседателот на крајот од своето обраќање се осврна и на проблемот на дигитализација на државата, која според него е неопходна за „забрзан развој во глобалната ера“ и побара организирање фер и демократски избори. Претстојните парламентарни избори, едноставно, не смеат да бидат под нивото на претседателските и тоа според двете суштински компоненти: прво, демократски амбиент со слободни медиуми и вработени во админстрацијата ослободени од притисоци и второ, политичка реторика и култура која го почитува противникот и ја честита победата на крајот на изборниот ден. Секој од нас има должност и одговорност, не реторички, туку практично, да покаже пред граѓаните дека изборната битка не е борба на живот и смрт“, рече претседателот Пендаровски.