1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Партијата на Петков: Генчовска да го достави протоколот

20 јуни 2022

Преговарачката рамка и билатералниот протокол се двата дела на еден пакет, на кој од бугарска страна целосно работи МНР, велат од ПП и чекаат Генчовска да го достави до собраниската Комисија.

https://p.dw.com/p/4CvnB
Теодора Генчовска, министерка за надворешни работи на Бугарија
Теодора Генчовска, министерка за надворешни работи на БугаријаФотографија: Georgi Paleykov/NurPhoto/picture alliance

По завчерашното видео обраќање на лидерот на ИТН, Слави Трифонов, во кое тој повторно го обвини премиерот Кирил Петков дека водел надворешна политика различна од онаа на МНР, се огласи партијата на Петков. За да аргументира кој води различна политика, партијата посочи дека билатералниот протокол меѓу РСМ и Бугарија, кој заедно со Преговарачката рамка е дел од пакетот, Генчовска сѐ уште не го доставила во собраниската Комисија за надворешна политика.

„Господинот Трифонов ги доведува во заблуда бугарските граѓани, дека Теодора Генчовска, која тој ја нарекува ‘предлог на Има таков народ’, не знаела за условите во предлогот на Европската Унија, во ситуација кога тие разговори се водени само и единствено со МНР.  Исто така, министерката Генчовска сѐ уште не го доставила билатералниот протокол меѓу Бугарија и Северна Македонија, кој Министерството го договараше со Скопје. Комисијата за надворешна политика при Народното собрание побара од МНР јавно да го достави тој билатерален протокол. Преговарачката рамка и билатералниот протокол се двата дела на еден пакет, на кој од бугарска страна целосно работи МНР. Затоа, собраниската комисија исто така ќе го покани министерот за надворешни работи во наредните денови, освен овие документи, да и ја презентира на Комисијата и анализата на МНР за нивната усогласеност со Рамковната позиција и Декларацијата на Народното собрание од 2019 година, како и со позицијата на Консултативниот совет за национална безбедност од јануари годинава“, соопшти владејачката „Продолжуваме со промените“.

Од партијата потенцираат дека најостро го осудуваат ширењето невистини, кое не само што ги влошува добрососедските односи на Бугарија со земјите од Западен Балкан, туку и отворено манипулира со бугарските граѓани. 

Лидерот на бугарската партија „Има таков народ“, Слави Трифонов
Лидерот на бугарската партија „Има таков народ“, Слави ТрифоновФотографија: TV/Handout/REUTERS

Јазик со фуснота?

Но, критиката за двојна надворешна политика, не е единствената што дојде од лидерот на ИТН. Тој има повеќе забелешки за францускиот предлог, а посочува и апсурд поврзан со јазикот.

„Бидејќи ние Бугарите не прифаќаме постоење на македонски јазик, бидејќи таков јазик нема, ќе го признаат сите други европски земји. Нам ќе ни признаат - дека ние не го признаваме. Тоа е резултат на двојната политика на Кирил Петков од моментот кога стана премиер“, рече Трифонов.

Повеќе: Француски предлог- Само Софија може да го „спаси“ Скопје

За оваа забелешки на Трифонов, уследија голем број дипломатски и медиумски анализи, со став дека нема простор за загриженост. 

„Во однос на преводите на acquis (збирот закони и правила на европското законодавство – н.з.) на македонски, ЕУ ја зема предвид соодветната намера на Бугарија и на Северна Македонија да дадат еднострана декларација по прашањето за македонскиот јазик“, го посочуваат предлогот аналитичари и дипломати.

Притоа се објаснува дека тоа значи оти секогаш кога ќе биде потребно - ќе мора да има задолжителна фуснота со бугарскиот став за јазикот на РСМ.

Запрашан дали е прифатливо јазикот во преговарачката рамка да се декларира по пат на еднострани декларации од РСМ и Бугарија, македонскиот премиер Димитар Ковачевски вчера одговори дека македонскиот јазик мора да биде чист македонски јазик во преговарачката рамка. 

Премиерите и министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Ковачевски, Османи, Петков и Генчовска на нивната последна заедничка средба во Рим на 23 мај годинава
Премиерите и министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Ковачевски, Османи, Петков и Генчовска на нивната последна заедничка средба во Рим на 23 мај годинаваФотографија: Reg. Nordmazedonien

Не малцинство, туку заедница

Другата забелешка на Трифонов се однесува на терминот „малцинство“ во контекст на Бугарите во РСМ.

„Во францускиот предлог за кревање на ветото за почеток на преговори на Република Северна Македонија со ЕУ, кој премиерот Кирил Петков го достави до Комисијата за надворешна политика, се зборува за ‘бугарско малцинство’. Тоа е нешто што ние како Бугари никогаш не сме го прифатиле, бидејќи вистината е дека во РСМ нема бугарско малцинство, туку има Бугари“, рече Трифонов.

Повеќе: Никола Димитров: Францускиот предлог е дебакл за македонската дипломатија

Смирувачки тонови во однос на ова прашање вчера испрати бугарскиот копретседател во заедничката Комисија за историски и образовни прашања, Ангел Димитров, кој во емисијата „Говори сега“ на БНТ, укажа на напредок по тоа прашање. 

„Има многу сериозен чекор напред“, изјави Димитров, коментирајќи ја терминологијата во предлогот, каде се говори за „засилување на правата на луѓето кои припаѓаат на малцинства и заедници во Северна Македонија (...) и за вклучување во Преамбулата на граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од други нации како Бугарите".

„Терминот ‘заедници', како што знам, и мислам дека можам и да кажам - е придонес на бугарското МНР", откри Димитров.

Бугарскиот премиер Кирил Петков во разговор со сопартијците од „Продолжуваме со промените“
Бугарскиот премиер Кирил Петков во разговор со сопартијците од „Продолжуваме со промените“Фотографија: BGNES

Тој смета дека грижата за тоа прашање е непотребна, бидејќи сега е јасно дека „формулацијата е поширока".

На истото се осврна и Костадин Филипов, бугарски новинар и некогашен дописник од Македонија.

„Лично јас никако не го сакам зборот малцинство, уште повеќе тој да се употребува во однос на Бугарите во Република Северна Македонија. (...) Кога употребуваме ‘малцинство' во однос на Бугарите во РСМ, веднаш излегува заканата за реципроцитет, за да се бара од Скопје, како што впрочем се прави - македонско малцинство кај нас, а во бугарскиот Устав таква терминологија не постои. Такво нешто нема“, рече Филипов. 

Ангел Димитров отиде чекор понатаму.

„За Бугарите во РСМ и генерално за Бугарите во Македонија, гледано поглобално, историски, не може да се говори само количествено, со тој термин - малцинства. Бидејќи, тие се носители на државотворната идеја таму. До 1944 година нема друга државотворна идеја, освен таа што ја заштитувале македонските Бугари. Тоа го нагласувам категорично, тоа се историски факти. Идејата за независна држава доаѓа токму од раководителите на ВМРО, но по Првата светска војна, зашто знаат дека состојбите се такви што не можат да обезбедат нешто повеќе освен суштествување на две држави, во кои Бугарите како авотохтон народ се доминантното население“, изјави на БТВ бугарскиот копретседател во заедничката Комисија за историски и образовни прашања.    

Во бугарската јавност деновиве интензивно се потенцира дека не станува збор за „француски предлог", туку за „Преговарачка рамка предложена од Европската Унија под председателство на Република Франција“, со толкување дека зад тој предлог стои Унијата.

Оваа терминологија ја користи и владејачката партија „Продолжуваме со промените“.