1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Партиите замолчаа, сега гласачите држат збор

13 јули 2020

Поради пандемијата, за првпат граѓаните ќе се изјаснуваат во текот на три дена. Денеска гласаат оние кои се во домашен карантин поради позитивен тест на Ковид-19 и лица во самоизолација

https://p.dw.com/p/3fDQz
Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Ноќеска на полноќ заврши изборната кампања која траеше 20 дена, и започна изборниот молк кој ќе трае три дена и ќе заврши на 15 јули во 21 часот. Од денеска главниот збор го имаат гласачите, кои поради пандемијата на Ковид-19 за првпат ќе се изјаснуваат во текот на три дена. Први кои денеска ќе го дадат својот глас, се граѓани коишто се во домашен карантин поради позитивен тест на Ковид-19 и лица на кои им е определена мерка самоизолација. Од оваа категорија лица кои се пријавиле да гласаат, тоа право им е одобрено на 716 граѓани во 57 општини. Тие ќе гласаат во нивните домови и места на престој, а процесот ќе го спроведат Посебени избирачки одбори (ПИО) формирани од Државната изборна комисија, кои се составени од тројца здравствени работници и од претставници на политичките партии. Во еден од тие одбори е и Елизабета Ѓорѓиевска, сопругата на претседателот на државата, Стево Пендаровски. Таа е редовен професор на Стоматолошкиот факултет и раководител на Катедрата за детска и превентивна стоматологија, а како член на ПИО е избрана по случаен избор, исто како и другите медицински лица.

Протоколи за гласање

Државната изборна комисија деновиве објави едукативно видео за тоа како ќе тече гласањето на лицата што се позитивни на Ковид-19 и оние што имаат решение за самоизолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. На местото каде што се пријавиле дека сакаат да гласаат, овие лица ќе бидат посетени од Посебениот избирачки одбор. Пред посетата на секој гласач, членовите на одборот ќе треба да бидат опремени со мантил, ракавици и маска за еднократна употреба, визири и средства за дезинфекција.

Повеќе:

Кој ќе се олади во врелиот 15 јули

Негативни на Ковид-19, негативни и во кампањата

Короната со најголеми шанси за „прв премиер“

Пред да му го дадат гласачкото ливче, доколку гласачот нема, ќе му дадат маска и ракавици, ќе ги дезинфицира рацете и ќе се идентификува пред членовите на одборот на пропишаната дистанца. Откако ќе гласа тајно, гласачкото ливче го става во плик, па во кутија за гласање. Според утврдените протоколи, членовите на одборот ја менуваат заштитната опрема по завршувањето на гласањето во домот на секој гласач, односно ја менуваат толку пати колку што домови ќе посетат.

Утре, на 14-ти јули, правото на глас ќе го реализираат болни и немоќни лица, времено раселените, лицата згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа, затворениците и лица кои се во домашен притвор.

Во однос на болните и немоќни лица, според ДИК, од пријавени 9.499, прифатени се барањата на 8.852 лица кои поднеле соодветна медицинска документација за да докажат дека имаат потреба од гласање во нивниот дом. Бидејќи не станува збор за заразени од Ковид-19, процесот на гласање нема да го спроведуваат посебните, туку редовните избирачки одбори, кои треба да ги почитуваат сите мерки на превентива – носење заштитни маски, ракавици и одржување дистанца. Годинава, бројката на болни и немоќни лица кои побарале да гласаат дома, е за повеќе од два пати зголемена во однос на минатите избори, кога за истата цел се пријавиле 3.540 лица.

На 15-ти јули, в среда, ќе гласаат сите други, односно најголемиот дел од граѓаните со право на глас, кои според Избирачкиот список се 1.814.263 лица. Правото на глас ќе го реализираат на 3.480 избирачки места во шест изборни единици, а ќе избираат меѓу 15 партии и коалиции. Гласањето ќе трае од 7 до 21 часот.

АВМУ потсетува на правилата

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги потсети радиодифузерите дека од 13-ти јули заклучно со 21 часот на 15-ти јули, важат правилата за изборен молк. За време на молкот, медиумите може да известуваат за изборниот процес, но треба да престанат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборната кампања.

„Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта“, потсетува АВМУ.