1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папандреу бара поддршка од опозицијата

19 јуни 2011

Во Грција започна тридневна дебата во парламентот пред гласањето доверба на владата. Грчкиот премиер Јоргос Папандреу ги повика партиите на „национален консензус“ за мерките за штедење кои ги донесе неговата влада.

https://p.dw.com/p/11f7V
Јоргос Папандреу пред тешка задачаФотографија: dapd

На отворањето на парламентарната дебата денеска во грчкиот парламент Папандреу побара на неговиот реконстриран кабинет во вторник да му биде изгласана доверба. За тоа се потребни 151 глас од вкупно 300 пратеници. Социјалистичката партија Пасок на Папандреу располага со тесно мнозинство од 155 пратеници, но и дел од нив критички гледаат на пакетот мерки за штедење.

Антонис Самарас, лидерот на конзервативната опозициска партија, веднаш по говорот на Папандреу се изјасни дека неговата Нова демократија нема да гласа за доверба на владата. Премиерот води политика која не води кон решавање на проблемите, туку само ги заострува, тврди Самарас. Двете леви опозициски партии се против економските владини мерки. Новиот пакет мерки за штедење предвидува заштеда од вкупно 28 милијарди евра до 2015 година, од кои уште годинава треба да бидат заштедени 6,4 милијарди евра. Согласноста на парламентот за мерките е предуслов на почетокот на јули Грција да ја добие петтата транша од вкупно 110 милијарди евра итни кредити од ММФ и ЕУ.

Половина од Грците се против штедењето

Griechenland Krise Finanzkrise Kommunistische Partei Protest Demonstration Athen
Со денови граѓаните во Грција протестираат против мерките за штедењеФотографија: AP

Инаку, речиси половина од Грците се против мерките за штедење што ги предложи грчката влада, покажуваат резултатите од анкетата на агенцијата „Капа Рисрч“ . Според анкетата, 47,5 проценти од Грците се против владините мерки за штедење и сакаат предвремени избори, додека 34,8 отсто го поддржуваат усвојувањето на рестриктивниот пакет. Истражувањето, спроведено на 14 и 15 јуни со 1.208 испитаници, пред петочната реконструкција на владата, покажува и дека мнозинството Грци сакаат предвремени избори и смена на грчкиот премиер Јоргос Папандреу. Речиси 90 проценти од анкетираните сметаат дека Грција се движи во погрешна насока, а околу 80 отсто се противат на истапувањето на земјата од еврозоната.

Референдум за измена на политичкиот систем

Finanzminister beraten über Euro-Krise
Фотографија: picture alliance / dpa

Грчкиот премиер Јоргос Папандреу денеска најави и дека во текот на есента неговата влада планира да организира референдум за промени во политичкиот систем во Грција, вклучително и измени на грчкиот устав.

Папандреу нагласи дека е потребна реформа на државниот сектор чија сегашна поставеност „ја турна Грција на колена“, поради што најави спроведување на „сериозни промени“.

Според Папандреу, со реформите ќе бидат опфатени и измени на Уставот на земјата, со цел да се овозможи поедноставување на процедурата за судско гонење на владините претставници.

За должничката криза во Грција денеска во Луксембург ќе започнат советување министри за финансии од земјите од ЕУ, пред се‘ за пакетот од дополнителни 120 милијарди евра економска помош. Преговорите за него треба да завршат до средината на јули, иако во Брисел има и гласови кои бараат работата да се забрза.

Автор: ЖА/ТТ/дпа/афп/миа

Редактор: Трајче Тосев

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема