Пападимос му предложи на Груевски средба во март
16 февруари 2012Грчкиот премиер Лукас Пападимос испрати одговор на писмото што до него го испрати македонскиот колега Никола Груевски, во кој прифаќа средба за која предлага да се оддржи во првата половина на март.
Според предлогот на Пападимос средбата со Груевски треба да се случи на маргините на следниот Совет на ЕУ, кој ќе се случи во првата половина на март. Понатаму во текстот Пападимос изрази надеж за подобрување на односите меѓу двете земји, а во врска со проблемот со името, нагласува дека позицијата на Грција останува иста, односно прашањето да се решава во Обединетите нации.
„Ве охрабрувам да работите конструктивно за постигнување на таа цел“, наведува грчкиот премиер.
Претстојната посета на посредникот на ОН Метју Нимиц на Скопје и на Атина, според него, треба да придонесе за напредок кон постигнување решение, за што е неопходна политичка волја и од двете страни.
Грција, пишува Пападимос, се залага за долгорочна политика на мир и стабилност во регионот и за интеграција на сите земји од Западен Балкан во евроатланските структури, како и за промоција на добрососедските односи, како основа за постигнување на таа цел.
Атина ќе продолжи да ја промовира и „Агендата 2014“, особено за време на претстојното нејзино претседавање со ЕУ, вели Пападимос во одговорот на писмото од Груевски, што минатиот месец во Атина го достави вицепремиерката Теута Арифи на средбата со нејзиниот грчки колега Теодорос Пангалос.
Автор: СН/ БГ/ миа/ мф
Редактор: Александра Трајковска