1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Паноптикум или сеопфатен надзор

12 мај 2020

За време на пандемијата на Ковид-19, паноптизмот се афирмира како неизбежна и полезна методологија чијашто цел е да се заштитат здравјето и животот. Целта е легитимна, ама неретко лажна. Пишува академик Катица Ќулавкова

https://p.dw.com/p/3c5WE
Mazedonien | Wissenschaften und Kunst | Katica Kjulavkova
Фотографија: K. Kjulavkova

Паноптикумот (panopticon, panopticum) е систем на центриран сеопфатен надзор на поширок круг луѓе во една институција, држава или во светот, овозможен и спроведен со „совршената геометрија на просторот“ (Фуко 2004: 179) односно со специјален архитектонски дизајн и со соодветни алатки/инструменти. Предуслови за да постои паноптикон се: 1) соодветно дизајнираните градби какви што се затворите, логорите, касарните, болниците, азилите, школите, фабриките, па и цели градови и 2) соодветни методи, техники и технологии (апарати, инструменти, алатки, апликации), но и методи за следење, посматрање и надзор на граѓаните, затворениците, војниците или станарите. Методите и целите на надзор се главно исти (сеење страв и паника, изнуда, уцена, „дисциплински шеми“, „ритуали на изопштување“, дресирање, опредметување на личноста, злоупотреба на телото, упад во приватноста, самопотчинување, тотална контрола и апсолутна власт), а се менуваат техниките на нивното спроведување (осматрачница, фото и видео камери, лица и апарати за прислушкување и за шпионирање, интернет апликации, компјутерски и телекомуникациски програми, мас-медиуми, сателити, хакирање). Архитектонски, дизајнот предвидува кружен или квадратен/правоаголен распоред на просториите во чиешто средиште и врв е поставена осматрачницата, односно центарот за надзор.

Првите неколку месеци од 2020 година, за време на пандемијата на Ковид-19, паноптизмот не само што се актуализираше како наследство од мрачните времиња и тоталитарните режими, туку се афирмираше како препорачлива, неизбежна и полезна методологија чијашто цел е, се разбира благородна, а имено да се заштити здравјето и животот на граѓаните. Целта е легитимна, ама не ретко лажна. Современиот паноптички систем ја зголеми глобалната контрола на граѓаните, манипулирајќи со противречни, непроверени и сомнителни информации. Колку повеќе контрола, толку повеќе манипулација со информациите и медиумите. Колку повеќе манипулација со информациите и со медиумите, толку повеќе контрола врз луѓето, политиката и државите.

Паноптизмот ги направи ѕидовите, од една страна, проѕирни, а од друга подигна нови непробојни ѕидови на физичка и социјална дистанца и алиенација со долгорочен век на траење и со несогледливи последици по граѓанската слобода. Светот како да се претвори од пристојно место за живеење во едно непристојно и непожелно место за живеење. Создаден е нов облик пандемиска дистопија, сведоци сме на една апокалиптично дизајнирана негативна утопија. Паноптичката визија на светот е популарна не само во книжевната фикција, туку и во многу компјутерски игри, филмови и ТВ серии. 21 век, се чини, станува век на паноптичка поп култура. Ако дојде до тотален меѓусебен надзор, тогаш ќе се случи безусловна и апсолутна контрола, што значи тотален распад на системот на морални и цивилизациски вредности? Реторичко е прашањето дали треба да се ресетира човештвото. Прашањето е кој ќе ја деактивира радикалната верзија на либералниот капитализам и неговиот модел на квази-демократија.

Вонредните мерки се мерки за надзор, ограничување и забрана на слободата на движење на граѓаните. Во услови на вонредна состојба, слободата станува предмет на експлицитни законски мерки на ограничување до укинување. Вовед за донесување на такви мерки е прогласувањето вонредна состојба, а услов за да се прогласи вонредна состојба е прогласувањето масовна загрозеност на животот на населението или на безбедноста на државата. Еден од најефикасните начини за предизвикување масовен и паничен страв е прогласувањето епидемија/пандемија. Всушност, „епидемиите се идеален претекст“ за создавање „колективна паника“ (Giorgio Agamben, 16.02.2020) и за воведување експресни, неконтролирани и непропорционални или прекумерни мерки (па и одредби со право на закон) за ограничување, па и делегитимирање на стекнатите и легитимни граѓански права. 

Слободата и паноптиконот се тесно поврзани. Колку повеќе и построг систем за надгледување, толку помалку слобода. Слободата ниту била, ниту му е загарантирана на човекот и на човештвото. Слободата е во постојан процес на создавање (work in progress). Не е доволно да се освои, слободата треба да се чува. Зошто? Затоа што слободата, заправо слободните граѓани биле, се и ќе бидат закана за стратегиите и политиките на надзор. Слободата и од неа произлезените човекови права им даваат на граѓаните моќ да се спротивстават на политиките и мерките за надзор.

Трајноста на вонредната состојба

Вонредната состојба вклучува вонредни мерки кои ги ограничуваат загарантираните човекови и граѓански права и слободи. Но, ограничувањата на човековите и граѓанските права во време на вонредна состојба имаат ограничено времетраење, тие не треба да се претворат во константа, не треба да бидат генератор и претекст за такви системски и законски решенија кои ќе се трансферираат, неограничено, или долготрајно, вон периодот предвиден за вонредната состојба. Од тие причини, законските ограничувања и забрани треба да се уредат со голема внимателност, врз основа на прецизни анализи и податоци и исклучиво со цел да бидат во функција на заштита на основното човеково право на живот, слобода, приватност и интегритет.

Дали вонредната состојба ќе стане редовна? Секое итно и вонредно донесување (вонредни) мерки за надзор под претекст на некое општо национално добро вон од стандардните демократски процедури носи ризик вонредните мерки да се инсталираат како редовни и трајни. По правило, таквите мерки ги овластуваат соодветните државни инстанци да прават засилен и безусловен надзор (следење, контрола, шпионирање, прислушкување на комуникации од секаков вид – телефонски и други разговори, снимање со видео камери, дигитален надзор и злоупотреба на специјални компјутерски и интернет апликации, заплашување, забрана на протести) и да ја укинат неприкосновеноста на човековите права на слобода и приватност. Тие може да предвидат (дури и) нови кривични дела насочени против општиот здравствен интерес, против безбедноста на земјата и против човечкиот живот и да ги овластат соодветните државни органи да преземаат мерки за безусловен и неограничен надзор, санкционирање, прогон и превенција.

Стапувањето на глобалната сцена на Ковид-19 епидемијата спаѓа во редот на таквите состојби на страв и на долготрајна анксиозност. До колку се озаконат и се институционализираат, вонредните мерки донесени по повод корона епидемијата може да ги загрозат загарантираните права и слободи на граѓаните по однос на религијата, говорот, изразот, јавните собири и протести, правото на петиција. Колку е поголема кризата и негативните последици од кризата (смртноста) толку полесно се оправдува донесувањето на мерки на контрола, надзор, следење и толку повеќе се редуцираат и се загрозуваат меѓународно и уставно загарантираните човекови права и слободи. Доаѓа и до штелување на резултатите/нумеричките показатели (смртноста) намерно, со цел да се оправда (да се има алиби, покритие) вонредното донесување мерки на надзор и рестрикција на човековите права на слободно движење, изразување, правото на живот (најчесто насочено спрема возрасните лица, пензионерите), правото на личен имот (пензија).

Во Македонија се воведе и нова таргетирана апликација за следење на населението (#StopCorona) која е оценета од Google како високо ризична апликација (по однос на суштинските човекови права на приватност). Имаше дури и предлози да се објавуваат јавно списоци со име и презиме и лични податоци на заболените од корона вирусот, што би било мерка за јавно следење и жигосување на заболените и носителите на вирусот. Јавната стигматизација на болните од Ковид-19 е сериозна повреда на човековите права и треба да биде предмет на сеопфатна анализа, до толку повеќе што резултатите од неколкуте видови тестирања не секогаш се точни. Органите на власта (министерствата, Владата) не само што ја препорачуваат оваа апликација до вработените во администрацијата, туку ја означуваат и како задолжителна (ако се спроведе оваа мерка, се смета дека најмалку 200.000 граѓани ќе ја активираат оваа апликација на своите телефони).

#нова реалност, #новонормално #новоговор

Од февруари 2020 со прогласувањето на Ковид-19 за пандемија се создаде цел еден епидемиски/пандемиски речник кој ја рефлектира новонастанатата вонредна состојба во светот и кај нас. Од тој вонреден епидемиски новоговор ќе се задржат во подолга употреба неколку термини, оние кои веќе се предлагаат и официјално од СЗО и од нашата Влада како: #НовоСветоТројство , а тоа се трите основни мерки: #НосиМаска #ДистанцирајСе #МијРаце. 

Универзалниот библиски принцип според којшто „на почетокот беше зборот“ добива нова смисла во современиот глобализиран свет. Неговото значење е, свесно или несвесно, навестено т.е. евоцирано во новоговорот на Корона - пандемијата. Не е доволно да имате една специфична и животозагрозувачка стварност. Неопходно е да постои идентификација на таа стварност во јазикот, со помош на зборот. Сумирана, содржината на новата реалност е скицирана со тие неколку клучни изрази: #НосиМаска #ДистанцирајСе #МијРаце. И, како што тоа обично се случува во стварноста, зборовите стануваат моќни штом се преточат во закони (етимологијата нѐ потсетува дека зборот/името е закон, нели: онома!). Не во краткотрајни вонредни мерки, туку во регуларни прописи. На прагот сме на еден таков мизансцен. Едно макро имагинарно сценарио е на пат да се претвори во стварност. Добар дел од таа нова стварност најверојатно ќе има виртуелен облик. И оној пролог што го видовме во изминатите два-три месеца, впрочем, покажаа во која насока се движи развојниот бенефит на светот: дигиталната индустрија, новите технологии, виртуелната комуникација, информатиката, фармакологијата... Виртуелната стварност добива на значење, рапидно се шири и се наметнува како приоритет. Реалната стварност станува виртуелна. Се губи границата меѓу реалното и виртуелното. Материјалното се дематеријализира, ама затоа не е помалку моќно! Реално-Виртуелно! ВиртуелноРеален свет!

Пролонгирањето на важноста на овие мерки за заштита (проследени со соодветни санкции), на неопределен рок, претставува основа за промовирање на стратешкиот концепт на т.н. Нова Реалност и Ново Нормално. За да се спроведе во дело оваа визија на светот во блиската иднина, веројатно ќе бидат утврдени одредени законски, здравствени, образовни и културни политики, придружени со соодветна медиумска поддршка. Тоа треба да биде предмет на дополнителна анализа. Во овој миг треба да се истакне само тоа дека првата половина на 2020 година е, без сомнение, преломен период и увод во Новата Реалност и новата „здравствена религија“ која, сепак, не е толку наивна и незаконита, за да не може да се претпостави како ќе функционира во иднина! На повидок е осовременување на древната паноптичка визија на светот. Но, образецот останува непроменет, како и суштината.

Мислењата и ставовите на колумнистите и повремените соработници не ги одразуваат ставовите на Дојче веле.