1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Пандемијата им ја краде иднината на младите генерации

Саломе Гонгадзе
1 мај 2021

Пандемијата на коронавирусот во сите животни сфери остава траги кои не може да се избришат. Но, една група се чувствува посебно изгубено и запоставено, смета Саломе Гонгадзе.

https://p.dw.com/p/3snVI
Coronavirus | Symbolbild Universitätsstudium Online-Semester
Фотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Сигурно не сум прва што седи во темна просторија и набљудува како индексот на берзата паѓа стрмно удоле. Но, сосем нешто различно е да гледаш како паѓа, а да не се работи само за изгубени пари. За една 23-годишна која штотуку дипломирала, таквиот пад симболизира и пропаднати шанси.

Ме фати паника кога гледав како индексот во февруари 2020 одеднаш падна. Тоа што ми стана јасно во моментот беше дека моите изгледи брзо да најдам работа по завршувањето на постдипломските студии , за миг се поматија. Во несмасни видео четови ние врсниците си разменувавме слични стравови, дека ќе завршиме исто како и генерацијата почетници кои во 2008 станаа жртва на колапсот на финансиските пазари. Иако тогаш бевме релативно млади, хорор приказните од тоа време ни се добро познати.

Среќа во несреќа

Во меѓувреме барем акциите малку се опоравија, што може да е утеха за акционерите меѓу нас. Но, за оние кои се во потрага по своето прво вработување ситуацијата и натаму е безнадежна.

Повеќето на моја возраст се свесни за тоа дека всушност имаме среќа во пандемијава: бидејќи сме млади опасноста тешко да заболеме или пак да починеме како последица на Ковид-19 е споредбено со други возрасни групи мала. Но, некогаш се чини дека токму заради тоа како да се превидуваат големите проблеми што ја мачат мојата генерација.

Повеќе:

-„Украдена младост“: Страдањата на генерацијата „корона -ларва“

-Корона студија: Младите не се неодговорни

-Младите луѓе се виновни за ширење на коронавирусот?

Нуспојавите од пандемијата, особено нејзиното влијание врз економијата и со тоа и на вработувањето на апсолвенти, се како шлаканица за нас. Го пишувам ова бидејќи сите кои завршиле лани или годинава тоа го постигнале под уште покомплицирани услови отколку нашите претходници во 2008.

Internationale Studierende in der Coronakrise | Kundgebung hessischer Studierendenvertretungen
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert

Придонесите за студиите се повисоки од било кога. Дополнително на тоа животните трошоци во големите универзитетски градови го достигнаа врвот, а особено кириите. Мене ми е тешко на постари луѓе кои често го романтизираат студентскиот живот, да им објаснам колку денес е интензивна конкуренцијата и стресот на многу факултети и колкав е притисокот од работодавците кои постојано го подигаат нивото на нивните очекувања. Така си беше уште пред пандемијата да се одрази во посебна мера на одредени бранши и на многу места да стане невозможно да го напуштиш домот. Но, актуелните апсолвенти се конфронтирани со пазар за работни места на кој „врие” од конкуренција како што не било случај од 2008 наваму. Редици свежи дипломци или некои кои биле отпуштени од работа заради кризата или пак за кои понудите за работа биле повлечени, конкурираат за истите мал број достапни работни места.

Deutschland Halle | Online-Video-Vorlesung während Coronavirus
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Grubitzsch

Неподносливо е

Една пријателка која се бори за постојан ангажман јасно ја формулира ситуацијата: често пати е неподносливо среде пандемија да пишуваш толку многу апликации за работа. Барањето работа е нешто што и во нормални услови бара позитивен став и челични нерви. Дотолку потешко е ако истовремено страдаш од социјална изолација, досада и недостиг на физички активности. Кризната генерација од 2008 барем можеше да си го одвлекува вниманието во барови и кафулиња за да заборави на своите грижи.

И јас сум во слична ситуација. Времето бавно тече, ако само седиш и куцаш апликации. Поглед на календарот ме фрла во депресија бидејќи забележувам колку време е поминато откако последен пат имав работа. Тешко е да се справиш со чувството колку многу јас и мојата генерација изгубивме.

Потребна е поддршка за млади кандидати за работа

Политиката мора да се обиде да ја поттикне економијата и да работи на вработување на млади луѓе секаде каде што е тоа можно. И работодавците може да дадат свој придонес со оглед на тоа дека голем дел од стресот се должи на тоа дека те третираат лошо кога аплицираш за некоја позиција. Повеќето од оние кои бараат работа немаат преголеми очекувања – да добијат корисна повратна информација или брзо да им се каже дека не ја добиле работата во голем дел би им ги поштедило нервите и би им дало поголемо чувство на сигурност.    

Стравувам дека пандемијата ќе исфрли на површина слој од општеството кој ќе мора со години да се мачи со што уште повеќе ќе се зголеми нееднаквоста меѓу генерациите. Долгорочните последици за можноста за заработка и животните перспективи за генерацијата 2008 се опширно документирани. Токму тоа на многу сегашни апсолвенти не им дава мирен сон.