1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Очекуван пресврт на пазарот на работна сила

Клаус Бофо7 јануари 2009

Финансиската криза кон крајот на минатата година се прошири во криза и на таканареченото реално стопанство, а сега таа се отсликува и на пазарот на работна сила.

https://p.dw.com/p/GTs0
Невработени чекаат совет во Агенцијата за вработување во БерлинФотографија: AP

Прелевањето на финансиската и економската криза на ситуацијата на пазарот на работна сила јасно го покажуваат и податоците за декември, што ги објави Сојузната агенција за вработување во Нирнберг. Поволно е што претходно нивото на невработеност падна до таа мера, што сегашниот пораст се’ уште не достигна критични бројки.

Шефот на Агенцијата за вработување Франк-Јирген Визе постапи дипломатски и прво ја пласира добрата вест: „2008 година во однос на пазарот на работна сила беше најдобра од повторното обединување на Германија. Но, сега се покажуваат први, иако се’ уште воздржани знаци на криза и на пазарот на работна сила“. Овој пат најновите бројки не можат да се објаснат со снегот и студот: скокот за 114 илјади на вкупно 3,1 милион невработени е значително повисок, отколку што е вообичаено во декември. Јасна индиција за пресвртот е и податокот дека за прв пат по четири години расте бројката на невработени, дури и ако се изземат сезонски условените промени на пазарот.

Deutschland Arbeitsmarkt Agentur für Arbeit Frank-Jürgen Weise
Франк-Јирген Визе, шеф на Агенцијата за вработувањеФотографија: AP

Ситуацијата е подобра во споредба со 2007 година

Но, невработеноста и натаму е пониска за 300 илјади во споредба со состојбата во декември 2007 година. Сојузната агенција за вработување сета надеж ја полага врз тоа дека претпријатијата кај кои опаѓа бројот на нарачки нема веднаш да отпуштаат работници, туку прво ќе преминат на скратена работа. Хајнрих Алт, член на Управниот одбор на Сојузната агенција за вработување, нагласи: „Скратената работа е добро средство оти им помага на претпријатијата да го задржат персоналот. Луѓето не стануваат невработени, туку и натаму се интегрирани во претпријатието. Тоа, пак, избегнува трошоци за повторно ангажирање на нови работници кога конјунктурата повторно ќе заживее. Од друга страна, како знак на надеж го интерпретираме тоа што претпријатијата сметаат дека слабеењето на конјунктурата ќе биде од релативно краток век и кон крајот на годинава или на почетокот на наредната повторно ќе настапи подобра економска ситуација“.

Symbolbild Konjunktur Baukrähne
Ќе запрат ли крановите на градилиштата?Фотографија: AP

Прво следи скратено работно време

Агенциите за вработување во моментов бележат бум на пријави за скратена работа. Претпријатијата во цела Германија планираат за најмалку 300 илјади вработени скратена работа на пократок или подолг временски период. Во Нирнберг се добро подготвени за времето додека настапи нова фаза на подем на стопанските активности. Имено, агенцијата располага со резерви од 17 милијарди евра. Дел од нив радо би ги потрошиле за мерки за доквалификување, нагласува Хајнрих Алт. „Имаме доволно можности за секој да добие шанса, кој сака да ја искористи кризата за да си го подобри сопственото професионално ниво - почнувајќи од диплома за завршено училиште, преку курсеви по германски јазик, па се’ до целосна професионална квалификација. Ние секому можеме да му направиме понуда“.

Beschäftigungsoffensive WM 2006 Theo Zwanziger, links, Geschaeftsfuehrender DFB-Praesident, und Heinrich Alt, rechts,
Хајнрих Алт, член на Управниот одбор на Агенцијата за вработување (десно)Фотографија: AP

Курсевите и наставата не само што им помагаат на невработените, туку ја растоваруваат и статистиката, па веројатно се и политички пожелни зголемените мерки на активната политика на пазарот на работна сила; конечно, ова е година на избори!