1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охридско лето – илузија и приказна без крај

Милчо Јованоски12 јули 2014

Под мотото „Светлина на уметноста“ вечерва започнува 54. „Охридско лето“. Конечно институцијата е без долгови и програма на која можат да и позавидат и далеку побогати фестивали во светот, велат селекторите.

https://p.dw.com/p/1Cbdr
Фотографија: Milco Jovanovski

На Античкиот театар се е подготвено за чинот на свеченото отворање на фестивалот. „Вечерва се очекува на сцената да блеснат двете италијански оперски ѕвезди – оперската дива, сопранот Барбара Фритоли и еден од најголемите баритони на денешницата Лео Нучи. Обајцата одамна ги освоиле светските оперски сцени, а во регионот и Македонија за првпат доаѓаат на „Охридско лето“. На публиката и ветуваат специјален концерт и рекоа дека се среќни што ќе пеат во Охрид. „Вечерта на популарни оперски арии “ ќе ја диригира маестро Луис Горелик од Аргентина во придружба на Македонската филхармонија која со овој настап ќе одбележи 70 години од постоењето,“вели директорката на фестивалот Елизабета Јанкуловска.

Класика, надградена со атракција, забава и интеракција меѓу изведувачите и публиката

„Како тим ја даваме целта наша енергија да ја оствариме визијата за квалитет на програмата со учеството на звучни имиња, потврдени уметници и креирање атрактивни настани. Се трудевме да ги имаме најголемите, најславните и најуспешните. На крајот од летото судот ќе го даде публиката и критиката,“ изјави музичкиот селектор Гордана Јосифова – Неделковска. Според неа списокот на изведувачи е долг, ама со задоволство ги најави настапите на пијанистката Елизавета Леонскаја – лауреат на најпрестижни конкурси и други награди која соработувала со големиот Свјатослав Рихтер, а поетот Јосиф Бродски и посветувал своја поезија. Во Охрид доаѓа Аркадиј Володос. Го сметаат за пијанист за кого не постои нешто што е не отсвирливо. Дека класиката не е веќе статична и дека станува дел од шоу бизнисот, но и простор за нови високи стандарди, според организаторите ќе покажат неколкуте гостувања кои препорачуваат да се видат. Тоа се: настапот на „Моцарт групата “ од Полска. Тие ќе понудат музичко кабаре, свирејќи класика на нестандарден, хумористичен начин. Како концерт за незаборав се најавува гостувањето на Максим Мрвица од Хрватска.Тој е еден од најпознатите светски пијанисти и нај продаваниот кросовер пијанист во светот. Од Израел доаѓа „Вока пипл “ ансамблот со сензационален перформанс на музичка комедија, комбиниран со неверојатни вокални звуци. Во Охрид летово ќе настапи и Симфонсикиот оркестар Шенжен од Кина. На 4 август за роденденот на фестивалот повторно доаѓа светската ѕвезда – виолинистот Немања Радуловиќ. Овој пат заедно со групата „Ѓаволски трилери“.

Драмската програма ќе донесе солзи, но повеќе смеа

Драмската програма на „ Охридско лето“ преку девет театарски изведби на различни театарски простори , форми и жанрови ќе се обиде да ги освои срцата на публиката. Продукцијата ќе изобилува со хумор, ведрина и убавина, ставени под раката на класиката и високата уметност, вели селекторот на драмскиот дел Ѓорѓи Јолевски. Публиката три вечери ќе го гледа Шекспир со различно режисерско видување и актерска игра. „Отело“ во изведба на Битолскиот театар со млада актерска екипа и шпанско – словенечкиот режисер Диего де Бреа. Новиот театар „Комедија“ во режија на Дејан Пројковски ќе ја игра „Многу врева за ништо“. Драмскиот театар од Скопје премиерно ќе изведе еден од најновите текстови на македонската драмска авторка Жанина Мирчевска,која работи и живее во Словенија, „Ждрело“ во режија на Зоја Бузалковска. Оваа силна драма зборува за алчноста и лакомоста ја користи гротеската како форма, која во спрега со постмодерниот јазик со сигурност ќе ни донесе новина во театарското истражување. Од суптилната комедија „Како што милувате“ во режија на Брајан Мичел а во изведба на „Новиот театар “ од Битом – Полска се очекува да ја прикаже полската театарска традиција вткаена со стиховите и драмските заплети на Шекспир. Италијанскиот режисер Паоло Маџели длабоко врежан во меморијата на македонскиот театарски гледач по неколкуте култни престави низ македонските театри во Охрид ќе дојде со проектот „Његош и јас“ во продукција на Црногорското народно позороиште. Од Русија доаѓа театарот „У – Моста“ со урнебесната комедија „Женидба “ од Гогољ, а фестивалот ќе биде затворен со настапот на „Звездара театрот “ од Белград – Србија со текстот на Душан Ковачевиќ „Роденденот на господин Нушиќ“ во режија на Небојша Брадиќ.

Sommerfestspiele in Ohrid
Фотографија: Milco Jovanovski

Летните сцени покриени , сеериозно се размислува за концертна сала во Охрид

Неколку дена пред почетокот менаџментот на фестивалот се пофали дека „Охридско лето“ годинава ќе функционира без долгови и дека успеале да ги расчистат долговите кон доверителите. Конечно годинава, организаторот и изведувачите на сцените на Антички и Долни Сарај не ќе се зависни од временската прогноза. Двете сцени се покриени по сите светски стандарди. Се повеќе се заговара идејата Охрид да добие затворена концертна сала која со децении му е потребна и неопходна, не само за фестивалот , туку и за вкупниот културен живот во градот.

Скромни изведувачи, многу јубилеи и настани со повод

Сузана Вренцоска, портпарол во „Охридско лето“ вели дека интересот на медиумите од Македонија, регионот и светот за следење на фестивалот е голем. „Над сто редакции досега акредитирале свои екипи, а ние користејќи ја модерната технологија ќе се трудиме се’ што се случува на фестивалот да излезе во јавноста,“ вели таа. Вренцоска кажува дека годинава уметниците биле скромни и списоците со желби не биле тешки за нив. На пример ѕвездите од отворањето Фритоли и Нучи барале само свежо овошје и вода. Атрактивните „Вока пипл“ побарале гардероберка. Тие ќе настапат со специфични костими и специјална шминка. Гудачите од „Моцарт групата“ барале чиста сцена без декорации, соба за непушачи и да нема публика зад сцената.

Годинава „Охридско лето“ ја продолжи Меѓународната школа за архитектура и дизајн, ќе биде отворена изложбата на Леополд Форстнер „Сеќавање за Првата светска војна “ слики од регионов каде што тој престојувал. Ќе следат изложбите „Носталгија во црно –бели рамки “ од охридскиот фотограф Зоран – Летра и „Големото срце и ум на Вангел“ дела од Вангел Наумовски. Фестивалот ќе одбележи 80 години од раѓањето на композиторот Томислав Зографски и 55 години творештво на режисерот Љубиша Георгиевски, а ќе ја донесе и премиерата на филмот посветен на светите Кирил и Методиј и 1150 години од Моравската мисија. Тоа е голема копродукција помеѓу Чешка, Словачка и Полска и фирмата „Буџак“ чии сопственици Јован Буџакоски и Александар Глигуроски се од Охрид.