1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Нови лични карти, повеќе надзор?

Нина Веркхојзер | Естер Фелден
2 август 2021

Дигиталниот отпечаток од прст треба да ја зголеми безбедноста на личната карта во Германија. Што велат критичарите за новите правила, кои стапуваат во сила денеска?

https://p.dw.com/p/3yRYf
Symbolbild - Fingerabdruck Digital
Фотографија: Imago Images/Science Photo Library

Од денеска (2.08) германските државни институции ја прошируваат обврската за регистрација на отпечатоци од прсти на граѓаните. Сите граѓани кои бараат нова лична карта, задолжително мора да го скенираат отпечатокот од левата и од десната рака. Досега тоа беше доброволно и беше пропишано само за издавање нов пасош.

Повеќе од 62 милиони германски граѓани поседуваат лична карта, која важи десет години и изгледа како кредитна картичка. Многумина ја користат првенствено како документ за да се легитимираат. Но, можно е и патување во земјите-членки на Европската Унија со лична карта.

Единствен стандард

Во целата Европска Унија од денеска треба да се издаваат само лични документи што содржат комбинација на биометриска фотографија и отпечатоци од прсти. Ова правило беше усвоено од Европската Унија во јули 2019 година. Целта е да се спречи фалсификување и злоупотреба на патни исправи.

Ако постои сомневање дека документот е фалсификуван или дека нелегално го користело друго лице, тогаш отпечатокот од прст на чипот може да се спореди со отпечатокот од прст на лицето што го користи тој документ.

За оваа постапка е потребен посебен читач. И таквите уреди ги користи полицијата, граничната полиција и царината. Тие се овластени да ги читаат шифрираните податоци на чипот, во случај да постои оправдано сомневање.

Deutschland Wie sich der E-Perso verwenden lässt
Лични картиФотографија: Ole Spata/dpa/picture alliance

Две биометриски карактеристики

Уште една биометриска карактеристика - отпечатоците од прсти - ќе ја направат личната карта посигурна, убеден е експертот за внатрешна политика на германските демохристијани (ЦДУ) Јозеф Остер.

„Така, имаме можност брзо и недвосмислено да разјасниме дали се совпаѓаат личната карта и тој што ја поседува“, нагласи тој во разговор за ДВ.

Остер е член на Комитетот за внатрешна политика во Бундестагот и интензивно се занимава со оваа тема: „Овде покажуваме исклучително високо ниво на безбедност“, вели тој за новата лична карта со отпечатоци од прсти.

Мал број фалсификати

Но, дали личните карти со дигитален отпечаток се навистина побезбедни?

Критичарите велат дека германските лични карти се безбедни, дури „и без отпечатоци од прсти, па затоа е многу тешко да се фалсификуваат или злоупотребуваат“, вели адвокатот и активист за заштита на личните податоци, Тило Вајхерт.

Datenschützer Thilo Weichert
Тило ВајхартФотографија: picture-alliance/dpa/C.Rehder

Податоците што ДВ ги доби од Сојузното министерство за внатрешни работи го потврдуваат аргументот на Вајхерт: за време на граничните контроли во 2020 година, беа откриени само 34 германски фалсификувани лични карти, а во 2019 година имало 26.

Во тој контекст, додава Вајхерт, воопшто не е оправдано да се регистрираат отисоци од прсти на повеќе од 60 милиони германски граѓани. Тој тоа го нарекува „несразмерно влијание врз личните права на граѓаните“ и тврди дека е - неуставно.

Повеќе:

Поголема заштита на личните податоци на граѓаните на ЕУ

Дигитален отпечаток од прст е дозволен

Што во случај на кражба на отисоците?

Активистите за заштита на лични податоци ги мачи друга работа - сѐ повеќе  дигитални системи користат отпечатоци од прсти како единствена, непроменлива биометриска карактеристика. Ова овозможува отклучување на паметни телефони или отворање врати за простории во кои е дозволено да влезат само овластени лица.
Во случај на кражба или манипулација, предупредува Маја Смолтчик, комесарка за заштита на личните податоци на градот Берлин, настанува голема штета - „бидејќи биометриските податоци не можат да се менуваат како некоја шифра“.

Активистите за заштита на податоците на граѓаните, исто така, стравуваат дека државата еден ден ќе започне да чува отпечатоци од прсти во единствена база на податоци - и на тој начин, како што вели адвокатот Вајхерт, можно е тие отпечатоци да се споредат со трагите што луѓето ги оставаат зад себе во секојдневниот живот. 
Во најлош случај, овие податоци би можеле да бидат злоупотребени за следење на граѓаните.