1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осуда на убиството на Јаниќиевиќ

ЕМФ/бета/макфакс16 јануари 2014

Косовската претседателка Јахјага и специјалниот пратеник на ЕУ на Косово, Жбогар, го осудија убиството на советникот во Собранието на Северна Митровица Димитрије Јанаќијевиќ. Дачиќ нуди српска помош во истрагата.

https://p.dw.com/p/1Arxq
Фотографија: DW / Annette Streicher

Претседателката на Косово Атифете Јахјага побара од надлежните органи да преземат се‘ за да ги расветлат околностите и мотивите на убиството и извршителите да бидат изведени пред лицето на правдата. Косовската влада оцени дека убиството е кукавички чин кој го осудуваат сите граѓани на Косово. Специјалниот пратеник на ЕУ за Косово Самуел Жбогар исто така го осуди убиството на советникот во Собранието на Северна Митровица.

Димитрије Јанаќијевиќ е убиен ноќеска (15/16.01) со истрели од автоматско оружје. Како што пренесоа белградските медиуми, тој бил застрелан пред својот дом, а во болницата бил донесен без знаци на живот. Во Јанаќиевиќ пукало непознато лице од возило, а биле истрелани пет или шест куршуми. Мотивите за нападот засега се непознати.

Убиениот Јанаќијевиќ беше и кандидат за градоначалник на Северна Митровица на последните локални избори. Тој и претходно бил мета на напади, со оглед дека во повеќе наврати под неговото возило биле поставувани експлозивни направи.

Србија нуди помош

Српскиот премиер Ивица Дачиќ денеска најостро го осуди убиството на Јаниќиевиќ и им понуди на Еулекс и Кфор помош во истрагата. „Секој облик на дестабилизација и насилство се заканува да го наруши мирот и безбедноста на граѓаните“, оцени Дачиќ.

Помош од страна на Србија за расветлување на убиството понуди и српскиот министер без ресор, задолжен за Косово, Александар Вулин, кој оцени дека се работи за напад врз дијалогот Белград-Приштина. „Ние го покренавме дијалогот за луѓето на Косово и Метохија да живеат помирно, за да не се случува ова. Ако тоа се случува, значи дека се‘ уште не сме успеале во таа цел“, рече Вулин.