1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остри критики за Меркел

4 мај 2011

Германската канцеларка Ангела Меркел наиде на остри критики поради нејзината реакција по објавувањето на веста за убиството на Осама бин Ладен во акцијата на американските командоси.

https://p.dw.com/p/118sb
Канцеларката Ангела Меркел изрази радост поради смртта на водачот на Ал КаедаФотографија: dapd

„Се радувам што успеаја да го убијат Бин Ладен...“

Оваа изјава на германската канцеларка предизвика жестоки критики, не само од опозицијата, туку и од црквите, па дури и од редовите на сопствената Христијанско-демократска унија (ЦДУ).

Шефицата на пратеничката група од опозиционата Партија на зелените во Бундестагот, Ренате Кинаст, за изјавата на Ангела Меркел рече:

„Во една правна држава, канцеларката како претставничка на земјата не смее да се радува за смртта на некој злосторник. Тоа едноставно не доаѓа предвид.“

Нема причина за славење

Katrin Göring-Eckardt
Пратеничката од Зелените Катрин Геринг-ЕкартФотографија: dpa

Весникот „Берлинер цајтунг“ ја цитира пратеничката од Зелените Катрин Геринг-Екарт, која како претседател на црковното административно тело е на една од водечките функции во евангелистичката црква во Германија:

„Како христијанка можам само да кажам дека нема причина за славење, кога некој плански е убиен.“

Шефот на пратеничката група на најголемата опозициона партија, социјалдемократот и експерт за Америка Гернот Ерлер, изјави:

„Може да се изрази разбирање за радоста на жртвите и на нивната нација, во случајов Америка. Но, самите да се радувате, за тоа немам целосно рабирање.“

Исто така и кај сопартијците на Меркел, во редовите на христијанските демократи, недостасува разбирање за нејзината изјава. Шефицата на пратеничката група од ЦДУ и ЦСУ Ингрид Фишбах за весникот „Берлинер цајтунг“ изјави:

„Од христијански аспект, секако не е умесно да се изрази радост за планското убиство на некој човек и неговата смрт.“

Колегата од нејзината пратеничка група Томас Дерфлингер, како и Фишбах, член на Централниот комитет на германските католици, додаде дека чувствува „олеснување оти Осама повеќе не може да предизвика несреќа, но не е радосен поради тоа.“

Реакции од евангелистичката црква

Osama bin Laden Reaktion Symbol Internet
Евангелистичката црква ја критикува радоста поради смртта на Бин ЛаденФотографија: picture alliance / dpa

Бискупот надлежен за војската, Франц-Јозеф Овербек, изненадувачки јасно се дистанцираше од изјавата на Меркел. За медиумската група ВАЦ од Есен тој рече:

„Смртта на некој човек, пред се‘ ако зборуваме за тоа како христијани, никогаш не е причина за радост. За секој човек важи дека смртта е крај, кога се бара прошка и милост од Бога.“

Критики стигнаа и од евангелистичката црква, каде припаѓа Меркел. Претседателот на Советот на евангелистичката црква во Германија, Николас Шнајдер, за новинската агенција на евангелистичката црква го критикуваше поврзувањето на смртта на еден човек со чувството на среќа.

Критиката од црквите за канцеларката не е безопасна за наредните избори, оти партијата на Ангела Меркел, ЦДУ, на изборите секогаш добива голем број гласови од христијаните.

Автор: Петер Штицле / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска