1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставката на Дел Понте - политички кусогледа и наивна

Андреас Цумах
8 август 2017

Фрустрациите околу Сирија се разбирливи. Сепак, оставката на Карла Дел Понте не е, смета Андреас Цумах.

https://p.dw.com/p/2hrTx
Carla del Ponte
Фотографија: Reuters

Карла Дел Понте беше полна со ентузијазам кога беше именувана во тричлената истражна комисија на Советот за човекови права на ОН за Сирија во септември 2012. Сега таа си заминува од Комисијата фрустрирана. И тоа со образложение кое не само што е делумно фактички погрешно, туку исто така е и политички кусогледо и неверојатно наивно.

Разбирлива фрустрација

Оставката на Дел Понте е разбирлива во една точка: нејзината истражна комисија постојано го повикуваше Советот за безбедност на ОН да побара од Меѓународниот кривичен суд истрага за сериозните наводи за воени злосторства и нарушување на човековите права во Сирија, на секои шест месеци уште од 2014 година. Сепак, резолуција на Советот за безбедност за Сирија досега се покажа невозможна поради длабоките недоразбирања меѓу САД, Франција и Велика Британија од една, и Русија и Кина од друга страна.

Но, би било погрешно да се обвини комисијата за неуспех и неефективност само поради политичката кочница во Советот за безбедност. Во последните шест години, Комисијата на УНХЦР активно и ефективно ја спроведуваше својата мисија, особено имајќи ги предвид ограничувањата на рамката во која мора да работи. И покрај фактот што режимот на Асад систематски и го забрануваше пристапот на Комисијата во Сирија и одби да соработува со неа, комисијата успеа да изработи десет сеопфатни извештаи кои нудат детална и доказна документација за прекршувањата на човековите права и воени злосторства. Извештаите се базирани врз повеќе од 1.000 интервјуа кои комисијата ги направи со сведоци и преживеани од злосторствата. Интервјуата беа водени лице в лице со луѓе кои сега живеат надвор од Сирија, како и преку Скајп со луѓе кои сѐ уште живеат таму.

GMF 2015 Media Summit If it bleeds, it leads Andreas Zumach
Андреас ЦумахФотографија: DW/M. Magunia

Извештаите ќе бидат вреден извор на информации кога еден ден злосторствата ќе бидат процесуирани - од Меѓународниот кривичен суд или од независен судски систем во демократска поствоена Сирија. Дел Понте треба да биде свесна за тој факт од искуството кое го имаше како главен обвинител на Специјалниот трибунал на ОН за поранешна Југославија и Руанда.

Нештата не се црно-бели

Дел Понте покажува политичка кусогледост кога ја напаѓа руската поддршка за режимот на Асад во нејзината оправдана критика на Советот за безбедност, но не успева да каже ниту збор за САД и другите западни држави и нивната поддршка за исламските бунтовнички групи, па дури ниту за терористички организации како „Исламската држава“ и Ал Каеда од блискоисточни држави како Саудиска Арабија.

Нештата не се едноставно црно-бели во сирискиот конфликт. Тоа не е ситуација во која од една страна имате лоша влада, а од друга - добра опозиција. Според сопствено признание, на Дел Понте ѝ требаа шест години за да дојде до тоа сознание. Но такво зачудувачко признание од адвокат кој беше главен обвинител на ОН и јавен обвинител во Швајцарија, мириса на наивност и несвесност. Надежта е дека ОН брзо ќе најде квалификуван наследник во Комисијата за Сирија - некој со поголема издржливост и помалку политичка кусогледост и наивност.