1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ослободувањето на Шешељ - во корист на Вучиќ

Фолкер Вагенер/превод: Ж.А. 1 април 2016

Ослободувачката пресуда против Војислав Шешељ на некој начин беше очекувана, вели политичкиот аналитичар Душан Рељиќ. Тој за Дојче веле проценува кому тоа му оди во корист.

https://p.dw.com/p/1INjO
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Cukic

Дојче веле: Господине Рељиќ, наместо можната 28-годишна затворска казна во случајот Војислав Шешељ, тој е ослободен. Како го толкувате тоа?

Душан Рељиќ: Во Хашкиот суд за воени злосторства извршени во бивша Југославија многу нешта тргнаа наопаку, не само во овој процес. Неколкумина генерали од Хрватска и Србија првично беа осудени на по 30 години затвор, а потоа ослободени во второстепената постапка. Тоа значи дека овој суд не следеше јасна линија и често пресудите беа донесувани во согласност со мислењето на одделни судии, а не според јасна правно втемелена линија. Многумина критичари од самиот почеток беа убедени дека во случајот Војислав Шешељ станува збор за погрешно обвинение. Секој кој во тоа време живееше во Југославија и кој сакаше да чуе и да види, во Шешељ ја гледаше всушност реалноста: дека е тој обичен политички кловн кој со своите силни изјави ја труеше политичката атмосфера и кон своите политички противници се однесуваше со неповторлива бруталност. Но, самата помисла дека овој политички циркузант имал одлучувачки збор во текот на воените случувања, е погрешна. Недвосмилено беше уште тогаш дека е тој само марионета во рацете на властодржците, во конкретниот случај - во рацете на Слободан Милошевиќ.

Dusan Reljic
Душан РељиќФотографија: DW

Дојче веле: Ослободителната пресуда е вистинска бомба на внатрешнополитички план и тоа среде изборна кампања, на 24 април во Србија се одржуваат парламентарни избори. Колкава е поддршката што Шешељ ја има во српската јавност како човек од минатото? Можеби зголемена по пресудата?

Душан Рељиќ: Сите истражувања на неговата партија и‘ предвидуваат околу пет проценти, што би можело да биде доволно за влез во парламентот. Поддршката би можела да биде засилена по пресудата и веројатно нема да добие пет, туку можеби шест или седум проценти. Ако малку се размисли кому тоа всушност ќе му користи, тогаш тоа е веројатно српскиот премиер Александар Вучиќ, кој пред 20 години беше близок соработник на Шешељ, такаречи, негов политички син. Тој ќе извлече корист. Со еден опасен десничар во парламентот, кој ќе излегува со глупави изјави, Вучиќ може да се прикаже како заштитник на демократијата и на европските вредности. Така на своите квази-политички партнери во Западна Европа ќе им стане поважен отколку досега. Значи, за политичкиот естаблишмент во Белград пресудата во овој смисол ќе има повеќе корист отколку штета.

Дојче веле: Војислав Шешељ со своите политички пароли е човек на минатото. Неговото подбуцнување против Хрватска во себе има елементи на нешто патолошко. Гледано од социолошки аспект, кој со него ги бие битките на минатото?

Душан Рељиќ: Постои голем број луѓе во бивша Југославија, во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, кои радо повторо би ги воделе минатите битки. Последните години, посебно по избувнувањето на економската криза, десничарскиот популизам зајакна во сите делови на бивша Југославија во однос на периодот по 2000. година, кога на власт во Србија беа либерално-демократски влади. Денес во Белград, како и во Загреб, на власт се влади кои потекнуваат од милјето на некогашните воени подбуцнувачи, кои често користат иста реторика во меѓусебните односи, инстинктивно популистичка, која не е далеку од некогашната. Во тој смисол е создадена политичка база која озвозможува заострување на односите меѓу Белград и Загреб и обратно, Загреб и Белград. Меѓутоа, тоа што овој регион се наоѓа во процес на приклучување кон ЕУ, а голем дел од регионот веќе е во НАТО, значи дека, без оглед на вербалните ескапади во Белград и Загреб, ќе остане мирен.

Д-р Душан Рељиќ од берлиснкиот Институт за политика и наука е политички експерт за Југоисточна Европа.