1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Филм

Оскари 2019: „Зелена книга“ е најдобар филм

ЕМФ / дв
25 февруари 2019

Жирито сметаше дека нема подобар филм од драмата која го тематизира расизмот. „Зелена книга“ доби Оскар за најдобар филм. Еве ги најважните одлуки на овогодишното доделување на Оскарите:

https://p.dw.com/p/3E248
Oscarverleihung 2019 | Bester Film - Green Book
Главниот Оскар за „Зелена книга“: Питер Фарели и неговата екипа на сцената на Долби-театарот во Лос АнџелесФотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Pizzello

Оскарот за најдобар филм му е доделен на „Зелена книга“. Комедијата која се фокусира на односот помеѓу пијанист црнец и неговиот возач белец во времето на расна поделба во јужните американски сојузни држави ја доби главната награда на овогодишното доделување на Оскарите. Филмот на Питер Фарели се заснова на вистинска приказна. Тој ги победи „Боемска рапсодија“, „Рома“и „Вајс“.

Најдобар актер: Рами Малек

Oscarverleihung 2019 | Bester Darsteller - Rami Malek
Фотографија: AFP/V. Macon

Рами Малек освои Оскар за најдобар актер за својата улога во филмот „Боемска рапсодија“. Малек во филмот го глуми Фреди Меркјури, легендарниот фронтмен на групата „Квин“, кој почина во 1991 година. „Ѝ благодарам на Квин“, реќе 37-годишниот актер по примањето на наградата. Рами Малек во својата категорија ги победи Кристијан Бејл („Вајс“), Бредли Купер („Ѕвездата е родена“), Виљем Дафо („Ван Гог - на прагот на вечноста“) и Виго Мортенсен („Зелена книга“). Филмот „Боемска рапсодија“, инаку, освои најголем број Оскари - вкупно 4.

Најдобра актерка: Оливија Колман

Oscarverleihung 2019 | Beste Darstellerin - Olivia Colman
Фотографија: Reuters/M. Blake

Британката Оливија Колман беше прогласена за најдобра актерка за својата улога како британската кралица Ана во „Миленичка“. 45-годишната Колман во оваа категорија ги остави зад себе Јалица Апарисио („Рома“), Глен Клоуз („Сопругата на Нобеловецот“), Лејди Гага („Ѕвездата е родена“) и Мелиса Меккарти („Ќе можеш ли некогаш да ми простиш“). За филмот „Миленичка“ резултатот од Оскарите сепак е разочарувачки, поради тоа што тој, исто како и „Рома“, имаше 10 номинации, а освои само Оскар за најдобра актерка.

Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје: „Рома“

34. Film Independent Spirit Awards| Alfonso Cuaron
Фотографија: picture-alliance/AP Images/C. Pizzello

Германскиот режисер Флоријан Хенкел фон Донерсмарк остана со празни раце и не освои награда за својата ументичка драма „Дело без автор“. Наместо тоа, Оскарот за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје годинава го освои филмот „Рома“ на мексиканскиот режисер Алфонсо Куарон. „Рома“ раскажува за семејство во Мексико во 1970-те и претставува омаж за дадилките од минатото на Куарон.

Најдобра режија & Најдобра камера: Алфонсо Куарон

Мексиканецот Куарон освои Оскар и за најдобра режија и камера. „Рома“ е сниман за стриминг-мрежата Нетфликс, која со тоа освои вкупно три Оскари во категории кои се сметаат за важни.

Најдобра актерка во споредна улога: Реџина Кинг

Oscarverleihung 2019 | Beste Nebendarstellerin - Regina King
Фотографија: AFP/F. J. Brown

48-годишната Афроамериканка од САД ја освои наградата за својата улога во драмата „Кога улицата Бил би можела да зборува“. Филмот се базира врз истоимениот роман на американскиот автор Џејмс Болдвин од 1974 година. Реџина Кинг е во улогата на мајка која се залага за пријателот, затворен неправедно за силување на нејзината ќерка. Кинг ги победи Ејми Адамс („Вајс“), Марина де Тавира („Рома“), како и Ема Стоун и Рејчел Вајс (двете во „Миленичка“).

Најдобар актер во споредна улога: Махершала Али

Oscarverleihung 2019 | Bester Nebendarsteller - Mahershala Ali
Фотографија: Reuters/M. Blake

45-годишниот Американец ја освои наградата за своето остварување во филмот кој го тематизира расизмот - „Зелена книга“. Во него глуми надарен афроамерикански музичар, кој во 1960-те со својот возач белец патува низ јужните американски сојузни држави. Ова е втор Оскар за Али. Во 2017 година тој освои Оскар за споредна улога во филмот „Месечина“. „Зелена книга“ освои вкупно три оскари, исто колку „Рома“ и „Црниот пантер“.

Најдобра песна: „Shallow

Oscarverleihung 2019 | Lady Gaga
Фотографија: Reuters/M. Anzuoni

Со песната „Shallow“ од филмот „Ѕвездата е родена“ Лејди Гага го освои Оскарот за најдобра песна. Пејачката ја изведе баладата во живо на сцената во Лос Анџелес заедно со својот колега Бредли Купер. Лејди Гага беше номинирана и во категоријата за најдобра главна женска улога, но остана со празни раце.

Најдобро адаптирано сценарио

Oscarverleihung 2019 | Bestes Adaptierte Drehbuch - BlacKkKlansman
Фотографија: AFP/K. Winter

Оскарот за најдобро адаптирано сценарио го освоија Чарли Вахтел, Давид Рабиновиц, Кевин Вилмот и Спајк Ли за „Црниот член на Кју-Клукс-Клан“. Ли го искористи својот говор за да изрази политички став. „Пред целиот свет им оддавам почест на нашите предци кои ја градеа оваа земја“, рече режисерот на политичката сатира. Пред 400 години предците од Африка биле поробени и важно е да се учи за нив, рече Ли, додавајќи: „Тогаш повторно ќе си ја вратиме нашата човечност“. Освен тоа, Афроамериканецот Ли индиректно ја критикуваше и владата на САД. „Претседателските избори во 2020 година не се далеку. Да бидеме активни и да се поставиме на вистинската страна на историјата“, порача тој.