1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Оружјето не помага против коронавирус

Миодраг Шориќ
28 април 2020

Пандемијата на коронавирус открива големи слабости во досегашната безбедносна политика. Зашто, вирусот не може да се победи со воени средства. Потребно е целосно преиспитување на одбраната, смета Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/3bVgx
USA New York | Coronavirus | USNS Comfort & Freiheitsstatue
Фотографија: Reuters/M. Segar

Грижата за безбедноста е главна задача на државата. Зашто, само така граѓаните можат да живеат достоинствено и слободно и само така е можен економски просперитет. Лесно е да се каже. Во стварност, коронавирусот на сите им покажува каква е состојбата во земјата во која живеат: дали таа се наоѓа во опасни ситуации? И што е уште поважно – дали била подготвена за една ваква закана?

Оваа криза никој не можеше да ја предвиди, велат одговорните. Но, од 2003 година имаше пандемии како САРС, свински грип, МЕРС, ебола или цика-вирус. Владите значи имаа доволно време за да се подготват за пандемии. Тоа важи барем за богатите земји од северната хемисфера. Но, најголем дел од нив поставија погрешни приоритети. Билионски суми се издвоени за вооружување, наместо за дејствување во кризни ситуации.

Моќни војски и лоши здравствени системи

Меѓутоа, тенковите и борбените авиони не помагаат во борба против пандемијата. Носачите на авиони не се во состојба да ја заштитат ни својата посада, а камоли цивилите на копно. Исклучиво моќната војска не може да се погрижи за безбедност. Големите издатоци за вооружување често значат дека нема да има доволно пари за модерен здравствен систем, за функционална инфраструктура или за заштита на животната средина.

Повеќе:

СИПРИ: Германија засилено се вооружува

Светот го здружува силите против коронавирусот, САД не учествуваат

Светот „гори“, трговијата со оружје цвета

Издатоците за вооружување на секоја одделна нација не се само расфрлање на пари, туку и на потта на нивните работници, генијалноста на нивните научници и надежите на нивните деца. Тоа го има кажано еден генерал: американскиот претседател Двајт Ајзенхауер во 1953 година, среде Студената војна.

По терористичките напади  од 11 септември 2001 година, Америка се вооружуваше и се бореше против радикално-исламистичките терористи во земји каде нив ги имаше, но и каде што ги немаше. Но, нападите на т.н. божји воини делуваат речиси мали во споредба со бројот на жртви кои само во САД ги предизвика пандемијата на коронавирус.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ

Да нема забуна: секако дека на секоја земја ѝ е потреба војска за да ги штити своите граѓани од напади. САД со својата морнарица ширум светот обезбедуваат и важни трговски патишта. Но сепак и Вашингтон, како и многу други главни градови, погрешно ја процени вистинската опасност на ситуацијата. Заканите од пандемија, климатските промени или уништувањето на животната средина постојано наново се потценуваат.

А во заветрината на пандемијата на коронавирус се кријат и други ризици: бунтот на гладните, првенствено во Африка и делови на Азија.

Изолацијата и протекционизмот не помагаат

Во САД повторно се буди старата желба за изолација од остатокот на светот: да се држиме едноставно подалеку од кризите и војните во светот! Но, изолационизмот не помага. Ни вирусите, ни климатските промени не запираат на национаните граници. Долгорочно, штети и протекционизмот. Тој ѝ штети на извозната индустрија, го забавува економскиот раст и ги тера луѓето во сиромаштија. Последиците на коронавирусот би можеле да бидат поопасни од него самиот. 

Пандемијата покажа колку светот во суштина станал мал. Како она што се случува во некоја далечна земја, за многу кратко време ги тангира граѓаните на сите континенти. Глобализацијата не може да се запре или да се врати наназад.

Светската заедница е осудена на зедничко дејствување. За да функционира тоа, богатите земји од северот, пред сѐ САД, би морале да покажат лидерска сила и да учат од грешките во минатото. Само ако тоа успее, нашиот свет може да биде побезбеден.